Под мотото „Спектакуларно непослушни“ денеска низ скопските улици се одржа 5. Парада на гордоста. Слоганот, според организаторите, ја симболизира непослушноста кон патријархатот и спектакуларноста на пет години одржување на Парадата.
Стотици луѓе од најразлични генерации се приклучија на маршот и славењето на различности, што тргна од паркот Жена борец, а главниот собир е на стадионот на АРМ во градски парк, каде што имаше и уметничка програма, мина без инциденти.
Организаторите велат ова е еден ден кога ЛГБТИ луѓето можат да бидат видливи, свои и автентични.
„ЛГБТ заедницата секогаш била одговорен член на ова општество, ги исполнуваме нашите обврски кон државата, но не добиваме никаков фидбек. Нашите права не се почитуваат“, беа дел од пораките.
„Додека се радувам гледајќи ја ќерка ми како го вее знамето на заедницата не можам, а да не се сетам на сите ЛГБТКу тинејџери кои жиеват во страв од своите родители или се соочуваат со отфрлање“, изјави мајка на трансродово лице.
“Родители, додека општествените правила ви налагаат да се срамите и да ги отфрлате вашите деца, бидете спектакуларно непослушни, прифатете ги какви што се и бидете горди на нив. Кога ќерка ми се охрабри да каже дека е трансродова, го срушивме најдебелиот ѕид меѓу нас што ме попречуваше да ја запознаам целосно и вистински. Претходно предолго гледав како моето весело дете се претвора во исплашена и повлечена тинејџерка. Нејзиното „излегување од шкафот“ го дочекав со радост и големо олеснување што, пак, помогна веднаш да исчезнат сите нејзини грижи и стравови и да ми се врати детето кое го знаев отсекогаш. Родители, додека општествените правила ви налагаат да се срамите и да ги отфрлате вашите деца, бидете спектакуларно непослушни и прифатете ги какви што се и бидете горди на нив”, потенцира мајката.
“Многу тинејџери живеат во страв од своите родители и се соочуваат со отфрлање, слушаат од своите соученици и професори дека не се вредни да постојат и дека не треба да ги има. Драги деца, не е во ред да живеете во страв и изолација додека вашите цис хетеро врсници го живеат тинејџерството до максимум. Не е фер од вас да се бара неизмерна сила и храброст само за да живеете и преживеете во вашите семејства. Знајте дека без разлика што зборуваат возрасните околу вас, вашите идентитети се вистински и валидни. Кога родителите одбиваат да ве прифатат, сакам да знаете дека тоа не е ваша вина, вашето постоење е бесценето и ја заслужувате целата љубов и поддршка на светот. Во најтешките моменти, кога се чувствувате најосамено и кога боли до врескање, сакам да знаете дека не сте сами, дека постои една цела заедница која е тука да ве поддржи”, истакна мајката на трансродовата тинејџерка.
Поддршка на годинашниот „Скопје Прајд“ дадоа ЕУ, САД, Германија, Шпанија и Холандија, чии делегации беа присутни на настанот. Меѓу учесниците можеше да се забележи и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Фото К. Попов