Компанијата „Опен АИ“, која го разбранува дигиталниот свет со виртуелниот соговорник Четџипити, амбициозно тестира нов производ за кој верува дека ќе ја загрози доминацијата на пребарувачот Гугл, главниот извор на приходи на конкурентската компанија „Алфабет“.
Во пробната фаза новиот пребарувач „Срчџипити“ од вчера е достапен до строго одреден број корисници и издавачи на содржини на интернет. Првичната цел е пребарувачот со генеративна вештачка интелигенција да не биде посебен производ, туку да биде вграден во ултрапопуларниот сервис Четџипити.
Компанијата „Опен АИ“ најавува дека Срчџипити е „привремен прототип што ќе ги комбинира моделите со вештачка интелигенција, со способност да ги пребарува содржините на интернет“.
– Тој ќе одговара разговорно со пребарувањата и ќе дава обновени информации со јасни врски до релевантни извори – наведува компанијата.
Астрономскиот подем на Четџипити, производ што досега најбрзо се проширил во дигиталната мрежа, укажува дека новиот производ би можел да ја загрози доминантната позиција на пребарувачот Гугл на „Алфабет“, но и на „сестринскиот“ пребарувач Бинг – производ „Мајкрософт“, компанијата што е главниот инвеститор во „Опен АИ“. Иако предизвикуваат голем интерес, сите производи сѐ уште се во почетна фаза на развој и честопати генерираат лажни содржини, кои ги претставуваат како вистински. Се очекува да победи производот што прв ќе го надмине проблемот со „халуцинирање“.
– Потребен е голем напор за да се добијат одговори на мрежата, понекогаш и повеќе пребарувања за да се дојде до релевантни резултати. Убедени сме дека со надградба на разговорните капацитети на нашите модели со инстантен пристап до информации од мрежата, ќе понудиме побрзо и полесно пронаоѓање на бараната информација – објави „Опен АИ“.
Еден од неочекуваните проблеми со кои се соочуваат технолошките гиганти е токму брзото давање одговори, без да се наведат изворите. „Њујорк тајмс“, „Чикаго трибјун“ и многу други локални весници низ САД во изминатите месеци поднесоа тужби за плагијат и нарушување авторски права против „Опен АИ“, наведувајќи дека компанијата без согласност ги користела нивните производи во процесот на обука на моделите за вештачка интелигенција, со што без соодветна компензација остварува голем профит.
Технолошкиот гигант возвраќа дека нејзините производи не нарушуваат никакви авторски права, туку се придржуваат до доктрината за фер користење информации. Не толку популарниот пребарувач Перплексити има многу поголеми проблеми со тужби, бидејќи дава информации што се практично препишани, без да се наведат изворите.
„Опен АИ“ наведува дека при развојот на Срчџипити соработува со издавачите и им нуди разни опции како нивните содржини да бидат прикажани во резултатите. Тоа го сметаат за важен чекор за надминување и на правните проблеми и на „халуцинациите“ на машините. „Опен АИ“ работи на склучување на партнерства со издавачи како „Атлантик“ и „Њуз корпорејшн“, чии директори го оценија пребарувањето со помош од вештачка интелигенција како „иднината на интернетот“.
Машините за пребарување се најважното бојно поле во новата „трка за вооружување“ на технолошките гиганти.
Само пребарувањата на Гугл, проследено со реклами, во 2023 година му остварил приход на „Алфабет“ од 175 милијарди долари. Бинг на „Мајкрософт“ лани му овозможил приход од 12,2 милијарди долари.