Старо – нови зависности

Мојот син има девојка со која е повеќе од четири години, има другари, колеги, роднини со кои може да дружи и разговара, но тој според мене, поминува премногу време на интернет. Знам што е тоа и ич не ми се допаѓа. Мислам дека е тоа голема штета за луѓето, таа потреба се да се каже пред сите!? Го гледам како постојано има нешто „важно“ да напише на него, да каже, а со нас речиси и да не комуницира?

Мира (50), Скопје

Мира дарлинг, сосема сте во право. Социјалните мрежи, веќе е и „научно“ докажано, направија повеќе штета отколку корист во меѓусебните релации.
(Допрва „кривично“ ќе одговараат оние фрустрирани тинејџери што ги измислија.) Доколку пред нив, се каравме само со тие што ги познаваме, по нив, почнавме да се расправаме и со оние за кои поим немаме ни дали реално постојат.

Ваквиот вид на комуникација го извади најлошото од луѓето односно, повеќе допринесоа кон отуѓување отколку кон доближување.

Пред компјутерот многу полесно се истураат отровите, комплексите и нарцисоидноста. Истите тие , ако се сретнете лице в лице, цвикаат најбедно.

Според светските (читај: американски) истражувачи луѓето кои имаат зголемена потреба да слушнат убави работи за себе често прибегнуваат кон ваков начин на комуникација за истото и да го добијат. Се работи за очајна потреба да се биде центар на општото внимание.

Размислете што му недостасува на момчето. Едно кинеско истражување укажа дека зависноста од интернет е слична на алкохолизмот: наодот од магнентната резонанца на испитаниците кои поминуваат часови на „мрежата“ (сеедно која е платформата) покажал абнормалност на белата маса во мозокот, како и во деловите кои се задолжени за процесите на внимание, носење одлуки, контролата врз себе…

Значи, користењето на интернетот има директна поврзаност со нашето однесување во – реалното – секојдневие. Доволна причина да не му ја платите следната сметка на синот за ваквите трошоци. Младите се многу добри во компромиси.

Ограничете го на време или денови, ако сака и понатаму да го покривате во овие уживанции. Пред некој ден од Канада добив еден беџ, на кој пишува „ТикТок из фор де лузерс!“ Набавете еден таков и подмитете го комшијата што најмногу му оди на нерви на син ви. За да го носи…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *