Немилосрдната трка по заработувачка и брзиот начин на живеење, неминовно доведуваат до немање време, а ни нерви, за грижа за старите лица во семејството. Најбезболниот начин за решавање на ситуацијата, во корист на двете страни, се почесто и кај нас станува сместувањето на остарениот член на семејството во старски дом…
Така, никнаа и бројни фирми што ветуваат не само “љубов и внимание” на старите лица туку и луксузна околина. Старечката мака, која по правило ја следат и разни здравствени проблеми, во недостиг на државни установи од овој вид, ја решаваат приватните геронтолошки центри, кои личат на хотели со три ѕвездички. Повеќето од установите за социјална заштита се регистрирани како поинакви фирми – како пансиони за туристички услуги или разни агенции. Неофицијалната бројка на ваквите фирми во Македонија е околу 40-ина, што значи дека бизнисот со нудењето грижа и удомување на пензионерите практично цвета. За сума од 300 до 500 евра, во зависност од условите и услугата, се разбира, совеста ја смируваат стотици нови бизнисмени, со тоа што ги сместуваат своите довчерашни старатели во разните домови, каде што и најчесто ја дочекуваат својата смрт.
Едно од најизвиканите места од овој тип е геријатрискиот дом “Панада” во селото Орешани оддалечено од Скопје дваесетина километри. Во преубава и, велат, еколошка природна средина и исто толку убава зграда, од пред четири години постои оваа установа. Првичната идеја на сопственичката Даниела Караѓозоска, инаку, доктор на науки по социологија, била нејзиниот објект да биде хотел за стари лица, а, како што вели, нашиот менталитет го претворил практично во болница. “Ги носат луѓето кога се веќе тотално снемоштени, болни и фактички, пред самиот крај на животот. Ова беше сосема поинаку замислено, но додека се се’ уште на нога, што се вели, и при здрав разум, ги чуваат дома, ама кога негата околу старците станува тешка и премногу обврзувачка – ги сместуваат овде. Така, сега во нашата институција имаме еден поприлично ‘шарен’ состав на клиенти: од сосема самостојни луѓе, до неподвижни, па полесно болни, тешко разболени, луѓе со психички проблеми… Меѓутоа, јас не можам да одбијам никого. Штом дошле до тоа, да ја решаваат ситуацијата на ваков начин, значи не останале премногу избори”, вели д-р Караѓозоска.
Во “Панада” месечниот надоместок за згрижувањето и негата чини 350 и 400 евра, во зависност од физичката состојба на клиентот, а за нејзините станари деноноќно се грижат 25 вработени меѓу кои лекари, медицински сестри, негувателки, физиотерапевти, готвачи… (Објектот има и амбуланта, која е од отворен тип т.е. во неа доаѓаат пациенти од целата општина, а наскоро треба да купат и болничко возило.) Храната се приготвува на самото место (три главни оброци и две ужини), а прават и зимници неретко, вклучувајќи ги и домските жители, а за болните менито е посебно. Зградата е опремена со лифт, со шини за инвалидски колички, бањи, телевизори, трпезарија, кујна, голем двор…Капацитетот им е 53 легла (во двокреветни и трикреветни соби), но бројот на слободните места постојано варира. Повеќето од клиентите се постојани, но има и такви кои доаѓаат само додека семејството им е на одмор или на пат. Цената за нивното згрижување ја плаќаат нивните деца или, пак, самите зашто, се работи за клиенти со високи пензии и оние кои издаваат стан под кирија, односно го продале станот, па парите ги трошат на овој вид грижа. Во секој случај, тоа се поранешни функционери, директори на фирми, поранешни борци од НОВ (за нив во библиотеката се собраните дела на Тито и Кардељ), односно, доброситуирани жители на државава, кои се во својата трета доба. “Овде им е добро-вели, д-р Караѓозоска. Затоа и се случува да не заминат кај своите за празник. Првиот месец откако ќе дојдат се скептични. Мислат дека е ова ‘геријатрија’ каде што ги малтретираме на разни начини, но по тој адаптирачки период се смируваат, сфаќаат дека навистина се грижиме за нив и почнуваат да живеат во свој ритам. Имам писма, благодарници од кои се сфаќа целата мака и осаменост на стареењето и утехата што персоналот на ‘Панада’ им ја дава на овие луѓе. Еве, имам и еден старец кој сака јас да го погребам и тоа тука, блиску до Домот, но ‘условот’ е да ги ‘истерам’ сите религиозни обреди. Занимавајќи се со оваа работа сфатив колку е тешка староста и, веројатно, овие луѓе последната љубов во својот живот ја добиваат од мене”. Караѓозоска вели дека единствено нејзината институција ги исполнува условите за старски дом, а сите други приватни пансиони само го носат тоа име. Таа жали што нема соработка меѓу нив и болниците, па дури и ги опструираат, и што нема никакви олеснувања од државата, но дека, сепак, тоа не и’ го намалува ентузијазмот да отвори уште една “Панада” – поголема и поубава, но по десетина години.
Единствениот државен старски дом во Скопје е “Мајка Тереза” во Злокуќани, што работи во склопот на Геронтолошкиот центар “13 Ноември”, во кој пак се вклучени Геријатријата во Ѓорче Петров и Хосписот за палијативна грижа на болни од малигни заболувања “Сју Рајдер”. Капацитетот на “Мајка Тереза” е 110 легла, а присутните 96 корисници се сместени во двокреветни соби (четири соби се трикреветни) и во гарсонјиери, каде што обично живеат брачни двојки. Комплексот е всушност, составен од бараки, во кои на дваесет луѓе има по една бања, два тоалета, а кај мажите и два писоара. Гарсониерите имаат засебни бањи и мали кујни. Сите се хранат во трпезаријата (хотелски систем), но храната им ја носат веќе приготвена од Ѓорче Петров. За жителите се грижат дваесетина вработени (медицински сестри, собарки, социјален работник, работен терапевт…), лекар доаѓа на повик, а еднаш неделно ги посетува невропсихијатар и интернист. Облеката им ја пере персоналот, средства за лична хигиена им обезбедува институцијата, но се капат сами, со евентуално, помош од вработените. Атмосферата во Домот (иако составен од стар мебел и дотраени објекти, а сиот луксуз што го има во некои од собите, како телефон или клима уред се приватен “багаж” на лицето од неговиот “претходен” живот) е прилично релаксирана, старците се очигледно расположени, комуницираат меѓу себе, но овде, важно е да се напомне, сите се релативно здрави и подвижни луѓе, зашто оние што имаат потешки проблеми се сместени во веќе Геријатрија и “Сју Рајдер”. Всушност, по посетата во другите (приватни) центри од ваков тип, ви станува јасно дека е од особено значење, здравите и болни лица да бидат одвоени, што не е баш практика. Токму затоа, веројатно, разликата во расположението на луѓето сместени во старските домови е толку очигледна.
Меѓутоа, иако “Мајка Тереза” (кој со завршувањето на децентрализацијата треба да му припадне на Градот Скопје) е најевтината и најпријатната варијанта за здрав старец, леглата не се исполнети и последните години редовно има празни места. Причините за тоа ги објаснува директорот на установата, Никола Матевски: ” Покрај оној наш менталитет, според кој се’ уште ваквите престојувалишта се табу, главна причина е и големото осиромашување на народот. Пензиите стануваат важно дополнение на семејниот буџет и токму затоа поисплатливо е старото лице да остане дома во семејството, отколку да замине во дом. Освен тоа, за да се смести некој овде како социјален случај, процедурата е толку ригидна и долга што многу мал број добиваат право на престој”.
Животот во овие бараки чини 12.000 денари, а државата помага со партиципација онаму каде што таа ќе оцени дека тоа е оправдано. Што ќе рече, ако Министерството за труд и социјала смета дека лицето има потреба од сместување во Домот (значи, нема соодветни приватни услови за живеење) или ќе ја доплати потребната сума (ако постои мала пензија) или ќе ја покрие целата. Така, од постојните “штитеници” 60 отсто се социјални случаи (од цела Македонија), а другито се приватни договори т.е. оние кои сами го плаќаат целиот износ. “Мајка Тереза” е од отворен тип каде што старите лица се движат слободно, влегуваат и излегуваат кога сакаат (потребно е само да го најават своето отсуство), примаат посети, организираат прослави, работат оние што имаат желба за тоа…
Покрај ваквите престојувалишта, во државава се појавија и голем број агенции што нудат нега на стари лица, но во “автентични” услови т.е. во нивните сопствени домови. Цената повторно зависи од потребите. Овие мали фирми нудат чистење, пазарување, плаќање сметки, одење во банка, капење, облекување, средување, хранење, лична секојдневна грижа, на сите оние што сакаат да останат дома, но им е потребна помош.
Една од нив е “Ма – пет” која од 2000 година нуди ваков сервис, а на нивниот список на расположлив персонал се наоѓаат жени (мал број мажи) од различен профил: од стечајци до професорки, кои останале без работа. Всушност, агенцијата е медијатор, односно, ги поврзува оние на кои им треба услугата со оние кои го работат тоа и земаат процент од хонорарот на негувателката. “Внимаваме кого, каде испраќаме. Висината на надоместокот зависи од времето и потребите на тој што треба да се негува и се движи од 9.000 до 12.000 денари месечно од што, ние наплатуваме 10 отсто, што е помалку од Црвениот крст. Нашите жени одат од неколку часа дневно до цело деноноќие т.е. да живеат со старите лица. Имаме медицински сестри, болничарки, хигиеничарки… Разликата од обичните огласи што лично се даваат е таа што ние точно знаеме кого го испраќаме во нечиј дом и не се случило да има кражби, физички напади или други непријатни ситуации. Важно ни е и тоа негуваниот и негувателот добро да се согласат, а ако не се воспостави ‘комуникација’ нудиме друго решение. Барани сме и тоа се’ почесто. Овој бизнис има иднина зашто животот станува се’ побрз и обврските на вработените се поголеми, па така и нема многу време за грижа за старите лица”-велат сопствениците на “Ма – пет”, Виолета и Зоран Петковски.
Петковски се во право: бизнисот не само што има иднина, тој веќе е широко расцветан. Недостатокот од државни (градски) институции од овој вид, кои ќе бидат на едно повисоко ниво организирани, посовремено опремени затоа што и новите клиенти се со поголеми побарувања и една полиберална политика за сместување во нив, им овозможи на многумина дебело да заработат на третата доба, честопати не исполнувајќи ги потребните услови за отворање вакви установи. Во меѓувреме, трката по заработувачка и безмилосните пазарни времиња ги уриваат предрасудите и не оставаат премногу простор за размислување, што се’ се добива за парите и дали она, најважното – вниманието е вклучено во цената!
Староста не треба да биде опкружена со заборав и тага или, како што вели Матевски: “Таа може да биде убава и достоинствена доколку добро се организира и оние што сакаат, можат својот живот да го завршат во друштво со своите врсници, со оние со кои имаат слични размислувања и вкусови. На старските домови не треба да се гледа како на нешто непријатно, туку напротив. Меѓутоа, државата мора да помогне да се изградат нови, тие да станат подостапни, помодерни за оние кои не можат да си го дозволат приватното сместување. Од особена важност е и тоа, болните и здравите, подвижните и неподвижните да бидат во засебни, не соби, туку центри! Староста не е болест, туку процес и тој треба да заврши што е можно побезболно, во која било смисла!”
Нашите соговорници се согласуваат во тоа дека надлежните власти треба да ги обединат и да ја помогнат соработката меѓу нив за да се издигнат стандардите, а со тоа и одговорноста зашто, старите се на крајот на краиштата, оние врз чии стапки продолжуваме понатаму. Какви и да се тие.
Основни услови
Во светот за старите лица грижата на државата е на високо ниво и ваквите институции за социјална заштита повеќе личат на хотели од висока категорија. Геронтолошките центри мора да ги исполнуваат основните услови како: во нив се’ е организирано, од здравствена нега и хигиена до културно-забавен живот. Старските домови по правило се од отворен тип, па пензионерите можат да влегуваат и излегуваат, но со пријава. Секој ден мора да има тим на лекари (општа практика, интернист, кардиолог, психијатар), медицински персонал (сестри, негувателки, физиотерапевти), тим на социјални работници, работен терапевт, координатор во клубовите, готвачи, технички персонал. Услугите се слични како во хотел: три оброци, чајна кујна, перење алишта… Социјалните работници ги координираат меѓусебните односи и активностите на старите лица. Зградата треба да биде приспособена на инвалидите, собите, (покрај телефон, клима-уред, телевизор) треба да имаат засебен дел за спиење и бања, а установата мора да поседува и болничко возило. Болните можат да бидат сместени во истиот комплекс, но во посебна зграда.
Шаренило на станарите
Лицата што дел од животот или остатокот од него го поминуваат во геронтолошките центри се од најразличен профил и од најразлични причини таму. Побројни се жените, а тоа е така, зашто ем подолго живеат, ем помалку имаат проблем со “гордоста” да бидат сместени таму. Мажите по правило, повеќе се спротивставуваат на ваквите решенија и ги сметаат за понижувачки. Нивните најблиски (кога ги имаат) се одлучуваат на ваков потег најчесто поради нарушените меѓусебни семејни односи. Еден од клиентите, кој сакаше да зборува, но без да му го спомнуваме името, ни раскажа дека е во дом поради “одмазда” на синот. “Кога беше млад и му требаше финансиска помош – го одбив. Му реков дека мене не ми помогнал татко ми, па немам ни јас намера нему да му помогнам, а можев! Притоа, заборавив дека јас живеев во сосема друго време и други услови. Гледав колку му е тешко на синот и неговото семејство, но не сторив ништо за да му олеснам. Сопругата умре пред мене, а јас кога еве, вака ‘паднав’ му го понудив станот во замена да ме догледа, но тој сега мене ме одби со зборовите: ‘Сега не ми треба стан, а ни татко!’ Така, го продадов станот и дојдов овде. Добро ми е, но осаменоста ме мачи. Никому не му е битно дали сум жив или мртов. Сега се каам што бев толку себичен и тешко ја поднесувам ‘казната'”. -раскажува старецот преполн тага, но без лутина. Една сосема друга приказна раскажува една бабичка: “Ми беше арно со ќерката и зетот, ама се чувствував како да сум им на грбот. Освен тоа, по цел ден бев сама дома, внуците пораснаа, си фатија свои патишта. Им го препишав станот и со мојата пензија, која е доволна за овде, се спакував и сама си дојдов. Ќерката ме убедуваше да се вратам, ама не сакам. Овде имам друштво, си правам муабет, си плетам, везам, а тоа има кој да го види и пофали. Моите секогаш доаѓаат да ме посетат или јас одам кај нив, кога ќе посакам. За сите е вака подобро.Можеби овде ќе си најдам и некој дедо! Долги години сум без другар”, вели, насмеано бабата.
Наследство не оставаат
Нашите соговорници се едногласни кога станува збор за имотите на лицата што ги догледуваат. Обично, прашањата околу наследството (доколку го имаат) е решено уште пред да се нафатат да се грижат за човекот. Признаваат дека имало случаи кога некој сакал да им го препише имотот, но членовите на семејствата во тој случај покажуваат невидена решителност и борбеност. Всушност, велат тие, најтешко на нивните клиенти им паѓа токму тоа – кога знаат дека им се ближи крајот и на “дневен ред” доаѓа прашањето за оставината и кому и како таа да се подели. Тврдат дека тоа им се најболните моменти и дека со таа тага најтешко се справуваат.
Бранка Д. Најдовска
фото: Андреј Гиновски
„Глобус“, 2007 година