Сутерен.мк

Стечаен повик

Пет години го чекам да се разведе и пет години ги дочекувам сама сите празници. Веќе не можам вака. Постојано вели дека ќе се разведе, ама тоа не се случува. На одмор одам сама, сама китам елка, сама се будам на први јануари, а имам партнер во другите денови. Доаѓа после празниците, кога се е „неважно“, ми дава скапи подароци и вечери, а јас не се бунам, го прифаќам сето тоа. Раскинуваме, но по некое време се мириме. Имам чувство дека ми се смеат сите заради ваквата ситуација. Знам дека ќе ме искарате, ама ми треба совет?

Снежана, 30, Скопје

Снежана дарлинг, аман веќе од врските кои им штетат на сите, а најмногу на оние кои ми се обраќаат. Што бара мома за мажење со женет човек повеќе од периодот додека трае ПМС?! Ајде, нека и биде до година дена – отприлика толку треба за секоја емоција да се стабилизира, ама да си го врзеш животот за таква неизвесност пола деценија? И тоа лојално? Дури и тоа може, ама притоа да се има некој „оправдан“, траен бенефит, но според овие страници, повеќето случаи завршуваат со стечај.

Човекот има примарно семејство, кое одлучил да го лаже. Тој е тој кој треба да почитува некои морални вредности, тој врши прељуба и тој е во вонбрачна врска. Вие нема од што да се срамите освен, од свесната самонаметната второстепеност. Пред себе. Зашто се е онака како што тој сака.

Ваквите ситуации не се движат сами од себе – ние треба да влијаеме врз нив. Поентата е дека овие релации не се развиваат туку стојат на едно место. Уште поважно е што жените многу често ги повторуваат врските со истите женети мажи, како што е во вашиот случај.

На тоа бедно поле се создаваат илузиите дека токму тој, еден ден ќе реши да остане само со нас до крајот на животот. А и да реши, не знам дали таа „награда“ може да ги надомести сите изминати осамени деноноќија.

Завршете го овој празен стрип. Најдете некој со став. Кој ќе најде решенија. За вас, но и за себе.

На крајот, пред уште еден почеток: љубовта нема правила. Таа е само чувство и не може да биде подложна на некакви рационални законитости. Таа постои или не постои. Можеби и има објаснување (од психијатрите) зошто некого бираме, но тешко дека науката може да го образложи она „хемиското“ што се случува притоа. Меѓутоа, сигурно е дека можеме да најдеме сила и да ставиме крај на она што не повредува.

Зашто, утре е првиот ден од вашиот стогодишен прекрасен живот…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *