По повод 17 Септември – Меѓународниот ден на студентите, студентите вечерва излегоа на марш во Скопје за, како што рекоа, обединето остварување на нивните права.
Маршот го организираат универзитетските студентски собранија при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“.
Маршот започна од пред Владата, од каде студентите се упатија кон Министерството за образование и наука и на него ги повторија барањата за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк, изедначување на стипендиите, дигитализација и подигнување на квалитетот на образование.
На иницијатива на собранискиот Клуб за младински прашања и политики, во Собранието денеска се одржа и средба меѓу министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, студенти и пратеници на која беше претставен проектот на МОН вреден околу 20 милиони евра поддржан од Германската развојна банка.
Министерот информираше дека според планот од почетокот на 2023 година ќе се реализира проектот за реновирање на студентските домови во државава и ќе се стартува со „Стив Наумов“ во Скопје, каде е оценето дека условите се најлоши.
Во организација на младинското движење „Студентски отпор“ пред три дена се одржа уште еден протест, а по кој беше постигнат договор да остане постојното решение за субвенциониран студентски оброк до наоѓање системско решение.
Од Владата вчера порачаа дека се работи на сите прашања заради кои се повикува на протести и оти во најскоро време ќе има решенија.