Сутерен.мк

Таткото на Вања: Не сум веќе ни родител, ни татко

Последната шанса за укинување на притворот на таткото Вања, Александар Ѓорчевски денеска ја искористи неговата одбрана на јавната седница на Врховниот суд, кој минатиот месец не ја прифати жалбата по одлуката на Апелација. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка и од декември е во притвор во Шутка.

– Се соочувам со апсурдни обвинувања до апсолутност. Во моментите кога не можев да пуштам ниту глас, ниту солза, бев обвинуван во полициска станица и тоа за работи што не ми се јасни и не ги разбирам. Ми одзедоа се. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. И јас водев моја истрага. Би сакал да го дознаам идентитетот на луѓето што го направија ова и сите тие се подеднакво виновни.

Со овие зборови, низ солзи, Александар Ѓорчевски, осомничен за помагање во грабнувањето на неговата 14-годишна ќерка Вања Ѓорчевска, која беше убиена.

Во меѓувреме, како што истакна неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ, семејната трагедија што ја преживува неговиот клиент ескалира бидејќи тој нема контакт со другата ќерка, односно не му е дозволено да го види своето друго дете, поради што во случајот морал да се вклучи Центарот за социјални работи. Во Центарот за социјални работи викнати биле мајката на Вања Ѓорчевска, таткото Александар и сестрата на Александар.

– Трагичната судбина на овој човек, покрај тоа што го има загубено детето, е во добра мерка инспирирана од несреќната и непрофесионална прес-конференција на тогашниот министер за внатрешни работи кој изнесе непроверени наводи, кои во јавноста беа пласирани во форма на обвинение и осудителна пресуда, без да се води сметка за пресумпцијата на невиност. Сето тоа личи како да е кажано крајно невнимателно и во добра мерка улога во таа работа за жал имаат и некои луѓе кои биле дел од владејачката структура. Биле и пратеници кои на своите Фејсбук профили веднаш се приклучија и ги поддржаа наводите што тогаш ги кажа министерот за внатрешни работи, рече адвокатот на Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ.

Обвинителот Наум Пановски побара да се одбие жалбата и порача дека обвинителството останува во целост на наводите во предлогот за притвор кои се изнесени во решението.

Се уште се чека на екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, првосомничен за грабнувањето и двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Според исказите на останатите осомничени, Палевски им кажал дека информациите за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом и дека ќе биде сама му ги дал Ѓорчевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *