Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска се појави на јавната седница во Врховниот суд каде се расправаше по неговата жалба за одредениот притвор. Ѓорчевски е осомничен за помагање во грабнувањето на неговата ќерка и повеќе од три месеци се наоѓа во притвор.
Во своето излагање пред судот тој даде исказ:
„Јас сум поделен на два света. Во моментот едното дете ми се наоѓа тука, другото го одземаа. Воопшто не ми е важно каде ќе ја дочекам разрешницата, туку конечно да ја дочекам за да ја донесам одлуката дали ќе продолжам на овој свет или кај другото дете“, изјави Ѓорчевски пред судот.
Врховниот суд неколку часа подоцна донесе одлука со која ја одби жалбата на Александар Ѓорчевски како неоснована.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд по одржаната јавна седница донесе Решение ВКЖ1-11/24 со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, ја одби како неоснована и го потврди решението на Алепациониот суд Скопје“, соопштија од Врховниот суд.
Минатиот месец Апелацискиот суд исто така ја одби жалбата на Александар Ѓорчевски .
Неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, по завршувањето на седницата повтори дека неговиот клиент не се познава со останатите осомничени и нема доказ дека тој комуницирал со нив и затоа не треба да се продолжи мерката притвор особено во овој случај бидејќи станува збор за превентивен.
„Основано сомнение дека било извршено кривично дело подразбира постоење на факти и информации за кои некој би можел да се убеди дека осомничениот го сторил делото. Јавниот обвинител не ме удостои она што е негова законска обврска да ми ги предочи доказите, иако и на тоа се повика при сослушувањето на Александар, кое е видео снимено и до ден денеска не постапил по тоа барање“, рече Туфегџиќ.
„Во тек е вештачење на телефонските разговори од кои како докази се извлекува неспорно сомнение дека го сторил кривичното дело. Се уште постои причина за притвор, бидејќи станува збор за тешко кривично дело од кое е произлезена тешка последица и одземен млад живот. Осомничениот може да се даде во бегство“, изјави обвинителката Наталија Тасевска.