Сутерен.мк

Татјана Алексиќ: Слобода закачена на Фејсбук

Живееме имитација на живот растргнати помеѓу себедоволност и недоволност, една биполарна атмосфера кога самобендисано сѐ правиш сам, но сѐ ти е недоволно…

Ние сме едно глобално селфи, а секое селфи отвора простор за недоволност и чкрапање во недоглед. Порано ни требаше барем уште еден човек за да се овековечиме преку фотка, сега се овековечуваме сами. Селфиш! Сами себе се глорифицираме и виктимизираме истовремено.

Глумиме слобода! Имаме позерска слобода – имитираш слобода и ја закачуваш на Инста, Фб, Твитер… Но таа веќе не е твоја слобода, ниту ти е доволна. Недоволноста е патолошко незадоволство, зависност од големи потфати, успеси и остварувања…Никогаш доволни големини. Никогош доволно грандиозен пред предизвиците од кои си адреналински зависник.

Тежнееме кон ,,скроз одличен” животен успех, но го живееме како потенцијални повторувачи, ,,седи, недоволен (1)”. Сакаш уште и многу, повеќе и постојано, но и шеикот и питачот бројат 365 дена во годината. Ова е ера на укината приватност, на недоволна слобода. Светот живее во отворен затвор.

Човекот во раце држи мобилен телефон, наместо плуг или копач. Децата си ги воспитуваме преку телефони, правејќи ерозии во водпитно-образовниот систем. Ние сме само една голема осамена толпа, изолиран џган полн презир и очајна потреба за љубов. Секој сака да биде богат и славен, жените извештачено згодни како Ким Кардашијан, мажите очајно богати и манипулатовни како Бил Гејтс, а останатите нешто помеѓу нив.

За среќа има една мала група луѓе, одбрана од Бога која не се натпреварува со успешен живот, туку го живее. Успехот се покажува на инста, препукува на фб, патологизира на твитер и сѐ во електронскиот круг на виртуелната стварност. Живееме во ера на крајности. Се бориме за различност, а тежнееме кон ист изглед, исти лица, тела и живеалишта . Помодарството е секаде исто, модата е различна. Ние сме клонови на некогашните луѓе. Очајно се подмладуваме, а брзо старееме, првин во духот.

Но има и нешто убаво во сиот тој новонаметнат ,,задругарски” систем, запишан од Џорџ Орвел 1946 година, во дистопискиот роман ,,1984″ уште на првата страница со големи букви: ,,ГОЛЕМИОТ БРАТ ТЕ ГЛЕДА”. Сѐ повеќе нарцисоидно пореметени личности кои патат од грандиозност и потребата за гледаност, да бидат видени. Новиот милениум технички и ментално овозможи услови за манипулатори.

Потребата за убаво не може да се убие, божественото, благородното и возвишеното се лековити, а сите ги има во книгите, било пишувани или читани, било од писател или од читач. Сега повеќе се пишува отколку чита, секогаш остануваат непрочитани многу испишани страници. Не постои голем живот сѐ да се прочита, не постои голем живот сѐ да се види, проба, осознае…

Сите ние сме само еден мал живот, тоа е првата работа која треба да им се објасни на децата. На убавиците треба навреме да им се објасни дека ќе остарат, на победниците дека победите се релативни колку и поразите, дека сѐ е менливо, минливо и небитно, кога ќе ја сфатиш битноста. Ние живееме во една извештачена култура на победници, а никогаш попоразени не сме биле.

Не се умира ако не си во право и ако не знаеш, само се гледа во очи на заблудата. Заблудите се добри учители кога ќе се соочиш со нив и разочараш од нив. Дури тогаш ќе ти олесни дека не мораш веќе ништо. Само така си ја враќаш слободата на заробениот ум, кога ќе се соочиш со сопствените заблуди. Секое материјално достигнување всушност е амбис во заседа. Само духовниот простор е бесконечен простор каде има место за сите.

Никој ништо не може да ти земе од духовниот простор, за разлика од материјалниот каде сѐ може да се разграби… Зграпчи го малиот живот, во него се кријат големини. Замени ја фотелјата со камен, килимот со трева, вентилаторот со крошна од чинар, а сидовите со небо. И живеј го животот со полна пареа, оти секоја вечност е кратка додекабси стуткан во клопче! Животот е една обична замка, здодевна стапица од каде само смртта избавува…

Дур си стуткан во клопчето животни премрежија ти живееш. Мигот на потполна слобода, зенот на просветлувањето, е кога умираш…Тогаш никој и ништо не можат да се играат со твојата слобода и ничии раце да те манипулираат. Тогаш си во Божји раце и вечна слобода. Затоа, единствената сериозна работа на светот е смртта.Таа не е трик или лага, смртта е вистина за која умислуваме дека можеби е непроверен трач и афера или дека после смртта има подобри места за душите. Од кога е светот и векот, се што се раѓа неминовно умира и не треба да се плашиме од неминовноста.

Но, исто толку не треба ни да ја забрзуваме, предизвикуваме, провоцираме, да ѝ даваме можности и услови да нѐ стаса пред време… Смртта треба да се одложува сѐ до судниот ден. Луѓето посегнуваат по дрога и алкохол, брзо возење и коцкање, ја предизвикуваат смртта на двобој заборавајќи ја нејзината надмоќ.

Забораваме колку сме мали и немоќни пред болеста и смртта, расправајќи се секојдневно со животот, додека сме во негова стапица. Забораваме дека не вреди за никого да се леат горчливи солзи непремолк, освен оние солзи кои ќе ти ја исперат душата од отрови… Тие се лековити.

Забораваме дека немаме резервни органи и дека скинатите нерви ништо не ги крпи… Забораваме дека еднаш скинато срце не може да се закрпи и да биде истото… И дека крпениот живот со крпеници, не може да биде подобар, освен во романот на Стале Попов ,,Крпен живот”. Забораваме дека неодлучноста да се прекине со лоши навики е лична манипулација, себеизмама…

Неодлучните и Пеколот на Данте Алигиери ги презира оставајќи ги во вечна темница пред влезот на Пеколот. Забораваме дека тоа што ќе го посееш, ќе го жнееш… Забораваме. Но така треба, да ги забораваме непријатностите од минатото, за да ѝ дадеме шанса на иднината. Она што не смееме да го заборавиме се миговите на сегашноста, само тие се разумно делотворни.

Ништо не им можеме ни на минатото, ниту на иднината. Само сегашноста е делотворна. ,,Зато живи живот овај и не грицкај као миш дане, јер свака вечност је кратка” – Алекса Шантиќ.

(Авторката е наставник по македонски јазик е една од малкуте дами на ова тло, која не само што има да каже, туку и го кажува тоа. Без задршка, калкулации и уште поважно, не обзирајќи се на бамборењето на бесрамните, кои толку многу ги има, а богами и со добро здравје и долг животен век се.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот сутерен.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *