Со в.д. уметничкиот раководител на Балетот на Македонскиот народен театар, разговаравме за нејзиното заминување од функцијата, партиската припадност, обвинувањата за немање визија и за уништувањето на кадрите, расипното трошење на пари, (не)согласувањата со директорот на МНТ, Бранко Цветковски…
• Како дел од тимот што го формираше бившиот директор на МНТ, Владо Цветановски, не чувствувате ли обврска да си дадете оставка?
– Секој генерален директор во формирањето на својот тим зема соработници чиј концепт е адекватен на неговата визија. Јас бев вклучена во таа екипа бидејќи мојата програма се совпаѓаше со идејата на Владо Цветановски затоа како треба да изгледа еден Национален театар и во него еден Национален балет. Во овој краток период (бев именувана на први јули 1999 година) направив се и јас не се срамам од тоа. Напротив, направив нешто што не било можно во последните години, така што не гледам причина да бегам под притисок на двајца – тројца кои, немајќи што да работат, се занимават со исполнување на своите нереализирани животни желби. Но, немам ништо против отказот да го добијам од Цветковски, имајќи ја предвид огромната ерозија на моралните вредности.
• Останувате во тимот на новоименуваниот директор Бранко Цветковски?
– Дали ќе останам зависи само од неговиот став, дали концептот што јас го застапувам нему му одговара или не.
• Значи ли тоа дека се согласувате со изборот на Цветковски за генерален директор на МНТ?
– Не сум јас компетентна да одлучувам кој ќе биде или не генерален директор на Куќата. Него го назначува Министерството за култура и не ме прашуваат за моето лично мислење. Самоуправувањето одамна заврши! За Цветковски не можам априори да зборувам дали ми се допаѓа или не или, дали се согласувам со него или не. Треба да помине време, да ја видиме неговата замисла, концепт, како ќе ја води Куќата… па потоа да дискутираме дали е добар или лош избор!
• Велат дека, ако не по друго, тогаш Цветковски ви одговара по партиската припадност кон ВМРО – ДПМНЕ?
– Не сум член на ниедна партија, бев избрана за раководител на Балетот како личност која придонела за балетската уметност, а не како човек кој некој го штити. Доколку стручниот кадар се избира според партиската определеност, моето место оддамна не би требало да биде ни на сцената. Мојата единствена заштита е мојот професионализам! Дури ни мојот сопруг не работи во Балетот и не може да тврди дека сум единствената и најдобрата балерина откако постои македонскиот балет.
• Да, но токму за него велат дека е особено близок до ВМРО – ДПМНЕ!
– Мојот сопруг работи во МВР како началник на Управата за недозволена трговија со дрога и е човекот кој заедно со својата екипа е заслужен за успесите што ги постигна таа Управа, за што е запознаена јавноста, како професионалец, а не партиски човек.
• Како раководител на Балетот Ве обвинуваат за недомаќинско користење на доделените финансиски средства?
– Јас на оваа функција стапив на први јули 1999 година, наследувајќи ја Зоица Пуровска како дотогашен раководител. Тогашната сметка на Балетот беше со 3 299 849 денари направени, а неисплатени обврски и 393 000 денари исплатени обврски (преглед од 29 јуни 1999 година) од кои Министерството за култура до денеска не го признава трошокот од 1 085 000 денари за јубилејот 50 години балет, бидејќи дало 800 000 денари, а ова се екстра трошоци. Тој долг е останат до денешен ден, бидејќи нема правно регулирани договори и долгот за „Македонска повест“ од 561 940 денари, за која Министерството за култура префрлило пари уште во 1998 година, но тие биле потрошени за други цели. Поголемиот дел од оваа сума е исплатена во овој период врз основа на правно регулирани договори. Стартував со долг поголем од буџетот на Балетот за таа година, а за да се исполни програмата за наредните шест месеци беа потребни екстра средства што беа одобрени со подршка на екс министерот Димитар Димитров.
• Се споменуваат и нереални сметки за вашиот мобилен телефон и за репрезентација?
– Телефонската сметка за мобилниот, што го имам од октомври ’99 – та, за декември е 4 872, 50 денари, за јануари е 3 758,50 денари, за февруари е 5 031, 50 денари, за март е 3 419,50 денари… со исклучок на онаа сметка во времето кога бевме во Тајван, зошто морав да комуницирам со тогашниот директор Цветановски. Фактурите во бифето се 450 денари, 2750, 1418 и 2311 денари освен, една фактура која изнесува 14 270 денари, а која е направена кога беше избедбата на „Жизел“, беа присутни премиерот Георгиевски, министерот за култура, министерот за надворешни работи и други високи гости. Така што…!?
• Ве обвинуваат и за запоставување на потенцијалните кадри, а за форсирање на вам блиски поединци?
– Кадровската политика т.е. промовирање на млади кадри е дел од мојата концепција и јас стојам апсолутно зад неа. Горан Божинов, Катерина Кипровска, Марија Јосифовска, Искра Шукарова, Марија Кичевска, Наташа Николова, Кире Павлов, Никола Саздов… се луѓето кои се сегашноста и иднината на македонскиот балет и јас стојам зад нив со целиот свој професионален аворитет. Многу често во обвинувањата се споменува Рисима Матевска (Рисимкин). А, таа поради својот неангажман како балетски играч беше ангажирана во службата за маркетонг која беше под директни ингеренции на генералниот директор и секој нејзин ангажман во продицентска смисла, беше диктиран од Владо Цветановски. Во овој период таа не се појави ни како кореограф во репертоарот на Балетот, што не беше случај во претходните периоди ( „Кармен“, „Дабова шума“). Единствен нгажман и беше како асистент на „Песни за љубовта и смртта“ што и беше доделено во времето на директорувањето на Зоица Пуровска.
• Ви забележуваат дека немате визија за иднината на Балетот?
– Напротив, јас имам апсолутно визија која во овој момент ја оспорувана од неколку луѓе кои не учествуваат во нејзината реализација поради нивната возраст, неадекватен изглед и личен неангажман. Обнова на „Жизел“, обнова на „Корсар“, премиера на „Ромео и Јулија“ – се претстави кои се неопходни во постоењето на еден Национален балет. Претстави, кои го добија максималниот естетски облик, претстави во кои учествуваше најдобриот кадровски потенцијал на Балетот и претстави во кои по долги години се вклучи и Оркестарот на МНТ. Водечкиот уметнички тим е: Роверт Кљавин – народен артист на Украина, еден од најзначајните педагози во Европа, познат кореограф, десет години директор на Киевскиот национален балет – од први септември 1999 година работи како педагог – репетитор во балетот на МНТ, а во Скопје дојде благодарение на моите лични контакти со него. Марин Црвенов – најголемата ѕвезда на македонскиот балет од машкиот кадар и Јагода Сланева – првенка на Балетот на МНТ. Тим со кој може да се гордее секој раководител. Од сето ова можете да заклучите дали постоела визија или не!
• Се чувствувате ли доволно способна да го водите Балетот и дали помислувате да и се посветите само на уметноста, а раководењето да му го препуштите на некој друг, а со тоа и сиве овие проблеми?
– Во сите големи балетски центри во светот раководители се и биле најголемите играчи, како Нуреев во Гранд опера, Алмира Османовиќ во Загреб, Лидија Филипенко во Белград, Баришњиков во Метрополитен, Маја Плисецкаја во Милано, Васиљев во Бољшој театар или водечки кореографи како Григорович, Баланшин, Бежар … Тоа се луѓе кои имаат врвна уметничка биографија и авторитет кој им дава право да ги реализираат своите уметнички визии. Во целата оваа работа влегов вложувајќи го целиот свој творечки капитал: 20 години поминати на сцената на МНТ, остварени над 50 први, втори и солистички улоги, добитник на три југословенски награди, добитник на наградата „13 Ноември“, претставник на македонскиот балет во Киев, Париз, Хелсинки, Нирнберг, Палермо, Лондон, Атина, Тајван, Нови Сад, Белград, Сараево… Во ова се состои целиот мој живот и ова е преголем влог и гаранција за тоа дека работата и обврските ги сфаќам со потполна одговорност. Не сум многу среќна што се занимавам со оваа дополнителна функција, но сметам дека сите оние што нешто знаат и можат во државата, доколку се повлечат по линија на помал отпор, тогаш немаат ни право да реагираат за условите што им ги создаваат другите.
Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година