Сутерен.мк

Тања Кочовска: Семејство како тврдина

Со сопругот Предраг Павловски се еден од заштитните знаци на Театарот за деца и младинци, но како свој најголем успех го сметаат својот дом исполнет со хармонија

По децениите поминати на сцената, многуте награди и признанија, дружбите, патувањата, популарноста и изградената кариера, Тања Кочовска Павловска (46) за најголем успех смета само едно – своето среќно семејство. Со помош секако и на својот сопруг, Предраг Павловски (45), тие фамилијарни односи исполнети со разбирање, смеа и љубов, ги градела со години и ги брани, секој ден, секој миг да не бидат нарушени од никој однадвор…

– Тука не давам никој да ми чепне! Отворено разговараме за се, се знаеме еден за друг и се решаваме четворицата заедно на маса. Овде, дома се решаваат сите проблеми и недоразбирања – потенцира таа. А домот, сместен во една од зградите во скопската населба Карпош, веќе е подготвен за Великден. Декориран пригодно, со испланирано мени и многу радост го исчекуваат големиот ден. На Тања почитта кон верските празници и е всадена уште од дете, од баба и по мајка, која била особено посветена на црквата, која одела и на аџилак. Ги сака ваквите денови, кога се сите дома, заедно.

– Многу им се радувам на овие празнувања и ништо не ми е тешко да направам за што посвечено и пораскошно да ги дочекаме – вели таа, а нејзиниот сопруг додава дека нејзе всушност, ниту останатите денови не и се поразлични од овие.

– Станува пред сите, последна легнува, ги врши сите домашни работи, излегува и прва е на проба в театар. Едвај чекаме со децата да замине на некое патување, да одмориме малку. Ама брзо и завршуваат тие отсуства – се смее тој, а Тања ги потврдува неговите зборови велејќи дека толку се среќни кога отсуствува од дома што „пожртвувано“ тројцата и помагаат околу подготовките за патувањето и се страшно умни и беспоговорно ги примаат нејзините инструкции пред да тргне на пат.

– Леле, колку се само озарени кога ме испраќаат!? И колку се скиселени кога ќе им речам дека за три – четири дена се враќам назад – со насмевка коментира таа. А дека е навистина „турбо модел“ потврдува и податокот дека минатата година „сама“ го реновирала нивниот стан. Правела планови, се пазарела со мајстори, одела по стоваришта… Додека Предраг, како секој „примерен македонски сопруг“, ја вршел најтешката работа, „седел стрпливо кај мајка му, додека не заврши реконструкцијата“.

Машко – женски обврски

– Тој од машките работи знае да се јави на телефон кога ќе заѕвони, а и крева тегови, кога става чинии во машината за миење садови. Инаку, не готви, ама стално се заканува: „Е, ќе видиш, сега кога ќе почнам да готвам!“ И, така… Еднаш, два месеца го молев да смени прегорена сијалица во ходникот и тој се накани еден ден. Излегувам од спална, а тој во бањарка и со водена коса чачка околу фасонката. Само му реков: „Костум претходно облечи да не те кршам кога ќе те облекувам. Барем да бидеш стокмен кога ќе те изнесат.“ Да бидеме искрени, Предраг пазари, плаќа сметки, таксира деца, носи, разнесува, но гледа да си помине полесно.

– Ама затоа со Александар и пееме постојано коледарски песни. Не ни дава, не сака да ја разгалуваме, ама ние упорни сме – надополнува Предраг, на што Тања веднаш има појаснување:

– Ужасно пеат, но да, упорни се. Особено на празници и кога гледаме ракомет и кошарка.
Целото семејство навива за КК „Работнички“, а Тања и за репрезентациите на Хрватска. Освен кога игра со Македонија. Во сите други случаи, целиот дом се кити со хрватски симболи. И останала таа љубов кон оваа земја од долгите летни одмори по Далмација во раната младост, епохалните дружби на Јадранско море, кои до денес и останале како цврсти пријателства.

– Дента кога Предраг ме однесе да се запознаам со мајка му која е Србинка по потекло) и брат му (татко му е оддамна починат, н.заб.) се играше ватерполо натпревар меѓу Хрватска и Србија. Јас почнав да скокам и врискам навивајќи за Хрватите, а мајка му го гледа онака „Кого бре, си донел дома!?“ – раскажува популарната актерка, која со нескриена љубов зборува за својата свекрва и девер и нивната безрезервна постојана поддршка кон нејзиното семејство. Иако во бракот со Предраг влегла со „багаж“, со дете, никогаш не се случило да и преречат збор за тоа или пак, Александар ( синот на Тања од првиот, но краткотраен брак со актерот Владимир Ендровски Љац) да го „двојат“ од нивното билошко внуче Нела. Како мајка, тврди, не почувствувала ни поглед „погрешно упатен“ кон синот.

– Напротив! Свекрва ми Лела, девер ми Андреј се вистински баба и чичко на Александар. Во буквална смисла. Тука биле и се, секогаш кога треба за нас. А Предраг за него се грижи 21 година, како секој посветен татко. Ќерките на Љац од неговиот втор брак одлично комуницираат не само со Александар, туку и со Нела. Децата супер се дружат – вели Тања. За  смиреноста и рамнотежата во себе нагласува дека најзаслужен е нејзиниот животен сопатник:

– Многу сме различни по карактер, тој е добриот, мирниот и многу ме иритира со таа негова „финоќа“, а јас сум таа што е транспарентна, бучна, но функционираме одлично. Дури и смислата за хумор ни е различна, но важно е што ја имаме во големи количини. Не би можела да живеам со некој кој не знае да се шегува. Иако, страшно ме нервира како вози, тој е совршен сопруг и татко. Грижлив, внимателен, толерантен, широка душа. Се караме секој ден, но и се сакаме секој ден.

Две децении како двојка, но и како колеги на иста театарска сцена. Кога е некој толку многу заедно, тешко останува „заедно“, но тие го имаат тајниот рецепт за успешност на бракот.

Слободни територии

– Многу ретко излегуваме како пар. Секој си е во башка друштво и башка ноќен живот. Секој со своја „слободна територија“. Тања излегува кога сака и се враќа кога сака без да ја испрашувам каде, со кого ќе оди. Нејзиниот однос е ист кон мене. Довербата е најважна. Ние ни на турнеите не спиеме во иста соба. На работа сме само соработници и мислам дека успеваме да не ги внесуваме многу нашите приватни односи меѓу останатите колеги – вели Предраг, а неговата сопруга се надоврзува:

– Од првиот момент направивме договор: ни еден од нас да не се откаже од луѓето што му биле драги пред да се сретнеме. Никој не треба да го уништи минатото на другиот. И се држиме сиве овие години до него. Не сме си префрлиле дека нешто не е сработено затоа што некој од нас заглавил со друштво. Какво и да е тоа. Нескромно ќе речам дека нашиот брак е поприлично цивилизиран, без узурпација на територијата на партнерот и без правење драми каде што не се потребни.

Двајцата, такви какви што се, непретенциозни и спонтани, така и го започнале заедничкиот живот – без пренемагања и помпи. По првата преспиена ноќ во ист кревет, веќе не се разделиле. Меѓутоа, до таа „кобна“ вечер сепак, требало да помине малку повеќе време на површно познанство. Се знаеле уште од Факултетот за драмски уметности во Скопје, но Предраг, тогаш во долгогодишна љубовна врска, бил недопирлив за останатите девојки. Тања пак, веќе позната пејачка, во неговите очи делувала премногу гламурозно и далечно. Таа потоа се вработува во Театарот за деца и младинци, но набрзо, судбината ги вмешува прстите, па и тој се доаѓа во истиот театар. Набрзо актерките почнуваат да шушкаат со симпатии за новиот колега, кој освен што е згоден е и добро воспитан и културен.

– Во тоа време јас бев веќе разведена на „големо“, а и витка, и само слушам пофалници за убавиот Предраг па, почнав и јас да го загледувам. Од тогаш се уште чувам едни три „миниќа“ , што сум ги кратела да не речам до каде, само за да го заведам. Тој пак, се држел на страна сметајќи ме за склона кон побогати, пославни љубовници. Арно ама, бевме на еден колективен театарски ручек, на кој во еден момент останавме сами. Го поканив на фајронтот да дојде кај мене дома и во пет часот наутро веќе ме побара за жена. Јас реков да иако, бев убедена дека е тоа само еуфорија по убаво поминатата ноќ. Ама излезе дека кај него зборот закон и, така е и до денес – тврди Тања и смеејќи се додава дека таа всушност, има среќа што има страшно мрзелив маж за менување на средина. Па така, колку и да сака да го откачи, тој едноставно, не сака да си оди.

Лојална другарка

Тања вели дека сака се да и е потаман. Не поднесува неред и неодговорност, а голема желба и е да купи куќа во Маврово. Позната е по импулсивните заминувања кај пријатели на кафе. На неколку дена, во други држави. Најчесто кај режисерот Боњо Лунгов во Софија, кој и е најдобриот другар и соработник. За него подготвена е и сред ноќ да го запали автомобилот и да го посети секогаш кога ќе забележи и најмала загриженост во неговиот глас во телефонските разговори.
– Лојална личност сум. Потврда за тоа ми е и стомакот, нели? – вели таа.

Два пара родители

Тања е постарата ќерка на Невена и Панче Кочовски, дел од некогаш многу популарната група „Мањифико“, за чиј успех своевремено морала и таа да плати одредена цена иако, денес тоа не го смета за данок туку, сосема спротивното.

– Во тоа време, мајка ми и татко ми одеа на турнеи што траеја со месеци, концертите се подготвуваа со недели и со моето раѓање се довела во прашање нивната кариера. Се додека тетин ми, сопругот на најстарата сестра на мајка ми не им предложил да ме чуваат. Тоа траеше десетина години. Тие имаа три деца – двајцата братучеди се починати, а братучетка ми е жива и речиси е врсничка со мајка ми, која е родена кога татко и имал 62 години. Тетка ми и тетин ми до крајот на нивниот живот ги викав мамо и тато и бев многу често во нивниот дом и се уште многу ми недостасуваат. Практично, имав два пара родители. Најтешко ми беше кога ќе ме прашаа кого повеќе сакам? Меѓутоа, денес сум благодарна за таквата ситуација. Па, ретко кое дете може да се пофали дека имало дупла родителска љубов.

Кога се родила нејзината сестра, исто така познатата пејачка Лидија Кочовска, семејството станало постатично иако, грижата за неа во поголем дел паднала врз Тања, но повторно тука биле тетките од мајка и.

– Во лутина, кога бев многу помлада знаев да им префрлам дека баш и не биле којзнае колку одговорни родители, но кога станав и самата мајка работите ми станаа појасни. Во едно уметничко семејство, каде нема строго дефинирано работно време, за тоа да функционира потребни е многу широки погледи, компромиси, толеранција меѓу неговите членови. Во спротивно, со стеги, префрлања, ограничувања на движење и комуникација тоа ќе се распадне. Ни Предраг, ни јас немаше да мрднеме многу од местото, ако кога ни беа мали децата не себично не ни излезеа во пресрет неговите мајка и брат, моите родители! Сите помагаа за ние да напредуваме.

Сила и дух

Многумина не знаат дека Тања Кочовска Павловска е првата со диплома жена нуркач во државава. Полагала и испити од подводна медицина, член е на друштва на нуркачи… Својата неверојатна еластичност на телото ги припишува на спортскиот дух во себе. Пливала, играла ракомет, скијала, а и денес е вешта во многу атлетски зафати. Иако сакала да студира медицина и тоа, патолошка форензика, уметничките корени сепак, ќе надвладеат. Нејзините деца пак, за сега не покажуваат интерес ниту за пеење, ниту за глума. Александар (24) е посветен на менаџментот во туризмот, а средношколката Нела (18) во слободно време црта карикатури.

Празнично мени

МЕСО СО ДУЊИ

Две дуњи се сечат заедно со кората како за помфрит и така и се пржат во масло. Кога ќе се извадат од маслото се ставаат на кујнска хартија да се исцедат од маслото. Маслото во кое се пржеле дуњите се истура во друго тенџере и во него се динста една сецкана главица кромид. Кога ќе се карамелизира кромидот, се додава 1кг. свинско месо сечено на коцки и со повремено мешање го динстаме некое време. Потоа се додава малку кечап, сол, бибер и вегета (може и малку бибер во зрна) и мала чашка вода. Се покрива со капак и се остава на тивко додека да омекне месото. Кога ќе биде готово месото, се става во друг сад (огноотпорен) и помеѓу се редат испржените дуњи. Јадењево е убаво ако се прави предходниот ден, за да поприми и дуњата од месото и месото од дуњата.

ЧОРБА ОД БЕЛО МЕСО

Се динста кромид и се додава бело пилешко месо сечено на коцки. Со мешање се динста 10 минути. Потоа се додава вода (да биде еден прст над месото – така викаше баба ми) и се остава да се свари месото. Кога ќе биде готово, се додава сок од 1/2 лимон и малку рендана кора од лимонот. Потоа се додаваат 2 лажици брашно измешани во чаша млеко (како бешамел). Ова се се вари околу 15 минути (да се свари брашното) и пред да биде готово се сецка китка магдонос и се додава во чорбата. И нормално – вегета и бибер.

САЛАТА ОД ПРОКЕЉ

Кога ќе зоврие водата во тенџере се става прокељот и морковите сецкани на коцки и заедно се варат околу 7 – 10 минути. Се процедува, па се се става во огноотпорен сад, се ставаат 200 гр. кубети одозгора и додека е топло му се додава сок од лимон и маслиново масло. Околу 400 мл. кисело млеко се меша со копар и едно лукче исецкано и се прелива врз зеленчукот. Најодозгора се ставаат сецкани ореви. Се става во фрижидер да одстои 30 мин – 1ч и се служи.

САЛАТА ОД РУКОЛА

Во голем плитка чинија се реди рукола, а врз руколата се реди патлиџан на кругови и врз тоа кругови моцарела. Се посолува, се става сув или свеж босилек одозгора и на крај маслиново масло.

ШАРЕНА САЛАТА

Марула сецкана, црвено гравче од конзерва, пченка со сол и маслиново масло се мешаат заедно. Одозгора се става тартар сос или рен сос.

АНГЛИСКИ КОЛАЧ

120 гр. шеќер во прав
130 гр. Презла
1 чоколадо за готвење
2 јајца
1/2 л. чоколадно млеко
200 гр. смрзнати малини
Во млекото се топи чоколадото на тивко и се додава презлата и само 5 лажици прав шеќер од 120-те грама. Се трга од рингла и се додаваат 2-те жолчки. Во тркалезна огноотпорна тава се пече 20 – 30 мин, на 180 степени. Се вади и додека е жешко се редат малините (5 – 6 се оставаат за декорација). Се лади и се става матена павлака одозгора и се украс.

Бранка Д. Најдовска

Фото: Игор Тодоровски

„Теа модерна“, 2013 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *