Сутерен.мк

Тања Ц. Ангеловска: Корона стихови

Целиот свет е како на пауза откако е прогласена пандемијава и можеби овие денови не можете да направите баш, нешто за својата кариера, самостојниот бизнис… Меѓутоа, може да извлечете нешто од себе, за кое до сега не сте знаеле дека постои, дека го имате… Па со тоа и да ги разубавите деновите на своите најблиски, но и на оние пошироко…

Адвокатката Тања Цветковска Ангеловска (1984 година) од Ресен, токму во време на коронавирусот, животот што е главно, во затворени простории, си го разубави со нова страст – пишување на поезија! Околу петстотини песни произлегоа од љубовта во неа…

Професијата…

  • Работам речиси деценија како адвокат на животни проблематики од различни области. Но, всушност, адвокатурата не е само професија, тоа не се само судски предмети кои ќе ги решиш и ќе донесиш до печат за правосилност и од кои дебело ќе заработиш! Тоа се човечки животи, за кои се вложуваш максимално, луѓе кои стануваат дел од твојот, ти од нивниот живот. Ви се испреплетуваат патиштата на еден или друг начин и се надополнувате едни со други. Едноставно, влегуваш во нивниот живот, сакал или не. Мора да ти ја отворат „Пандорината кутија“, што никогаш на никого што не ја отвориле.
  • Со сопругот Сретен Ангеловски

Инспирацијата…

  • Ми се случувало во ходник, додека се чека пред судница, луѓе што прв пат ме гледаат, да ми ја отворат душата , во продавница исто, на пазар… Никој не ми бил досаден во смисла да си речам, аман овој и тука ли, сега и во аптека ли? Токму тие луѓе се мојата инспирација. Од друга страна, не дека сите ме обожаваат, скраја да е! Има луѓе кои накриво ме погледнуваат иако, ниту ги знам, ниту ме знаат. Но и луѓето и нелуѓето ги сакам.
Со ќерката Симона (14 години)

Стресот…

  • Ме смирува тишината , сакам да ја слушам, има што да раскаже. Во тишината дури и ти имаш привилегија да го раскажуваш по безброј пати својот монолог, без да си здосадиш. Но мазам да спијам, спијам малку, ми се чини дека ако спијам повеќе , би пропуштила многу, бидејќи сакам соновите да ги живеам, не да ги сонувам. Инаку, убедена сум дека сите сме исти, дека сите сме чиста љубов. Кога ќе подразмислам колку е човек длабок, колку да копа внатре во себе, не ќе докопа. Остај тоа, има луѓе кои не може ниту да ги закопаат, иако гробот веќе им го знаат. Нивните дела се вечност, дишат и ќе дишат.
Синот Љупчо (11 години), Тања и Сретен

Живот…

  • Душата на човекот ме привлекува. Енергијата во нас, двигателот наш, кон светлината или кон темнината. Што ќе си одбереш тоа си! Мислам, секој сам одлучува и кога остава друг за него да одлучи. Секој стих за мене е еден живот што се раѓа од мене. Да, секој стих е парче откинато од мојата душа и колку и да кинам, душата пак цела ми останува. Многу луѓе ме прашуваат каква поезија пишувам. Верувајте незнам. Не познавам јас, ваква или таква поезија. За мене поезијата е љубов, чувство, глас кој зборува во тишината,глас што не може долго да го задржиш таму, огромна желба му е да исплива на површина и да ги испрати пораките, да допре кај што треба. Не ја барајте љубовта надвор од вас . Барајте ја во вас внатре. Никогаш не чекајте да ве љубат. Вие љубете. Вие давајте. Некогаш ќе бидете среќни, некогаш не. Но секогаш ќе бидете цели. Посакувам секој стих да допре до длабочините ваши, зошто сигурна сум дека секој од нас ги има.
Со лабрадорот Бела, најразгалениот член во семејството

Среќа…

  • Среќа е дури и кога најблиските те повредуваат, зошто во тие моменти на неиздржлива болка кога мислиш дека си апсолутно несреќен , и тоа како имаш среќа ,не за да ги видиш демек тие какви биле, туку да видиш ти кој си бил, за да не си тој што си, туку за да бидеш тој што треба да бидеш. Бескрајно бидете им благодарни на сите што ве повредиле, дури кажете им фала ако имате прилика. Мислам и за нив има надеж и тие можеби ќе станат луѓе еден ден, а вашето благодарам да биде причината за тоа.

Песни…

Дожд

Дождот раскажуваше за една љубов, на хартија родена,на хартија умрена.

Тивко росеше додека се раѓаше, истураше додека умираше.

Таа љубов моја беше, дождот твој.

Ти остана со дождот.

Единствени!

Јас бев слеп како никогаш досега.

Ти зборлеста, како никоја досега.

Единствени двајцата бевме.

Додека прогледав,ти онеме.

Изгледа

Изгледа се збогуваме во истата тишина во која се препознаваме.

О, душо моја, има да не боли, како никогаш досега, само уште сме топли.

Не ја предупредивме, при врисокот, врата отворена да не остава.

Има да го запаметиме врисокот на штотуку изникнатите трендафили, низ сидовите на молкот распукани, во молкот недоумрени.

О, душо моја, трендафилите никогаш не ќе умрат, тишината има да не запамети, само уште е топла.

Далги

Овие стихови, ветрови што ги разнесуваат, во урагани што кружат, не се за вљубени.

Вљубеноста е жална, ако на неа се надеваш.

Овие стихови се за неуморните далги, на бесконечноста предадени, ветрови и урагани да љубат, зошто единствено така стасуваат среќни да се, дури и кога брегот за нив, не сака да слушне.

А камо ли да го допрат…

Овие стихови не се за вљубени.

Овие стихови се за бреговите од далгите што се одрекуваат, за далгите од бреговите што не се откажуваат.

Каење

Свечено ја отворам оваа вечер, нека се виорат фустаните на човек како тебе, мила.

Заборави на неверникот што за кратки здолништа те заменуваше.

Свечено отвори ја оваа вечер, нека се влече по подот совеста на човек како мене, мила.

Никогаш не ми простувај, без мене си за живот поубава.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *