Сутерен.мк

Тенка граница

Имав врска од две години и мислев дека тој е човекот на мојот живот. Многу ме разочара и повреди. Се разделивме, но јас не можам да престанам да мислам на него, ама сега со сосема спротивни чувства. Премногу го мразам и сакам да му се одмаздам за се што ми направи. Како?
Цвета

Цвета дарлинг, освен да уловите некој голем стаорец и да му го пуштите дома друг начин во моментов не ми текнува. А доколку соберете храброст да фатите ваква штеточина сигурно ќе ја имате и да го заборавите и да си најдете некој друг, поасален.

Вашево писмо само го потврдува она за што постојано се зборува – дека вљубеноста и љубовта се две сосема различни состојби. Вљубеноста е идолатрија, чувства кон лик од фантазијата кому сме му припишале особини што не постојат. Кога таа слика ќе почне да се расипува односно, кога ќе ни се отворат очите и почнуваме да сфаќаме дека „предметот на нашата желба“ не е совршен и е грешен како и останатите обични смртници доаѓа до големо разочарување.

Секако, во случај кога вљубеноста не ја заменило љубов. Кога не сме успеале да воспоставиме здрав однос со реалниот лик.
Така, бидејќи се чувствуваме како жртви на измама, се јавуваат обвинувања, бес, желба за одмазда… накусо, кога вљубеноста не преминува во љубов, таа честопати знае да се претвори во омраза.
Некои велат дека омразата се создава поради сопствена несигурност и немоќ. Како и да е, таа е пресилно чувство, дури можеби повеќе и од љубовта и како такво, уморува, ја цеди енергијата, нервите, го поматува разумот.
Не сте ниту губитник, ниту пак некој ве изневерил. Сами себе сте се разочарале затоа што сте очекувале премногу, сте очекувале море од среќа, а сте добиле само она што и било реално од дотичната личност. Толку колку што неговиот човечки потенцијал можел да даде.

Доколку не можете во околината да пронајдете ништо што личи на стаорец, потсетете се дека заборавот е најдобрата одмазда…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *