Сутерен.мк

Тодорче Николовски: Актерот кој го видел Мехмед Паша Пети

Најстариот жив македонски актер е во својата десетта деценија, а се уште е подвижен, духовит и полн со енергија…

Неодамна во Драмски театар во Скопје започнаа подготовките за претставата „Вечни момчиња“ од Нил Сајмон, во режија на Виолета Џолева со Ѓокица Лукаревски, Иван Петрушевски и Александар Микиќ во главните улоги.
Во чест на најстариот жив македонски актер, Тодор Николовски! Николовски со влегувањето во десетата деценија од животот е не само најстар актер на овие простори туку веројатно, е и еден од најстарите жители во државава.

Во официјалните книги на родените на град Велес запишано е дека Тодорче Николовски е роден во 1902 година. Меѓутоа, многу уверливо делува тврдењето на неговиот долгогодишен пријател Благоја Илиевски Марко, дека „чичко Тошо е роден во 1898 година во Велес и дека на 16 јануари, оваа година, наполнил сто години живот!“Илиевски вели дека валидниот датум на раѓањето на Николовски не е точен: „ Неретко во она време, машките деца се запишувани во регистарските книги како помлади за да се избегне служењето на војска во време на војна. Тоа е сторено и во случајот со пријавувањето на Тодорче од страна на неговата мајка Роска. Како уште еден доказ за тоа е и сеќавањето чичко Тошо дека бил роден во исто време со Богдан Сираков (драмски автор, нов. заб.) и дека мајките заедно ги доеле, а Сираков е роден во 1898 година, во Велес.“

Фасцинацијата од овој актер, кој е еден од втемелувачите на театарската уметност во Македонија, не е само поради тоа што во 1903 година се пентрал на првиот скопски трамвај, го пречекал султанот Мехмед Паша Пети од Битола во Скопје, не служел во ниедна војска, умеел убаво да танцува, бил галантен каваљер со префинет вкус за скопските дами, во 1921 – ва за прв пат застанал на сцена како актер (за во 1974 – та официјално да ја напушти истата како пензионер, а веднаш потоа ќе влезе во Гинисовата книга на рекорди за најдолго континуирано учество во иста драма -дури педесет години), ни тоа што во 1991 – ва ќе ја објави книгата „Сеќавања“, што одиграл многу главни и епизодни улоги во театар, на филм, ТВ…

Туку можеби повеќе за восхит е што тој и денес е голем скопски боем, неверојатно подвижен, духовит и полн со енергија. И, и понатаму страствен пушач, кој единствено не пуши во друштво на својот син Оливер. Па, таков, полн живот и насмевки, раскажува:

• По раскажувањето на баба ми Маца, како единец, многу сум бил разгален. Мајка ми ме доела речиси до пет години. Еден празничен ден, со мајка ми и баба ми сме биле на гости кај тетка ми Пандора во Велес. Сестри, како сестри. Се расприкажале, а јас сум ја искористил „ситуацијата“ и сум скубнал низ порти. Ме нашле во рацете на една чергарка како ме дои.

Кога ќе си споменам на тој настан гледам дека сепак има некаква последица од тоа задојување – загубив секаков срам! Сакав да станам циркуски артист и постојано да патувам како чергарите. Не станав циркузант, туку драмски актер. Често кога го играв Чорбаџи Теодос ќе си помислев: „Има некој белег од тоа, штом толку ме целиваат Циганите од Топаана и Тенеќе маало. Сигурно сум им мирисал на млекото на Чергарката.“

• Во непосредна близина на турскиот театар во Скопје, се наоѓаше новиот ресторан „Зрински“ – раскажува Николовски за своите почетоци во кариерата. – Во неговата долга сала се постави импровизирана сцена од штици. По релативно кусо време, тука почнаа да се изведуваат првите претстави. Тука, како гимназист ги гледав „Протекција“, „Зулумќари“, „Ивкова слава“, „Зона Замфирова“, „Коштана“…

Привремената театарска зграда почна да се гради во 1919 – та, а мене ми се стори како да соѕидаа куќа во која треба и јас да се вселам. Никој не можеше да ме оддели од таа куќа. Цел живот ми се вртеше околу актерите: да ги гледам, да погодувам кој што игра… Никако да им паднам в очи. Еден ден насолзен, застанав пред професорот Караџиќ: „Господине професоре, не можам да учам веќе! Не можам да живеам без театарот! Како алкохоличар сум без алкохол, па уште и без средства за живеење. Имам и мајка која треба јас да ја издржувам.“

Молбата ми беше прифатена. И така, на четврти ноември во 1919 година, во 17 часот, јас стапнав на „штиците што живот значат“. А Диниќ ми вели: „Еве малечок, секогаш да бидеш тука кога се и актерите и да им бидеш на услуга.“ Така започна моето студирање на театарската академија – работев се и сешто зад сцената. Секоја претстава, пиеса, репетиција… за мене беше еден предмет. Тие предмети се уште ги изучувам. Диплома немам. Дипломата ми е публиката.

Останатото е историја. Тодор Николовски и официјално од 1921 година е актер. А подоцна и еден од основоположниците на она што денес го препознаваме како Македонски народен театар. А „вечното момче“ кога му здодеа нашево муабетење, си запали цигара и само кусо рече: „Доста е за денеска. Друг пат, повеќе.“

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1998 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *