Сутерен.мк

Тоше Митрески: Хумусот никогаш не беше опција

Среда, Водњанска, Скопје, 9.45 часот…

Инкарцериран во длабок внатрешен конфликт во фаза на дефрагментација на запрашена мозочна фасцикла, ја водам по не знам кој пат, една иста те иста ментална војна, во која како победник на крај секогаш излегува мојот желудочен чир.

Со залутан поглед распнат на моралната раскрсница помеѓу модерен инфлуенсерски тренд и своите длабоки селски корени, една иста комплексна мисла до бесконечност игра пинг-понг помеѓу моите две слепоочници: “Што да ждерам ова утро?”

Понудата на денот: 1. Интегрален сендвич со хумус и 2. Мешана чорба од јагнешки џигер, телешки мускул и желудник од стар бразилски бивол, увозен и замрзнат во комора уште далечната 2015-та.

Во мое време хумус значеше земја. Интегралниот сендвич го елиминирав со леснотија ко онаа на Стивен Сигал кога им крши коски во самоодбрана на разни зликовци. Ко судија од ОЈО што одбива жалби на Апасиев. Елегантно. Ноншалантно.

Со празни очи и гладно срце седнувам во биртија компатибилна на мојот херидитарен аргатски ген, силно експресиран седум колена ретроградно. Тука се чувствувам свој меѓу своите.

Од звучникот обесен над котлите што пареат во кои се вари чорбата свири “Мени се не спава” од Дугме. Од ЈУ чорби го преферирам само Бора Чорба. Ал, добро. Конечно, на масата чорба.

Кога јадам чорба чувствувам вина дека ја јадам државата.

Во тој замастен телешки бујон плива најефтиното што можеш да го изглодаш од утробата на дисецираното мртво општество врз кое се гоштеваат ненаситни ѕверови – функционери кои седат на врвот на пирамидата на синџирот на исхрана. Впрочем уште тоа остана, кртината одамна е изедена.

Ти и јас сме дробот и цревата што пливаат во запршката. Тие се мрсните бркови кои се топат во лажицата од кои капка по капка се цеди нашата месечна плата. Кога јадам чорба се соживувам со својата работничка класа.

Келнер! Дај уште една жолта!

(Авторот – creation ex nihilo, едвај е екстрахиран со вакум во 87-ма. Пораснал спонтано. Малку учел Скопје. Се вратил Охрид учен. Наводно. Во моментов е доктор во ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство – Скопје.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

One thought on “Тоше Митрески: Хумусот никогаш не беше опција

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *