Сведокот Гоце Трајковски денеска беше спроведен во Основниот кривичен суд Скопје каде што даде исказ во судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Трајковски е лицето кое заедно со Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој е еден од обвинетите, водел паралелна истрага по исчезнувањето на девојчето.
Инаку, Трајковски беше спроведе од истражниот затвор „Скопје“ каде што е во притвор бидејќи е осомничен за друго кривично дело и извесно време беше недостапен на органите на прогонот.
Поради спроводот, почетокот на денешното рочиште доцнеше околу еден час.
На прашање од судијата, дали познава некој од обвинетите и дали е во роднинска врска, кажа дека првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо бил женет за втора братучетка на неговата мајка Кираца Трајковска, но оти никогаш не го видел и не го познава.
Пред да почне да одговара на прашањата на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифивоска, сведокот рече оти сака да напомене дека добивал закани од партијата Десна, да внимава што зборува, но оти не им се плаши.
„Може да напоменам дека од овие психопати овде ми се закануваат, ми испраќаат пораки на Фејсбук од профил ’Недвижности Битола’ со закана да внимавам што зборувам. Но, потоа се издадоа дека се од партијата Десна. Имам тужба за тоа што ги пцуев. Но, не сум јас дете од 14 години или старец да им се плашам”, рече Трајковски.
За исчезнувањето на Вања, како што кажа, дознал на 27 ноември 2023 година, кога на Фејсбук видел дека е исчезнато девојче кое учи во истото училиште со неговата ќерка.
Подоцна му се јавила неговата мајка која го информирала дека е грабната ќерката на Александар Ѓорчевски, со кого се во стара кумовска врска, рече во директно испитување од обвинителката за тоа како дознал за исчезнувањето и кој го известил.
„Со Ѓорчевски имаме старо кумство дедо му на дедо ми, татко му на татко ми, Саше, на мене на првата свадба, кога имав 19 години. Потоа правев друга свадба и имам друг кум. Со Александар се немам видено 20 години. Мајка ми ми напиша порака да му се јавам на Саше, рече имаш луѓе насекаде, види да не му треба помош. Ми беше глупаво оти се немам видено со Саше 15-20 години, за да не излезе дека фаќам сеир“, рече Трајковски.
Сепак, на инсистирање на неговата мајка вечерта му пратил порака на Ѓорчевски, кој во тоа време со сопругата Зорица биле во полициска станица да дадат изјава.
Утредента, како што кажа, одговарајќи на прашања на обвинителката, се сретнале и почнале со потрагата.
„Го прашав Александар да не имала Вања дечко, да не била заљубена, рече дека немало такво нешто и дека досега немале вакви проблеми никогаш. Првпат се видовме пред зграда кај Александар од каде што е грабната Вања. Рече дека е исчезната и никогаш не се случило да ја нема цел ден”, рече Трајковски.
Водејќи се по ГПС-системот што го имал таткото на Вања за нејзиното движење, почнале да бараат снимки од камери од објектите во близина на зградата на улицата „Наум Наумовски-Борче“.
„Од продавница за душеци ми рекоа дека камерите не им работат подолго време. Потоа отидовме во фризерницата на пет-шест метри од влезот од зградата, која достига до скалите на влезот. Сопственичката веднаш ни ги даде снимките да ги гледаме. Александар се претстави, рече дека е татко на девојчето, сопственичката беше љубезна и ги поврзаа телефоните за да ги гледаме снимките”, кажа сведокот.
На прашање како дошол на идеја да бара снимки, Трајковски кажа дека тоа го направил бидејќи полицијата ништо не презела.
„Сите беа собрани на куп, 30 полицајци имаше, но не работеа ништо, како да играат жмурка”, рече тој.
На снимките го проверувале периодот меѓу 7:10 до 7:30 часот, бидејќи Вања од дома излегла околу 7:20 часот. На снимките не можеле да ја видат Вања, рече Трајковски, додавајќи дека на нив можеле да се види мајката како испаничена околу 7:40 часот трча среде улица.
Барале и набавиле снимки од други објекти, кои ги прегледувале во станот каде што живеела Вања со мајка ѝ.
Трајковски од снимките заклучил дека Вања не отишла кон Градскиот парк, кон булеварот „Илинден“, Зоолошката и кон Владата.
Другарот од „Безбеден град“
Трајковски раскажа дека му се јавил на пријател кој работел во „Безбеден град“, кому му ги пратил снимките за да провери дали некаде го има девојчето на наведените локации. Посочи дека другарот не му праќал снимки од системот „Безбеден град“, туку само на пријателска основа го информирал за тоа што има на снимките од системот.
„Рече дека цела полиција е ангажирана и дека се чудат сите оти девојчето како да е земено со хеликоптер оти нема никаква трага. Тоа лице од ‘Сејф сити’ е јунак во овој процес”, рече Трајковски, кој додаде дека имало оперативен штаб на „Безбеден град“ и 70 полицајци.
Додека ги гледале снимките, Трајковски кажа дека правеле скриншотови од возила и луѓе. Во времето кое го прегледувале рече дека поминале десетина возила, но чудно му паднало едно, кое е многу чадело и се движело бавно за разлика од другите.
„Од снимките од фризерницата гледавме возила поминаа 10-15 возила и за секое правевме скриншотови. Кога помина еден ’ситроен’ многу чадеше и му реков на Саше дека ми е сомнително оти е тазе стартуван и работи под саух и дека прозорците се замаглени. Ситроенот димеше, и возеше со 10 километри на час. Реков дека возилото ми е сомнително, Александар рече дека Вања нема шанси да се качи во вакво возило. Му се јавив на другарот во ’Сејф сити’ откако претходно му ги пратив скриншотовите од снимките”, раскажа Трајковски.
По околу три часа, како што кажа, му се јавил пријателот од „Безбеден град“ и рекол:
„Ти си ненормален кај го најде ‘ситроенот’”.
Лицето од „Безбеден град“ му кажал дека три дена го бараат возилото оти е поврзано со исчезнато лице од Велес.
Сомнителниот „ситроен“ и „реното кангу“
Трајковски кажа дека на пријателот пратил и снимки од околу 10 возила меѓу кои имало бело комбе и „рено кангу“.
„Пријателот од ‘Сејф сити’ ми рече дека е исчезнат велешанец, рече отвори на Фејсбук Панче Жежовски, отворив и таму под сликата дека е исчезнат го имаше ’ситроенот’ со регистерската табличка дека се продава. Во ’Сејф сити’ се внесуваат табличките и така се пребарува. Ми рече да ми праќаш снимки началничката знае, но јас не смеам да ти праќам снимки од ’Сејф сити’. Имаше сомнително комбе, пикап и друго возило. На другите снимки се гледа ’кангуто’ како одат едно позади друго со ’ситроенот’, пред зградата на Вања беа со временска разлика од 5 минути, а потоа на другите снимки беа се поблиску”, рече Трајковски.
На прашање од обвинителката, како заклучил дека „ситроенот“ и „реното кангу” одат заедно, Трајковски кажа дека заклучокот не го донел тој, туку друг пријател кој работел во полиција.
Прашан што знае за Александар Ѓорчевски, сведокот Трајковски наведе дека од разговорите што ги имал со неговата сопруга, му било кажано дека бил грижлив татко, кој особено внимание и посветувал на Вања.
Трајковски во еден момент дојде во конфликт со одбраната на Палевски, односно со адвокатот Јовица Страшевски кој реагираше и бараше Трајковски да се извини затоа што го нарекол психопат.
Имено, во текот на рочиштето, адвокатот Страшевски, побара изземање на судијата Ивица Стефановски бидејќи како што кажа, не го прекинал сведокот и не го предупредил кога им упатил навреди.
Реакцијата на сведокот Трајковски не можеше да се слушне од местото каде што седат новинарите, но Страшевски кажа дека сведокот го нарекол психопат, а реагираше и дека судијата менувал прашања на Обвинителството, а нивните не ги дозволувал. Адвокатот инсистираше судењето да се прекине, за да се реши за негово изземање, но судијата Ивица Стефановски го продолжи рочиштето.
Поради ова одбраната одби да поставува вкрстени прашања, а потоа излезе со став во кој го отфрли сведочењето на Трајковски наведувајќи, меѓу другото, дека снимките што ги прегледувал биле незаконски обезбедени и дека незаконски контактирал со лица од „Безбеден град“.
Инаку Трајковски, одговарајќи на вкрстени прашања на Обвинителството, кажа дека контактирал со полициски инспектор и по нивни насоки снимал во домот на Александар Ѓорчевски и ја известувал полицијата за неговото однесување. Од него, како што кажа било побарано да провери во станот на Ѓорчевски дали таму некаде е сокриена Вања.
„Се согласив, ама и се јавив на сестра му на Александар и и кажав што побарале од мене. Таа ми рече оди слободно, ама не и беше јасно зошто ме праќаат кога полицијата веќе два пати била во станот…Им пратив една снимка, како спие на столица. Им реков дека халуцинира, дека не е спиен 3-4 дена и дека не знае каде е“, рече Трајковски.
Трајковски одговараше и на прашања на бранителот на Алексансар Ѓорчевски, адвокатот, Владимир Туфегџик, кој по денешното рочиште во изјава за медиумите рече дека е задоволен од денешното рочиште и дека понатаму останува судот да цени во однос на неговиот клиент.
„За се што кажа Гоце Трајковски ние приговор немаме. Се е во корист и во полза на одбраната на Александар бидејќи Гоце Трајковски изнесе буквално се што знае, дејствија кои ги преземал во текот на целата постапка, во еден дел и по барање на полицијата и тоа воопшто не спорно. Човекот даде еден непристрасен исказ од кој не може да се извлече ништо што може да го компормитира Александар во целата оваа работа и ние сме во основа задоволни затоа што конечно се слушна целата вистина, се слушна она што Гоце го кажа и пред јавниот обвинител во една многу поширока варијанта. Така што ние како одбрана сме задоволни, за другите не знам“, рече Туфегџиќ.
Следното рочиште судијата Ивица Стефановски го закажа за една недела, односно на 14 февруари.