Сутерен.мк

Тренирање строгост

Одамна сакам да ви пишам ама се се премислував најмногу зашто не сакав да си признам дека сум неспособна мајка. Ама веќе не можам да ги издржам попувањата на сите околу мене што да правам со моето бебе па решив да ве прашам и вас.

Имам бебе од шест месеци кое стално плаче. Плаче и гладно и сито и суво и водено. Лекарите велат дека се е во ред со него, но тоа пак, плаче. Ми велеа дека имало грчеви, ама поминаа месеци! Мирно е само кога е во раце кај мене или татко му. Блиските ме советуваат да го оставам да плаче и да не го земам во рацете, да не го разгалувам и да го научам да се смири само. Мене срце ми се кине кога го слушам. Што мислите вие?

Немирна

Немирна дарлинг, прво баталете го мозгањето со тоа „грчевите“ и сличните неодокажани и нелогични причини за бебешкиот плач. Не сум педијатар, ама стварно: како тоа само 20 отсто од бебињата имаат незрел дигестивен систем, а сите останати го имаат!?

Коликите или како веќе и да ги нарекуваат, попрво се последица на преголемата чувствителност на некои бебиња. Овие деца треба што помалку да бидат вознемирувани од луѓе, врева, чести промени во опкружувањето…

Воопшто, да се избегнуваат силни впечатоци. Зашто, бебињата (па и многу од возрасните) не можат да се „исклучат“ и заштитат себе си од надворешните влијанија. Што се однесува до генијалните совети од вашите „блиски“…

Да се сака и да се умее да се решат конфликтите со важните луѓе во нашиот живот се способности што се развиваат во најраното детство. Искуството на комуникацијата со мајката во текот на првите 18 месеци од раѓањето е предуслов за начинот на однесување во подоцнежните љубовни врски. Значи, многу порано пред времето кога почнуваме да паметиме, во нашиот ум е врежано однесувањето кое упатува на тоа како ќе бидеме во иднина третирани и колку (ќе) заслужуваме љубов и внимание.

Тие оддамна всадени примери на однесување можат да се сменат во новите врски или со помош на терапија, но во периодите на стрес обично се појавуваат. Занемареното дете подоцна станува кавгаџиска личност, со стеснети хоризонти, а она кое имало нежна мајка ќе се обидува да го реши проблемот мирно, зашто е убедено во добрите намери на другите.

Избркајте ги од дома „госпожите“ што ве тераат да тренирате строгост врз бебе. Сигурна сум дека само сакаат уште некој да ја повтори нивната грешка. Чиста злоба. Земето го во раце детето. Кога ќе се уморите дајте го на сопругот. Вие смирувајте го сега, за кога ќе порасне да може тоа да го прави само. Се уште никој не се разгалил од премногу љубов.

Напротив…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *