Сутерен.мк

Уапсен последниот шеф на Коза ностра

Познат под прекарот „Дијаболик“ и „Слабиот“, Месина Денаро беше осуден во отсуство на доживотен затвор за неговата улога во убиствата на анти-мафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година- злосторства кои ја шокираа земјата и доведоа до засилена пресметка со Коза Ностра

Италијанците денеска со радост и олеснување ја примија веста за апсењето на шефот на озлогласената сицилијанска мафија Коза ностра, Матео Месина Денаро, кој три децении успешно се криеше, а во меѓувреме беше осуден на доживотен затвор за низа убиства од 1990-ите.

Денаро беше уапсен во една приватна клиника во Палермо (добивал третмани за рак), во што учествувале повеќе од 100 припадници на вооружените сили, на кои им честиташе и италијанскиот претседател Серџо Матарела, чиј брат Пјерсанти беше убиен од Коза ностра во 1980-та.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони го поздрави апсењето како „голема победа за државата“.
Сестрата на убиениот обвинител Џовани, Марија Фалконе, се приклучи кон честитките.

„Ова докажува дека мафијашите, и покрај заблудите за семоќност, се осудени на пораз во судирот со демократската држава“, порача таа.

Шеесетгодишниот Денаро се смета за последниот „чувар на тајните“ на Коза ностра. Многумина доушници и обвинители веруваат дека тој ги знае сите информации и имиња на оние кои биле вклучени во најпознатите злосторства на мафијата, меѓу кои се истакнува бомбашкиот напад во кој беа убиени антимафијашките обвинители Џовани Фалконе и Паоло Борсолини во 1992-ра.

Иако Денаро беше во бегство од 1993 година, се верува дека тој продолжил да издава наредби од разни тајни локации и дека продолжил да живее луксузен живот благодарение на неколкумина банкари.

Во изминатите децении, истражителите често биле блиску да го фатат така што ги следеле неговите најблиски, но во меѓувреме беа уапсени само сестра му Патриција и неколкумина соработници. Од Денаро постоеле само неколку фотографии, па полицијата морала да се потпира на дигитални реконструкции на неговиот изглед. Со години, тој беше симбол на неспособноста на државата да ги фати повисоките ешалони на организираниот криминал.
Како шеф на Коза ностра, Денаро надгледувал рекетирање, илегални депонии, перење пари и шверц на дрога. Наводно бил штитеник на Тото Рина, шефот на кланот Корлеоне, кој беше уапсен во 1993 по 23 години бегство.

Меѓу убиствата за кои беше обвинет се бомбашките напади во Рим, Фиренца и Милано во 1993, во кои загинаа десет луѓе, како и смртта на 12-годишниот Џузепе ди Матео. Денаро го организирал неговото киднапирање со цел да го принуди татко му да не даде докази против мафијата. Џузепе бил чуван во заробеништво две години, по што бил задавен, а неговото тело било растворено во киселина.

„Би можел цело гробиште да наполнам со мои жртви“, рекол Денаро своевремено.

И покрај еуфоријата поради неговото апсење, во Италија и натаму владеат организирани криминални групи. Експертите велат дека калабриската мафија Ндрангета го презела приматот од Коза ностра како најмоќна организирана криминална група во Италија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *