Сутерен.мк

„Угледните“ и помалку угледните

Имам 30 години, мислам дека убаво изгледам, начитана сум, формално образована и вработена. Меѓутоа, не потекнувам од некое богато семејство, моите родители се скромни, а и мојата плата не е којзнае каква. Проблем се моите другарки. Сите се супер дотерани, одат по фризери, козметичари, зборуваат само за брендирана мода и вриштат од самодоверба, а јас во нивно друштво сум изгубена. Никој не ми приоѓа, кога излегуваме во кафулиња што се ин. Сите трчаат по нив…

Несигурна, Скопје

Несигурна дарлинг, веднаш да го смените друштвото! Боже, па кој нормален би се чувствувал о.к. во опкружување што толку дречи и трешти, ако притоа нема некоја математика во главата!? (Прво одморете некое време од толку трендовски сообраќај па, потоа побарајте си попристојни другарки.) А сега, со ред…

Денес има богати семејства, но не и угледни. Тие се викаат транзициски богаташи т.е. матни типови кои се снајдоа во матни времиња. Матно, секако. Вие сте во ред, но за жал, емотивните компетенции се развиваат единствено со искуството и времето, кое сепак, го немате доволно. Затоа и ве фрустрира околината, каде мазохистички опстојувате. Денес сите сакаат да имаат имиџ смислен од девојките во маркетиншките агенции, градските озборувачи и невработените гласноговорници. По секоја цена. Одолеваат само комплицираните индивидуалци, кои од истите причини живеат речиси, илегално.

Работата е толку комична што секоја маалска ѕвезда (не зборувам за оние, национални чија патетична слава се простира од Танушевци дури до Долно Дупени, туку буквално, за старлетите од влезот на зградата што базди на канализација), има свој стилист (тоа е новиот збор за исто така, маалските бербери), без чиј совет не излегува дури ни на еден од трите малку поголемки пазари во Скопје. И, секоја е нечиј заштитен знак. На гранапчето или хемиското чистење малку подолу, на улицата. Да скратиме.

Трема, несигурност имаат само оние кои од себе очекуваат нешто специјално. Да се биде секогаш свој е прекрасен филтер да се пронајде токму она што ни треба. И, излегувајте на пофини места, а не во локали каде што мажите ги бираат жените за да им се согласуваат со автомобилот, мебелот, гардеробата. Патем, тие често го менуваат ентериерот…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *