Сутерен.мк

Игор Пачемски: Удри Сашке!

Денот ми почнува во пет часот изутрина. Во 5.30 еве најдоцна, со новиот режим откако ми се препишани чорапи за вени. Ќе треба да се оперирам, ама класичниот метод со три недели лежење не доаѓа во предвид. Ултразвук, ден после операција назад на работа, ако имам среќа, ќе го темпирам во сабота…

Ноќта не секогаш, но најчесто носи поплава од проблеми од другата страна на океанот. Клиентот Х не платил, банката пуштила помалку пари од очекуваното, бидејќи сум пропуштил да пресметаат дека за одредена нарачка е земен заем за работен капитал, дека  модел бр. З е вратен на трета корекција и дека пораката од техничарот е криптична како да е пишувана со Морзеова азбука.

Често се случува и Лондон-а да ме плесне со нејзиниот опаш на сирена („треба да кажеш неговиот! Уааа, неписмен!“ – која си ма ти сељанко да му одредуваш џендер на градот на мојата младост?!) и купци, кои и самите се смачкани од 21-виот век и потребата со скелетски персонал да водат мулти – мулти милионски оддели и така фино во 12 да ми го забиберат дека нарачката која ја работам на пет отсто маржа треба да има казна од десет отсто, бидејки еве, не знам, етикетата е залепена за еден степен и 25 минути обратно од стрелката на часовникот.

Кога професионалниот живот, колку и да е успешен ви изгледа како да сте влегле во епизода од „Мортал Комбат“ или како да сте влегле од другата страна на огледалото, утринскиот модус операнди ви е јасен! Три еспреса, ладен туш, (се тоа en pointe, Мечката да не се разбуди) и навигирајќи слалом од препреки од felis domesticus), ме доведува до седум часот, кога отвора партнерската фабрика. Или кога треба фокусиран и насмеан да се натоварам во комбето што ќе ме однесе таму со две или три преспивања. Во 10.30 по наше, агенцијата во Лондон почнува со работа што автоматски значи и дополнителни незгодни топки што доаѓаат со брзина на напредно ниво на Тетрис. Алгоритамски и забавено се тоа, не е неврохирургија, но брзината и нерационалните рокови си го прават своето.

Еднаш во шест до осум недели дома имам теревенка. По Лондонски. Пенливо вино, коктели со Cointreau, ракија за мене дека вол, tarte a l’oignon, секогаш фин десерт, црни мантии и гел за коса (имам две фризури – дебел Елвис или Дора Габе, прогуглајте ја) и со Сашка пееме Верици, Нини и Барбари додека на некој не му текне да викне милиција!

Истите луѓе сме, исто сценарио, ама никогаш не ни е здодевно бидејки и грото од поканетите се работохолици со длабок презир кон тоа што се нуди во градот, било во форма на кафана, изложба, концерт… Не само поради квалитетот на понудата, туку и поради фактот што Скопје дозволува едноставно – да го водат дебили.

Дали станува збор за културни институции или журки, освен ПМГ кои, секоја чест, иако цел живот беа обвинувани дека се клика, а испаднаа најадаптивни и со најголем капацитет за диверсификација и старите кучиња од Пабло со нивната мачо техно агенда, се друго е водено од буквално – тиња.

Кога се работи и саботи и единствен ден за одмор е недела (половина ден де, како едвардијанско слугинче), како да се релаксира човек после работна недела од 80-90 часа (над два пати повеќе од времето дозволено по ЕУ конвенциите)?! Ја обновив мојата претплата на „Тајмс“, „Сатурдеј тајмс“и „Сандеј Тајмс“ – тоа ми се библии! Го читам и „Гардијан“ со својата ново лабуристичка хипокризија, ама еве, ќе се правам луд. И што забележувам: и Англија реално живее во двопартиски систем – конзервативци и лабуристи.

Но, ако не сакате да бидете краниално силувани од една од двете партии, постои концепт за викенд суплементи или списание во списание – слаш весник, каде што може да се прочита критика за литература, за ресторан, каде што ќе добиете совет каде да го купите најдоброто Vihno Verde и како да подготвите елегантен пикник, каде што читате искрени вињети од животите на квадриплегичарката Мелани Рид или за тоа како ја болело Кејтлин Моран кога и ставале спирала.

Се изведено “just so” или comme il faut” без грам претенциозност, допирливо, убаво и квалитетно. И додека со моиве дебели рачиња месам путер тесто за тартлети, а Мечката и Сашка маскарпоне и шлаг за “павлова“, се прашувам зошто и како мојот живот остана посиромашен за една димензија наречена културен живот (ако 95 проценти од времето имам уметнички сензибилитет на микс од Бланш Ди Буа од „Трамвајот наречен желба“ и кабаре пејачка, пет отсто од времето знам да се трансформирам во речиси интелектуалец)?! И за причинатаза тоа во Македонија е јасна.

Имам ужасно низок праг на толеранција на она што се нарекува буџетски платена некомпетентност и начинот на кој луѓето што често водат фестивали, настани и институции се однесуваат во нашата мала земјичка. Бидејќи живееме во земја со доста проретчен културен календар, по дифолт би требало да сметаме дека можеме да се обидеме на одиме на квалитет, а не на квантитет. Охридско лето, би можело да биде Скопски џез фестивал по квалитет. Второто секако е класа за она првото, иако сметам дека фестивал што е дебело финансиран од екс – Ју, преку ФИРОМ, па до Северна Македонија би можел да се себеиздржува.

Всушност, тоа е и проблемот. Ме наведува да прашам зошто концептот на финансиска одржливост не е влезена во пресметките во културата? Дали мислиме дека културата мора строго да биде државно финансирана? Какви културни работници (или си уметник или администратор, да ја цитирам Јана) оваа клима создава? Па два сјајни примера за шамарање ми се Охридско лето и Музеј на современа уметност.

Буџетот на Охридско лето, само од Министерството за култура е добри половина милион евра. Златко Теодосиевски, со кого често не се согласувам, напиша статус за тоа зошто, покрај Симон Трпчески и неговиот нов проект не го отвори Фестивалот, туку некој хорор во кој МБУ буквално направил “сплет” од делата на Чајковски?! Тричковски во контра на оваа каша, дека Трпчески не е виртуоз! Не е. Четири ѕвезди од пет во „Тајмс“ еднаш на две години ве прави дел од светската прва лига, но не ве права виртуоз. Сепак, во споредба со што би рекле Србите: “скакутање уз руска класика“, Симон е ѕвезда. Имам проблем со неговата десничарска определба навистина, но сепак, ако можеме да ги слушаме ораториумите на Хендл знаејки дека бил вмешан во трговија со робови или да ја цениме кинематографијата на Лени Рифенштал, на Симон ќе му го простиме приватнион концерт за „паторот“.

Нејсе.

На Златко му се пуштија две од организаторките и една учесничка, која не само што не може да се нарече виртуоз, туку е срамота дека е на програмата, со жестина на хистерична жена од Пирот на кој некој и брцнал во теглата за пазар. Тоа што беше фрапантно, освен тоа што едната од нив, неписмена струмичанка чија музичка кариера не стигнала подалеку од Тирана ми се пушти во инбокс, како ДПМНЕ цирка 2015-та, беше односот на овие две буџетски поткрпени кокони и една третокласна уметница, кои така жустро ги бранеа своите позиции, наметнувајќи дека тие се авторитети од свестки глас (lol!), што начисто ме запрепастија!

Секоја година како дизајнер добивам повеќе “не” од холивудска актерка. Сум научил да примам критика на начин кој е во најмала рака културен, а често и благодарен, бидејки колку и да боли, во круговите во кои јас функционирам, многу место за малициозност нема!

И додека ја читав програмата, без едно звучно име, бидејки секако, Ана Нетребко не беше договорена, иако свиреше во Хрватска (верувам, да сум дел од нејзиниот менаџмент тим и да ми се јави една од двете, сликани меѓу фрижидери на Кока – кола и Скопско како недоветени и ми се обрати на „борат“ англиски, би бегал “главом без обзира), знам дека ќе не чекаат исите скапани столици, истата лоша организација, истите здодевни, неиспиративни, просечни концерти и што… Пак плаќаме Sancerre, добиваме Звонко Богдан. И Синтезис….Пак ќе се вика „бравоуууу!“, пак за две години ќе дојдат некои нови клинци (иако некои нови тетки е поверојатно) и пак ќе ја имаме ноќта на кривите цицки кога „хаљини од сатен кроени на штрих“ беа последниот крик на модата.

Еден ФБ статус на Иво Антов за новата министерка за култура, со кој посебно се согласувам, ни донесе нов спектакуларен пример на Cssus Foederis. Моето мислење за министерката е дека кога Безистен се распаѓа од влага приоритети и се дебилни техно журчиња во двор, дека при Стотројка жива, подржува нови портали со електронска музика водени од доста дискутабилни фаци и кога од секој котелец на нејзините џемперчиња плетени од фрустации и скриен писарски бес може да и се импетус за одлуките, тури му пепел. Тука беше спомната и безобразната екипа од МСУ. Еден бисер во овој регион е оставен на хипстери со бахатост на екс – ЈУ канцелариски глувци, уличари поставени од Шарена, арт “groupies” и е воден како приватна галерија без никаков, ама никаков обид да се врати на градот.

Програмата на музејот е ОК. Не е богата, но е ОК. Не е фантастична, но е ОК. Сепак (и преку к.р со тоа), за локални услови е на ниво. Кога спомнав дека едно дело на Франко беше изложено за време на Pride и дека тоа го разбрав од рандом пост на еден од главните готвачи во  ЛГБТ/НВО кујната, кој иако едуциран по квирски, се дрзна онаа сељандура од Шабац, Соња Сајзор да ја стави во иста програма со Дивајн Дејвид.

Франко го знам од Лондон. Како човек што живееше во Челзи, Сачи галеријата ми беше до г’з. (четири минути пешки). Тејт модерн, осум фунти со такси. Стариот Тејт, 10 минути пешки. Во Њујорк не можев, а барем еднаш неделно да не отидам до МОМА. Секое патување надвор ми е поврзано со еден вид на арт туризам. Сум имал колекции инспирирани од уметност, колку што сум имал и колекции инспирирани од филм. Не сум Филистеец на кој што треба да му се објасни како функционира еден музеј. Музеј од ваков карактер мора да биде инклузивен. Мора да има едукативна црта. Мора да биде достапен за сите. Мора да има информативен сервис кој му кажува на обичниот граѓанин кога се случува нешто вредно да се види. Во таа екслузивна симбиоза помеѓу културни буџетари, квир НВО И ЛГБТ самонаречена елита, нема простор за ништо од гореспоменатите активности. А ова е државна институција и национален интерес и пред се треба да биде на првото место на нивната агенда.

Кога јас како релативно градски човек не знам за еден единствен ивент, затоа што реално, промоција нема вон овие микро кругови, кога на било кое дрзнување да се искритикува со намера да се поосочи тој истиот мочко ти се става во инбокс со “како не ти е срам” (читај го уводот, ќе видиш зошто не ми е срам), што преостанува?! Прашањето е: што вие работите? За што сте платени? Кој ви е кураторот на новите изложби? Дали сте направиле скоро аквизиција на нови дела?  Чуму оваа наводно фантастична програма, ако за мене не е достапна, а камоли до некој помалку информиран?

Каков е тој трагикомичен проект со кесите (сто проценти македонски производ значи дека и материјалот е македонски – баш ме интересира дали е така)?! Какви се овие смешни приредби за деца маскирани како културни настани да се оправдаат буџетарски пари? Зошто музејот работи до 13 часот во недела? Во Македонија кој има време да оди во музеј од девет до пет?! Апер Ист Сајд лиглиња и дадилки немаме во доволен број. Се сомневам дека и училиштата го посетуваат (деца – фуј, техно журче – јеј)?! Каде е тој здрав разум во сево ова?

Всушност, како не ви е срам?! Ве гледаме по кафеани како трошите многу повеќе од тоа што вашите плати би го дозволувале! Продавате муда за бубрези! Не, не сакам дел од вашите смрдени, тоскични финансиски трошки. Сакам да знам дека како даночен обврзник не сум изманипулиран! Бидејќи, верувале или не, тоа е еден од постулатите на грѓанската свест, наречена граѓанска одговорност. До тогаш, „The Times“, „Cointreau“ и романси, бидејќи се далеку поискрени од овој циркус наречен македонска култура!

Удри Сашке!

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *