Неколку клучни веб-страници на украинската влада синоќа беа под голем хакерски напад, објавија украинските власти, а шефот на европската дипломатија Жозеп Борел рече дека Европската Унија ги мобилизира сите свои средства за да му помогне на Киев!
„Украинци! Сите ваши лични податоци се избришани и не може да се обноват. Сите информации за вас станаа јавни, плашете се и очекувајте го најлошото. Ова е за вашето минато, сегашност и иднина“, стои во пораката на хакерите објавена на интернет-страницата на украинското МНР.
Од Министерството за надворешни работи на Украина соопштија дека како резултат на масовниот кибернапад веб-страниците на Министерството и на голем број други владини агенции се привремено неактивни. Оттаму велат дека сѐ уште е рано за заклучоци додека трае истрагата, но посочуваат дека и во минатото имале вакви и слични напади што доаѓале од Русија.
Засега за нападот никој не презеде одговорност, а Киев не кажа кој би можел да биде одговорен.
во 2020 година Соединетите Држави обвинија шест Руси дека извршиле кибернапади врз електричната мрежа на Украина, попречување на француските избори во 2017 година, како и на Зимските олимписки игри во 2018 година.
Нападот доаѓа во време додека тензиите меѓу Русија и Западот растат поради Украина, поранешна советска република и близок сојузник на САД и Европа.
Оваа недела САД и сојузниците одржаа разговори со Русија во обид да ги намалат тензиите, но сите три рунди разговори – во Женева, Брисел и Виена – се покажаа како неуспешни.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во четвртокот рече дека Москва не гледа причина да одржи нова рунда разговори со Западот.