„Специјалната воена операција продолжува и оди понатаму“, рече портпаролот на Путин, Дмитри Песков на редовниот брифинг со новинарите.
Четирите окупирани или делумно окупирани региони на Украина (Херсон, Доњецк, Луганск и Запорожје) одржаа т.н. „референдуми“ за приклучување кон Русија. Тие „референдуми“ се нелегални според меѓународното право, а Украина и голем број западни и други земји ги отфрлија како руско шоу за јавноста, велејќи дека нема да ги признаат.
Новинарите денеска го прашаа Песков што ќе се случи кога проруските лидери на тие четири региони ќе ги потпишат документите за анексија, односно дали руските граничари ќе бидат испратени во тие региони да ги чуваат новите граници.
Песков не сакаше да одговори кога ќе бидат потпишани договорите за анексија, само рече дека „Кремљ за тоа навремено ќе ја информира јавноста“.
На прашањето дали Русија ќе ги земе предвид постигнатите воени цели кога тие четири региони формално ќе бидат припоени кон Русија, Песков рече дека „целата територија на Народна Република Доњецк се уште не е ослободена“.
„Минималниот услов е да биде ослободена целата територија на Доњецката Народна Република“, рече Песков.