Сутерен.мк

Утрински брифинзи

Да ви се пофалам дека сум многу згодна, паметна, а и богата и пред да работам. Се сум имала и имам се што сакам. Пред една недела добив висока раководна функција и токму затоа што сум таква, каква што ви наведов, никој не може да ме смисли од подредените. Не мислам да се правдам за своето потекло, но сакам да ме запаметат како добар менаџер, а не знам како? Ви текнува вам нешто?

Фотељашка, 28

Фотељашка дарлинг, баш фино од вас што и покрај бекграундот („богаташки“) имате желба да оставите впечаток на квалитетен човечки потенцијал кај вашите подредени.

Се надевам дека не е тоа само заради уште еден „извиџачки“ беџ плус во вашата идна „богата, успешна биографија на една млада, амбициозна, прекрасна, работлива и посветена личност“ која нели, во „плодната кариера и завидните резултати во домашниот, но и странскиот бизнис амбиент со своите 28 години се вбројува во врвните деловни лидери во регионот, а и пошироко“, туку дека навистина сакате да им го подобрите животот на тие за кои моментно одговарате.

Немам некој особен совет освен она општо место, кое вели дека, ако менаџерот не одбере цел кон која треба да ја насочи енергијата, тогаш енергијата станува апсурдна и хаотична, па предизвикува растечко незадоволство, што на крај доведува до лоша изведба на идејата.

Што ќе рече, најпосле, најдебелиот крај го извлекува неспособниот менаџер, кој не знае што со себе, а камоли со другите, но се нафатил на орото заради „ситни“ бенефити,како суета и слично.

Само јасна визија за подобро утре на сите, го прави некого добар лидер. Благородноста е единственото нешто што ги дели луѓето на елита и проста маса.

Моментната изместеност на системот на вредности е токму таква – моментна, минлива. Сеедно, колку трае.
Значи, не заборавајте, на крајот на вашиот толку омилен ден, сте вие.

Вие или можеби пак, најдебелиот менаџер или најкрајниот дебел или најдебелите што се најкрајно од менаџерот или пак, крајот почнува со менаџерот кој не е дебел или со претенките вработени, а можеби и со предебелите потчинети!? Ете, и мене ме збунивте…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *