Сутерен.мк

Уште еден фемицид поради непостапување на институциите

Одговорноста на институциите за вчерашното свирепо убиство на 46-годишната жена во Кочани треба да се истражи, смета Бети Пеева од НВО „ЕХО“-Штип, која со години работи со жртвите на секоков вид на насилство.

Посочува дека според информациите кои беа споделени од институциите и медиумите може да се заклучи дека некои институции не постапувале со должно внимание за заштита на жртвата. Пеева смета дека семејството на жртвата сега може да ги тужи и институциите. Според теренските активности на ЕХО, институциите во одредени општини постапуваат несериозно и со должно внимание, но, како што вели има иннституции во голем број општини кои веднаш реагираат и ги заштитуваат жртвите.

-Нема да генерализирам, бидејќи не станува збор за сите институции во сите општини. Меѓутоа ние можеме да детектираме општини, каде што навистина ова е огромен проблем и каде што институциите треба да ја заштитат жртвата не го прават тоа, не се однесуваат професионално и не се однесуваат со должно внимание. Токму поради ова доаѓа до вакви последици, навистина трагични, за коишто со години наназад предупредуваме дека се случуваат и ќе се случуваат, вели Пеева.

Невладината „ЕХО“ работи со жртвите кои трпат насилство без разлика дали тоа е физичко, психичко, економско или некое друго. Вчерашното убиство на жената пред прагот на нејзиниот дом во раните утрински часови е фемицид или родово базирано убиство на жена.

Пеева вели дека според анализите од 2018 до 2022 година имаат регистрирано и докажано вкупно 17 фемициди, убиства на жени заради тоа што се жени. Нашата земја нема ваков регистер, но според неа, позитивното е тоа што од март годинава фемицидот е инкриминиран. Согласно измените во Кривичниот законик сторителите на фемицид се соочуваат со повисоки и построги затворски казни, кои се движат од 10 години до доживотна казна затвор.
Јавноста вчера ја потресе убиството кое се случи во Кочани, каде маж уби жена, мајка на три деца со 40 убоди од нож. Тој претходно бил во љубовна врска со жената, по што ја уценувал со компромитирачки фотографии и видеа. Барал пари, за да не ги објави материјалите. Жртвата од Кочани пред неколку месеци пријавила во полиција дека мажот ја уценува.

 

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *