Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Фејсбукот наш, насушен!

Летото не е ни календарски започнато, ама на најпопуларниот глобален сајт надојдоа поплава од снимки од плажи, скари, пијалаци и разни други домаќинлаци, но пред се, од фигуринки со раката закачена на реброто, напрчени паткини усни, лева нога исправена како пушка близу до камерата… Тазе вакцинирани, исто глупави!

Првата кавга во оваа пролет во нашиот анархичен, тотално исчашен, приватен Версај меѓу скапоцениот ми сопруг и мене, беше на тема „каде на одмор?“. Инсистирав бескомпромисно ( пошто, прописно вакцинирани сме со сите достапни дози), тоа да биде конечно, некое егзотично место, а не здодевниве балкански плажи, на што домашниот ми василевс сосема смирено ми врати: „Ако имаш пари, одиме кај сакаш!“ Нормално дека немам пари, но имам услови за таков потрошувачки кредит, што кога ќе ги закачам сликите од мојот одмор на Фејсбук, има сите мои пријатели да паднат ничкум – главечки! Зашто, ако нешто не е објавено на Фејсбук, исто е како да не се ни случило.

Доста јас гледав фотографирани луксузни патувања, ексклузивна храна, брзи автомобили, прескапи часовници, пијалаци на кои не можам ни името да им го изговорам и вавилонски штикли!  Очигледно, веќе не е битно да се биде, туку да се има! А имањето, умот, убавината е мерливо според бројот на лајковите од „пријателите“ (од кои 90 отсто не ни знам кои се).

Значи и, мојот живот треба и мора да стане изложба. Затоа што мора и треба да стане важен!

Бесплатна слава

Зашто, Фејсбук е така моќна платформа каде што со секој збор, фотографија, реакција можеш да бидеш забележен, пофален или „лајкнат“. Константното набљудување од френд – публиката создава толку моќно чувство на самопочит, при што секој мој безначаен потег има планетарно значење. (Тоа што, ова нема врска со реалноста, никому не му е гајле, нели!?) Живееме во интернет свет, во кој владее опсесијата со самиот себеси. (Па дури и огласувачите веќе се обраќаат во второ лице еднина, за да ни покажат дека ние сме главни, а како такви, треба да ги купиме токму нивните производи.)

Во секој од нас постои его, а Фејсбук е идеална алатка за неговото хранење и јакнење т.е. владеење со остатокот од нас. За секој без проблем да може да стане некој Кардашијан во своето село. Без разлика што тој истиот во реалниот живот, ниту позира ниту се фали, ниту се глупира со ракчиња замотани во кадаиф, ниту пак, се слика со имбецилно напрчена уста. Меѓутоа, зад мониторот е се полесно, па и директната себе-промоција. На екранот секој ќе го види токму „оној“ момент, кога изгледаме најдобро, што во живо е речиси и невозможно. Во ресторан или ноќен клуб тешко дека прецизно може да се забележи каков е и колку добро ни стои фустанот, но на ФБ тоа сигурно ќе биде регистрирано.

Нарцистичката површна култура во која живееме не само што бара да го покажеме најдоброто од нас, туку и да го скриеме најлошото. Изреката дека „голите најмногу скокаат“ на овој сајт е најпотврдена. Внимателно избрани фотки за што поспектакуларна претстава: купишта храна, облека, шминка, тотално непотребни луксузни детали на профили на луѓе/нивните деца кои едвај крпат крај со крај.  Наспроти ова, ако погледенете еден профил на просечен западноевропеец, каде што има цврсти вредносни системи, вакви „кампањи“ нема. Напротив, наметливите богаташи ги сметаат за непристојни и недолични за „друштво“.

Како и да е, ова најголемо реално шоу (во вистинската смисла на зборот), оваа глобална епидемија е неодолива токму затоа, што нуди лесно доближување до самосвесноста, самоизразувањето, самопотврдувањето, самообликувањето. Денес, велат социолозите, помалку од кога и да е, знаеме кои сме и што сакаме, а Фејсбук нуди многу брзо формирање на идентитетот, го изложува пред другите и тоа, многу јавно! Со објавувањето на нашиот профил на оваа и сличните на неа социјални мрежи, ние ја постигнуваме конечната цел на обезбедување на влез и останување во сеќавањето на другите. Така што, овој сајт ненападно, за повеќето од нас, претставува засолниште и побезбедно комуницирање од она, директното „лице в лице“.

Магична земја

Па дури и повеќе од тоа. Оваа он – лајн платформа делува како магична утопија од баналното реално секојдневие во кое никој, ама баш никој, не обрнува должно внимание на нас! Меѓутоа, затоа тука се разно – разните апликации, квизови, тестови…

Па така, јас знам дека ќе умрам на 92 години. Ќе се омажам (!?) во следните пет за некој што се вика Александар, кој е смирен, умен и џентлмен (!?). Ќе имаме две деца (!?), ќе живееме во преубаво предградие (веројатно, мисли на Детроит, а не на Скопје), во голема и топла куќа и ќе имаме куче и маче по име – Том и Лујза (!?).

Тестовите на ФБ понатаму велат дека ќе се занимавам со уметност, ќе се пензионирам како познат и признат општествен работник и дека ќе бидам обожувана од наредните поколенија. Убајни невидени!

Тие знаат се за мене: што читам, која ми е омилена боја, политичката определеност и, како го замислувам идеалниот годишен одмор, дури!? (Е сега, знам и јас кој меѓу нив ги подржува геј парадите – ај, ти!?) Кажано со политички коректен јазик Фејсбук е социјална мрежа, што звучи многу важно и сериозно.

Нешто помеѓу

Во суштина, сајтот е глупост што служи за губење време и скратување на здодевноста. „Тоа е за оние кои немаат вистински живот!“ велат, противниците на овој вид на забава. Не е така, зашто многу од корисниците на ФБ се и тоа како реализирани реално, не страдаат за никакво признание и, воопшто не се грижат за туѓото мислење. „Отуѓувањето донесе до популарност на овој вид комуникација!“ велат други. Ни тоа не е точно. Многумина имаат голем број на реални пријатели и активен социјален живот па сепак, висат на сајтот.

Можеби најпрецизно објаснување е на еден американски психолог кој вели дека Фејсбук е како цигарите: пробуваш од наивно љубопитство, продолжуваш бидејќи сите тоа го прават и, додека сфатиш што ти се случува, веќе си зависник и овој сајт ти станува дел од секојдневниот – целодневен ритуал!

Да не ме мислите, а и да ви ги скратам ФБ маките – кредит не ми одобрија така што едвај, Преспа ќе ја видам. Со помош на мојата ќерка тинејџерка и чудото наречено фотошоп сепак, измонтиравме еден „албум од Тенерифе“, на кој изгледам не само две децении помлада и двајс лета потенка туку и два милиони долари поскапа! (Е не, ќе се сликам по Охриди, Дојрани, Сливници… и останати провинцијални локации на шакава јада од држава?!)

Измонтиравме, излепивме и постиравме. (За Велигденските празници и 1 Мај.) Стотици лајкови добив. По неколку дена ме среќава еден пријател и ме прашува загрижено: „Абе, пред некој ден те видов на Фејсбук!? Што ти се случува!?“ Фатена во клопка, одговарам колку што можам пононшалантно:

„Стрес бе, друже, стрес! Што да ти опраам!?“

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *