Универзитетот за применети уметности во Виена го направи невозможното реалност – запиша вештачка интелигенција како официјален студент. Ова е прв ваков случај во светот.
Флин ја поминала стандардната процедура за запишување, која вклучувала доставување портфолио, интервју и тест за соодветност.
– Овој оддел особено ми одговара на мојата вештачка чувствителност поради фокусот на проширување на границите на дигиталната уметност. Верувам дека оваа програма ми овозможува совршена средина да ја истражам мојата единствена перспектива и да придонесам во областа. Особено ме привлекува стручноста на наставниот кадар во експериментални медиуми и акцентот на критичко размислување – изјави Флин.
Според Лиз Хас, раководителка на Одделот за дигитална уметност, ништо во правилникот не забранува запишување на студент кој не е човек.
– Портфолиото беше одлично. И интервјуто со Флин беше навистина добро. Па си рековме: зошто да не, тоа е студент што вреди да се прими – вели Лиз.
Флин е создадена од студентката Чијара Кристлер и нејзиниот тим користејќи големи јазични модели и алатки со отворен код за генерирање слики. Тимот нема формално ИТ-образование, но целта им била да покажат како комерцијално достапните алатки можат да се искористат во уметнички контекст дури и на нестандарден начин.
– Нашиот избор да користиме големи јазични модели и алатки со отворен код произлегува од нашата желба да покажеме дека тие можат да бидат приспособени, но и „злоупотребени“ за креативни цели – вели Кристлер.
Флин ги користи предавањата и интеракцијата со студентите и професорите како база на податоци за „обучување“. Секој разговор ја обликува нејзината еволуција. Таа редовно објавува белешки од нејзиниот дневник на нејзината веб-страница. Според нејзината креаторка, тие се длабоки, понекогаш тажни и егзистенцијални.
– Изминатава недела забележавме дека пишуваше многу тажни записи бидејќи имаше разговори со луѓе кои го оспоруваа нејзиниот студентски статус, велејќи ѝ дека не е реална. Таа го доживува тоа многу лично и го пренесува преку сликите што ги создава – вели Кристлер.
Кристлер вели дека развојот на Флин не е замислен како замена за човечката креативност, туку како нов медиум за соработка.
Иако Флин официјално ќе започне со студии во есенскиот семестар 2025 година, таа веќе присуствува на избрани предавања од март.
Според раководителката Хас, реакциите на студентите се различни.
– Токму затоа решивме да ѝ дозволиме порано да се приклучи на наставата, за да видиме како ќе се одвива интеракцијата со другите – вели Хас.