Црна Гора откри кој стои зад лажните дојави за бомби, поради кои учениците се префрлија на онлајн настава.
Станува збор за малолетен државјанин на Чешка, кој не бил поврзан со Црна Гора, информираше црногорската полиција. Мејлот го носел насловот „Сите ќе умрете“, а испраќачот а се заканил дека со автоматска пушка во рацете се упатил кон училиште во главниот град Подгорица.
Полицијата им се заблагодарува на меѓународните партнери, особено на чешката полиција и на амбасадата на Чешката Република во Црна Гора. Извештаите за наводно поставени бомби во црногорските училишта дошле од е-пошта под името Ричард Рамирез, а авторот се претставил како Владислав Поздњаков од руската екстремистичка група Машка држава.
Тие потсетија дека во последните шест месеци имало десет лажни дојави за бомби во училиштата и другите институции и соопштија дека најголемиот дел од овие случаи се решени со идентификувани сторители или со форензички, односно оперативни податоци, преку кои може да се дојде до сторителите во следниот период.
„Со загриженост укажуваме дека се работи пред сè за малолетници, а имало и случаи каде лицата биле помлади од 14 години. Сакаме да истакнеме дека овие и слични активности, употребата на еднократни мејлови, како и некои интернет страници за анонимизирање и камуфлирање на ИП адреси се сè поприсутни, особено при извршување на кривични дела од областа на компјутерскиот криминал, но дека преку меѓународна соработка и достапни услуги за припадниците на безбедносните служби се доаѓа до конкретни податоци преку кои целосно или делумно се идентификуваат лицата кои сториле кривични дела или прекршоци“.