Шест жени се фаворити во Кан

Шест режисерки – Жулија Дукурно, Хајакама Чие, Хафсија Херзи, Кели Рајхард, Маша Шлински и Карла Симон – и ветерани како Вес Андерсон, Ричард Линклејтер, браќата Дарден, Џафар Панахи се во трката за престижната Златна палма на 78. издание на Канскиот филмски фестивал од 13 до 24 мај. Фестивалот отвора со „Замини еден ден“, дебито на режисерката Амели Бонин што ќе игра вон конкуренција.

Годинава во конкуренцијата за Златна палма се 19 автори, меѓу кои и Андерсон со „Феникиската шема“, како и француската режисерка Жулија Дукурно која победи во 2021, Ричард Линклејтер со „Нов бран“, Јоаким Трир со „Сентиментална вредност“ во кој пак игра Ренате Ренсве, и етаблираните браќа Дарден од Белгија со „Млади мајки“. Една година по неговиот филм за рускиот писател и поет Едуард Лимонов, рускиот режисер Кирил Серебреников се враќа со филм за озлогласениот нацистички лекар Јозеф Менгеле, а наградуваниот ирански режисер Џафар Панахи е во трката со „Едноставна несреќа“. Хорор мајсторот Ари Астер за првпат е во Кан со „Едингтон“, рефлексија на состојбата на САД, додека Кели Рајхард, позната по „Првата крава“, доаѓа со „Мозокот“, филм за грабеж во кој глуми Џош О’Конор.

Вон конкуренција фестивалот носи холивудска акција со Том Круз, кој ќе го претстави „Невозможна мисија – конечна пресметка“, осмото, а можеби и последно продолжение на акциониот серијал „Невозможна мисија“ пред светската премиера на 23 мај. Холивудската икона Роберт де Ниро ќе ја добие почесната Златна палма за животно дело, а фронтменот на „Ју-Ту“ Боно доаѓа како режисер со документарецот „Приказни за предавање“.

Британскиот актер Харис Дикинсон, кој лани се прослави покрај Никол Кидман во „Малечка“, дебитира како режисер во паралелната програма Извесен оглед со „Детиште“, како и американската актерка Скарлет Јохансон со „Елеонора Велика“. Осум од 16-те филма во оваа конкуренција се дебија.

Француската актерка и оскаровка Жилиет Бинош ќе биде на чело на овогодинешното жири кое ќе ја додели главната награда Златната палма.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *