Сутерен.мк

Шпиц и Уки: Деца на среќата

Нема промашување: тој си е на истото место каде што е и секој ден, во последниве неколку години – на влезот во Градскиот трговски центар. И не е сам. Сликата е следна: долгокос, слабичок, средовечен маж свири на гитара стари рокенрол рифови, придружуван од гласот на својот помлад пријател…

Низ акустичниот простор на ГТЦ одекнуваат антологиските песни на „Битлси“, „Стоунси“, Сантана… потсетувајќи ги оние повозрасните на времињата кога со гитара се протестираше против „господарите“ на нашите судбини и нивните воени игри.

Луѓето поминуваат покрај нив – некои не забележувајќи ги, други оставаат ситни пари во футролата од инструментот, млада девојка им се насмевнува, еден татко со двете мали ќерки застанува на неколку минути и слуша, млад Ром им остава роза…

Запознавањето со нив е разоружувачки спонтано, веднаш ве нудат со цигара (Lucky strike), муабет и пиво (Amstel). Велат: „Кога имаме пари, пиеме добра пијачка и пушиме добри цигари, а кога не, не… Ма, не дека Скопското не е добро, ама почнаа да ставаат премногу квасец, па им пречи на нашите желудници.“

По објаснувањето за причината на оваа средба, за миг ќе се погледнат немо меѓусебмо па, ќе речат: „О.К. Само да отсвириме уште една и ќе се дружиме!“

По песната, авантурата со Шпиц алијас Зоран Ангеловски и Уки илимити, Улкер Шакир, уличните музичари, започнува.

  • Гледаш ли на што ни личи градов!? Еретички „шамани“ дојдоа на власт, проповедајќи „позитивна“ енергија! Влези по кафеаниве и се ќе ти стане јасно: се намќор, до намќор! Живи пердуви! Се жалат на немање пари, на немање избор… Море, и кога имаа по 1 000 марки плата беа исти! Ќумури! Не сакаат ли, не умеат ли, ама не живеат!“ – зборува не едниот, туку двајцата, зашто во тоа нивно 30 – годишно пријателство веќе не се знае кој што мисли едноставно, и двајцата го мислат истото.
  • Мајка ми, Бог да ја прости, велеше дека црева во стомакот ќе се скараат за три децении, а не луѓе!? Еве, ние не сме се спречкале ни еднаш за сите овие години! – го објаснува Шпиц нивното пријателство. – Толеранција, доверба, припаѓање, комуникација, отворено срце… Тоа е „финтата“!

Излегување од робија       

Разговорот тече без никаков редослед, без концепт и правила…

  • Правилата се измислени за да владеат и уживаат неколкумина, а не сите. Затоа и излегов од работа – раскажува Шпиц, без ни малку афектација. – Единаесет години работев во печатницата на НИП „Нова Македонија“ како машинист. Во ’83 – та излегов зашто, ако не го направев тоа, гарант ќе се штракнев во умот! Бев ко магаре врзано, расправајќи се за се и сешто. Си го знаев занаетот, ама што да ти кажувам – се торлак, до торлак! Сите знаат се!
  • Во еден момент, си се прашав себе си, а чуму ми е сево ова!? Ја баталив таа робија и до ден – денешен не се покајав поради тоа! Слободата нема никаква цена. Човек се плаши дека нема да може, а може, и тоа како! Жена ми!? Мрчеше неколку дена, ама таа си знаеше за кого се мажи и и помина брзо. Имам две ќерки и еден син и ниту јас им се мешам во нивната работа, ниту пак тие мене. Секој мисли со сопствената глава. По свирката, ако покрај цигарите и пијачката остане некој денар, им го давам, ако не, никому ништо. Имам 46 години и ако во младоста можеше да ми се прости незнаењето што е тоа што го прави човека слободен, денес не може!

За разлика од Шпиц, Уки е неженет, живее со мајка и сестра, има 38 години и никогаш со ништо не се занимавал освен со музика т.е. со дружење со Шпиц.  (Шпиц покрај Уки, повремено ќе има и други придружници на улиците на Скопје, најмногу поради повремената срамежливост на Уки.)

Заедно ќе ја превртат цела Европа, свирејќи на улица, добро заработувајќи, доживувајќи најразлични приклученија, живеејќи на работ на егзистенција, но и на симсот на блескавиот раскош.

  • Их! Сме знаеле да заработиме пари за да пиеме од најфиниот бурбон, а пак да преспиеме на некоја плажа. Овде се живее од оваа работа – не боговски, ама се живее. Нели сме живи!? Ма, животот е премногу убав, ама луѓето не сфаќаат. Да се освестеше овој народ еднаш дека Скопје не е центар на светот, туку само дел од светот, како што и секој од нас не е ништо повеќе од еден гостин на веков – минорен, безначаен, се ќе беше поинаку.
  • Не дека не го сакаме градов и државава, ама локалното, затвореноста, ограниченоста не убива. Најлошо е кога човек видел, а после не може, па станува маалски, мал. Кога се занимава со будалаштини. Додека игра пулсот во тебе, треба да се живее, зашто животот е игра што треба да се одигра до крај, а не да се застане на средината.
  • Се што правиш, направи го до „даска“, па нека е и најголема глупост инаку, ништо нема смисла. Многу е смешно што човек, кога умира, му се моли на Бога за уште две минути живот!? Што правеше сите тие години зад него? Робувал. Ние сме среќни. Кога ќе заминеме од овој свет, ќе можеме да речеме: „Фала, се изнаживеавме!“

Рок и други мудрости

Нема ни простор ни време за да се прераскажат сите нивни анегдоти, таа биографија, која секој би ја посакал само за себе, сиот восхит од рокенролот, Вудсток, искуството со хипи – комуните, Френк Запа, но и Ајнштајн…

За љубовта кон ова парче земја, кон сопствените корени, кон нивните гулаби (сместени во дворот на Шпиц), радоста при секој земен здив, секој поглед на она што го чини животот, што е околу нив. Или за бескомпромисноста во сфаќањето на музиката како „хармонија на точноста“, како нешто совршено, како единствена уметност што не признава ни лево, ни горе, ни напред, ни вчера.

Ретко споменуваат имиња, велат: „Што било – било, важна е сегашноста!“ Сепак, ќе го споменат Блаже Саздов „Језивиот“, за кого ќе речат дека е единствениот вистински шаман во нивниот живот. „Отплива“, велат, „еден ден, а точно знаеше дека тоа е тој ден и, не се врати. Нема ни да се врати, зашто се реинкарнираат само оние, кои не си заминале чисто и културно од овој свет.“

Им пречат ли на луѓето, ги прашувам. Дали луѓето им пречат ним? Растеретено, како и дотогаш, како да разговараме за времето, велат:

  • Полицијата не не задева од она време кога Мирко Стефановски (раководителот на Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје, н.з.) ни издаде едно пусулче на кое имаше молба за разбирање кај милицијата. Луѓето мислеа дека е тоа директно дадено од полиција, па не оставаа на мира. Фала ти Мирко!Тој човек единствено и мисли добро на оваа младина.
  • Меѓутоа, да! Не разбркуваат понекогаш продавачките од околните продавници. Особено кога имаме појачало, па тие го исклучуваат, па ние го вклучуваме… Луѓето се плашат од непознатото. Дури, честопати не не примаат ни по клубовите, ама кому му е гајле!? Шејтанот е тоа – стравот, незнаењето, нетолеранцијата, егото.
  • Со побивањето на егото се добива слободата. Суетата е натпреварување со непознатото. Суетен човек добива погрешни информации за себе и за другите. Самобендисаноста суди и тоа сурово, без да праша зошто! Треба првин да се брани, па разбере, па анализира, а никогаш да се суди. Човек не смее ни себе си да си суди, а не пак, на друг!?
  • Не се виновни луѓето: живеат во постојана тензија, во стрес од неостварени амбиции, некомуникација, осаменост, себељубие… Мислат дека се аристократија со тоа што ќе го омаловажат и озборуваат другиот.
  • И двајцата потекнуваме од прастари и богати скопски семејства, а еве сме, на „улица“! Селанец е чесен човек, сељак е човек, кој глуми дека е чесен. Опинокот не е на нозете, туку во срцето. Се што сте направиле останува. Ништо не се брише. Може само да се поправи, но не и да се заборави. На Бога е да прости. Негово е да поправи. Негово да заборави.
  • Кои сме ние? На сите смртта ни е на рамениците. Што тогаш ќе не секира некаква си функција, политика, слава и слични будалаштини!? За многумина сме мазохисти кои, колку полошо живеат, толку повеќе уживаат во животот. Што и не е далеку од вистината, но едно е сигурно – ние си ја имаме слободата.

На забелешката дека сепак, не може да се игнорира иднината, велат:

  • Најважно е да не се „укочиме“ во некој филм! Уште полошо, во некоја институција од општествен и јавен интерес, како чиновници! Инаку, планираме наесен да издадеме материјал со авторска музика, ако ги средиме финансиите. Да најдеме 100 илјади марки и да отпатуваме со брод на две години по светот и, ако е можно, уште еднаш да го видиме Париз. Ако не, не е битно, ја имаме музиката, се имаме себе си, живи сме! Не не интересираат другите зашто, ако е обратно, нема да имаме време ни за музика, ни за живот, а тоа е лошо.

Интермецото за разговор одмина, им дојде време за „сешн“, за сопствениот живот, живот како засебна институција, сон кој тешко се реализира, кој како еден од ретките го заслужува префиксот – доблест!

Се разделуваме со нивните искрени желби денот да биде прекрасен. Потврдата дека ќе е така веднаш дојде: задува кадифен, непредвидлив ветер. Веќе ништо не можеше да ја снеубави денешнината.

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *