Жестоко критикуваната „полиција за морал“ во Иран не успева да го контролира изгледот на жените во јавноста. Зошто владата не се откажува од неа? Смртта на Махса Амини предизвика бес против „чуварите на моралот“
Уличните протести во Иран се интезивираат по смртта на една млада жена во полициски притвор. Злогласната „полиција за морал“ се наоѓа на удар на критики.
Махса Амини, беше уапсена од страна на полицијата минатата недела во Техеран поради нејзината облека. Таа паднала во кома додека била во притвор и еден ден потоа починала во болница, соопштија иранските медиуми. Нејзината смрт предизвика широко распространет бес и доведе до антивладини собири кои и натаму предизвикуваат конфликти во десетици градови, судејќи според видео снимките објавени на социјалните мрежи. Владата на претседателот Ибрахим Раиси ги испрати безбедносните сили да ги сузбијат демонстрациите. Светските новински агенции јавуваат за десетици загинати.
„Иранските жени доброволно носат хиџаб“, рече претседателот во интервјуто емитувано на американската телевизија Си-Би-Ес во неделата (18 септември, 2022), токму кога луѓето излегоа на улиците. Неговата изјава беше во остра спротиставеност со десетиците фотографии и видеа кои кусо потоа почнаа да кружат на интернет, прикажувајќи жени како ги палат своите шамии за да го осудат законот за нивно задолжително носење.
Која е улогата на „полицијата за морал“?
Злогласната „полиција за морал“ е дел од иранските полициски сили, чија задача е да го проверуваат спроведувањето на законот за носење шамии на јавните места. Со децении владата во Иран се обидуваше (и не успеа) да ги присили сите жени постари од пубертетска возраст да носат покривка на главата и широка облека во јавноста. И покрај големите суми кои се трошат за популаризирање на хиџабот преку училиштата, националните медиуми и јавните случувања, многу ирански жени пронајдоа начин како да им пркосат на ултраконзервативните правила за облекување. Милиони од нив ги поместија границите носејќи тесна облека и користејќи шамија како шарен моден додаток кој открива многу коса.
Голем дел од иранските општествени закони се темелат на државното толкување на шеријатот, кој бара и мажите и жените пристојно да се облекуваат. Меѓутоа, за „полицијата за морал“ цел се само жените.
Нив ги приведуваат или добиваат опомена или, во некои случаи, се носат во центар за „советување“ или во полициска станица. Потоа мораат да се јават некому да им донесе „соодветна облека“ за да ги пуштат.
Колку е успешна „полицијата за морал“?
Патролирањето за контрола на „моралот“ постои во различни форми откако исламистите ја презедоа власта кратко време по револуцијата во 1979 година. Умерените и реформистичките влади донекаде се помалку наклонети кон контрола на облекувањето и однесувањето на јавни места. Но, кога ултраконзервативниот Махмуд Ахмадинеџад ја презеде функцијата претседател на Иран во 2005 година, „полицијата за морал“ ги доби сегашната форма и име и го зголеми своето присуство на улиците во поголемите ирански градови.
Оттогаш, десетици активисти се борат против овие контроли, а неколку од нив во моментов се во затвор.
Незадоволството во јавноста расте
Под ултраконзервативната администрација на Раиси, полицијата за морал стана поактивна, а многу видеа кои кружат на интернет покажуваат дека „чуварите на моралот“ стануваат понасилни. Како реакција на овие промени, илјадници жени почнаа да излегуваат на улица без шамии.
Откако во јули стана вирално видео од жена која моли член на озлогласената „полиција за морал“ да ја ослободи нејзината болна ќерка, барањата за распуштање на оваа полиција се зголемија.
Стотина религиозни жени почнаа јавно да зборуваат против задолжителниот хиџаб, што не се памети во Исламската Република. Дури и некои конзервативни јавни личности почнаа да го критикуваат законот за носење шамија, велејќи дека тој има спротивен ефект врз однесувањето на јавноста.
Покрај родовата дискриминација, „полицијата за морал“ е широко критикувана дека патролира само во населбите на средната и на работничката класа и ги поштедува богатите населби. Многу критичари велат дека додека обичните жени се прогонувани поради нивниот изглед, богатите семејства, кои негуваат блиски врски со владејачката елита, на интернет прикажуваат слики од нивните раскошни забави, на кои мажите и жените се забавуваат заедно, без страв од последици.
Каква полза воопшто има државата?
Одржувањето скапа полициска единица, која постојано го предизвикува гневот на граѓаните, за многумина изгледа неоправдано.
Владата на Раиси се бори со сериозни проблеми како што се историската инфлација, меѓународните санкции, сушата и регионалните тензии. Незадоволството кај јавноста е во пораст. Во последниве години, во Иран секогаш одново имаше безредија во делови на целата земја кои стануваа насилни.
И покрај тоа, некои набљудувачи велат дека Раиси нема друг избор освен да ги задржи овие спорни полициски сили. „Ако ја укине ‘полицијата за морал’, владата во Техеран засекогаш ќе изгуби голем дел од своите поддржувачи, без да ја добие поддршката од оние што протестираат“, објави неодамна новинарката Фершете Садеги преку Твитер. „Демонстрантките сакаат многу повеќе од отфрлањето на задолжителниот хиџаб и ќе продолжат да протестираат за своите барања“.