Сутерен.мк

Што е суета?

Фејсбук с(р)еќавања…

Се натегаме по дома – што е суета? Како да и објасниш на една тинејџерка дека тоа не е воопшто добра работа, кога низ поимот се протегаат и зборови како (пре)присутно, (пре)самоувереност, (пре)себесакање, (пре)себеценење… На крајот дојдовме до заклучок дека сите зборчиња се ок, ама кога го немаат она пре, пред – нив.

– Суетноста е инфантилно чувство. Затоа што зад неа е скриена немоќта на личноста самопочитта да ја црпи од себе. Што ќе рече, зад суетата клечат несигурноста, слабоста, страшливоста. Зборот суета значи празнина, ништожност, безвредност. Да се биде суетен значи да се замислува (и измислува) сопствената вредност, да се биде препотентен и згора на се и, горд на тоа!?

Накусо, станува збор за недостаток на љубов кон себе си. Затоа и се држат до проверениот имиџ: слава, пари, физикус, интелигенција, знаење, облека, талент… Не дека го немаат, но истакнувањето е Неподносливо. (И, никогаш не е дискретно. Колку и да се трудат.)

Е, сега – сите луѓе се суетни. Па, да…

Разликата е што кај некои, дури ја најдеш, треба (мора) да поминеш низа слоеви на вредности што ја прават таа личност токму таква каква што е, а низ други не мораш воопшто да чекориш. Едноставно, не вредат. Затоа што веќе на првиот праг им пишува, со големи букви – Јас имам замислена сопствена вредност.
Разликата е што кај некои е крајна подлога, а кај некои – прва.
Ете, објаснив. Едвај…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *