Сутерен.мк

Ѓорѓи Јолевски: Трпението веќе се лити!

Актерот (но и режисер и продуцент), дојде во Драмата на МНТ во мај минатата година кога беше именуван за Уметнички директор. Во мај годинава беше сменет од функцијата, а во разговорот со СТАРТ зборува за времето на своето владеење, за незадоволството на вработените од неговото работење, за политиката, вмровското лоби, хонорарите…

Неодамна игравте во премиерата на „Плеј Шекспир“ на Љубиша Георгиевски. Какво е чувството, по една година директорување да се биде повторно само актер?

– Оваа една година од мојот живот ја посветив на организација, правење концепт за водење на театарот, во комуникација, решавање на проблемите… Уште минатата година, кога Љубиша Георгиевски го донесе концептот за „Плеј Шекспир“, кој бил понуден и одбиен уште во 1974 година, бев воодушевен од начинот и кастингот на кој ќе се работи претставата. Уште тогаш ми понуди да играм во оваа претстава и, еве, испадна таа да биде на крај на таа моја функција. „Плеј Шекспир“ ми дојде како актерска рехабилитација, зашто актерот не може да постои, ако не е на сцена. Оваа претстава многу ми значи и ја работев со голема радост, пред се затоа што имав можност да работам со колеги со кои до сега не сум работел. Таму го играм Шутот, концерт мајсторот , водачот на циркуската трупа, Џокер, Ричард Трети… Во самата претстава има голема можност за трансформации, можност повторно да ги разработам моите актерски пориви, да ги изнесам на сцена и, се разбира, да го покажам она што – се надевам – дека го знам.

Може ли да се најде некаква симболика меѓу вашата улога и доскорешната функција?

– Не ја врзувам улогата со самата работа во театарот. Улогите ги добиваме и ги прифаќаме, ако коренспондираат со нашата состојба и, ако коренспондираат со нашиот однос со материјата. Меѓутоа, да, оваа претстава има многу врска со дневната политика, но и со големите шекспирови вертикали. Сепак, се работи за две сосема различни „улоги“: едната се врзува за концепт и администрација, а другата со индивидуална креативност. И двете работи можат да бидат многу творечки и се различни во самата поставеност на нештата.

Велат дека за оваа улога сте си доделиле хонорар од три илјади германски марки…

– Тоа не е точно. Слободно кажувам дека во „Плеј Шекспир“ волонтирав. Немам потпишано никаков договор,немам добиено никакви пари за оваа претстава иако, ја работев клако уметнички раководител, што е друга функција, не е работа на актер.

А и тоа дека токму на проба за претставата ви била соопштена вашата смена од раководното место, која, наводно, не сте ја очекувале?

– Па, да… Бев на проба кога слушнав за промената. Кога се вратив од службеното патување во САД, промената на генералниот директор беше веќе направена и претпоставка беше дека новиот директор ќе донесе нов концепт и ќе избере нови соработници, кои ќе ги водат оделните сегменти во МНТ. Така што место за некакво изненадување немаше.

Мислите ли дека добивте соодветна замена како директор?

– Да се биде една година директор значи да се нема време да се реализира замислениот концепт до крај. За една година може да се согледаат работите, да се направи концепт меѓутоа, особено за интернационална соработка, потребно е повеќе време. Јас во оваа година не само што работев на реализацијата на концепцијата, која беше направена, однесена кај Управниот одмор на МНТ, одобрена, однесена во Министерството за култура, реализирана во целиот тој обем и работев на подолгорочна соработка со уметници ширум светот за следните години. Еве, сега гледам дека дел од работите, кои сум почнал да ги работам го доживуваат своето продолжување, како на пример, јавното читање на современ македонски текст од конкурсот што го објавивме уште на почетокот на моето доаѓање. Меѓутоа, која ќе биде новата програма на новиот уметнички директор треба да видиме. Од една страна, треба да се биде трпелив, а од друга, трпението веќе се лити, така што… Многу работи не зависат од самата институција, туку од концептот на Министерството за култура како ќе изгледаат одредените сегменти и нивниот став кон одредените уметности односно, ставот на државата кон самата култура и, се рзбира, донесување на прецизни закони за тоа како треба да функционираат нештата.

Вработените и не беа мниогу воодушевени од вашиот концепт за театарот…

– Мојот концепт се базираше главно на анимирање на различна публика во театарот, а во исто време и на анимирање на драмските писатели и актери од сите генерации, на правење ворк – шопови, воведување на нови техники и раздвижување на телото. и имагинацијата на актерите. За една година се реализира голем дел од замисленото: имавме отварање на поетскиот театар, гостување во Берлин на еден од најпрестижните европски и светски фестивали, десетина претстави беа направени, профункционира детското студио…

Сепак, незадоволство до вашето работење имаше…

– Јас се согласувам со незадоволството поради непроменетиот статус на актерот, на материјалниот надомест што го прима, неможноста да се направи добар маркетинг систем… Меѓутоа, се работи за една голема институција во која секој сегмент сам по себе е премногу голем и комуникацијата меѓу сегментите малку беше во расчекор. Сепак, големата работа е евидентна: на репертоарот на театарот има 18 претстави. Се работи за дтсри претстави, но и за нова продукција, односно за репертоарот кој ќе носи и носи различна публика.

Меѓутоа, токму за време на вашето раководење се случија и голем број на откажувања на претстави…

– Претстави се откажуваат, но да, за време на моето патување во САД имаше почесто нивно откажување. Најголема причина за тоа беше немањето на публика. Друга причина беа и неплатените хонорари на надворешните соработници, поради болест, а тоа не е само проблем во Драмата, туку и во Оркестарот и во Балетот, но ние имаме најмногу претстави, па кај нас е и најзабележливо.

Озборувањата се однесуваат и на тоа дека Ѓорѓи Јолевски е дел од непотизмот на Владо Цветановски и дел од она што се нарекува вмровско лоби, па по тој принцип и си ангажира луѓе во театарот?

– Немам роднина меѓу вработените ниту, меѓу луѓето кои беа вклучени во проектите. Луѓето однадвор беа ангажирани зошто проектите го бараа тоа, а и идејата беше театарот да биде отворен за повеќе луѓе, за нови проекти, нов начин на мислење. Да останев директор, сигурно дека тој принцип на отвореност ќе го задржев и понатаму. Не само што не гледам ништо лошо во тоа, туку мислам дека единствениот начин на комуникација е отвореноста, а не затворањето во своите рамки. Освен тоа, многу режисери кои доаѓаат да работат претстава доаѓаат со веќе направена поделба на актерите и ангажирани надворешни соработници. Се прават и аудиции – и за луѓе од театарот, но и за луѓе од другите театри – и режисерот си ги одбира актерите. Не припаѓам на никакво лоби! Мојата лична карта – од направеното овде и успесите надвор – мислам дека беше доволна препорака Цветановски да ме вклучи во својот тим. Не припаѓам на политичка партија, ниту пак, чувствувам потреба за тоа (што во денешно време изгледа е маана), зашто сметам дека да се биде член на партија треба навистина да се стои зад нејзината програма. Јас не гледам ниту една партиска програма зад која беспоштедно би застанал.

Што по директорувањето и по „Плеј Шекспир“?

– Голем одмор, а потоа… Имам неколку опции. Ќе видиме…

Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *