„Македоника литера“ деновиве ја објави драмата „Ѕвездата без име“ од романскиот писател Михаил Себастијан, која е најпопуларната драма во романската литература. Преводот од романски јазик е на Ирина Кроткова.
„Ѕвездата без име“ во средината на дваесеттиот век била хит во Романија и долго време била на театарските репертоари, а подоцна според неа се снимени играни филмови во Франција (1966) и во Русија (1979).
Почетокот наликува на социјална драма и на драматуршка фреска на малограѓански менталитет, но потоа добива тек на романтична драма со хумористичен, па и поетичен тек.
Во еден провинциски град во долината Прахова, една вечер непозната девојка е симната од возот на станицата затоа што немала билет. Иако е модерно облечена, нема пари и нема каде да престојува. Вториот главен лик е професорот Марин Мироју, страстен астроном, кој открил ѕвезда која не е обележана на ниедна ѕвездена карта и сè уште нема име. Двајцата емотивно се поврзуваат, но нивната идила набргу е нарушена…
Михаил Себастијан (1907 – 1945), чие вистинско име е Јосиф Мендел Хехтер, бил романски писател, од еврејско потекло, автор на романи, драмски текстови и литературна критика. Роден бил во дунавското пристаниште Браила, а загинал во сообраќајна несреќа во 1945 година. Во периодот меѓу двете светски војни во романската книжевна средина тој бил добро познат по неговите лирски и иронични драми и по урбаните психолошки романи обоени со меланхолија, како и по неговите извонредни литературни есеи. Неговиот роман „Две илјади години“ се смета за модерен класик.
Михаил Себастијан студирал право и филозофија на универзитетот во Букурешт. Се обидел да докторира право во Париз, но не успеал. Потоа работел како секретар во адвокатска фирма, а бил и адвокат. Како писател бил откриен од Нае Јонеску, негов професор, и бил поканет од него да соработува во списанието „Кувантул“, каде што го запознал Мирчеа Елијаде, еден од неговите идни пријатели.
Поради антисемитското законодавство од почетокот на 1940-тите, му било забрането да работи како новинар, а му била одземена и лиценцата за адвокат. И изведбата на неговите драми била забранета затоа што бил Евреин. Претставата „Празнична игра“ била забранета, а за да може да ја изведе претставата „Ѕвездата без име“, користел втор псевдоним, Виктор Минку. Првиот псевдоним е всушност законска промена на своето име и презиме, што ја направил во 1935 година.
Себастијан високо се етаблирал во романската литература како драматург со драмите „Ѕвездата без име“ (1942) и „Празнична игра“ (1936). „Последен час“ или „Островот“ бил недовршен текст, тој ги напишал само првите два чина, а третиот го завршил неговиот пријател Мирча Штефанеску. Претставата премиерно била прикажана во 1947 година