Во една сцена од американската серија “Џои” главниот лик на познатите “Пријатели”, Џои Трибијани (Мет Ле Бланк), ја продолжува актерската кариера во Лос Анџелес и се вселува со својот внук Мајкл, кој има 20 години, студира ракетно инжињерство и не знае апсолутно ништо за жените. Вујкото Џои, како негова тотална спротивност, една вечер го носи внукот во ноќен бар за да го научи на основните чекори во суптилната наука на додворувањето:
“Првата работа е да научиш да играш со бројки. Битно е да избереш некој со истото ниво на привлечност како твоето. Можеш да одиш по два поена плус и минус, но лично не би одел повеќе од тоа.” “На пр. јас сум 9, можам да се додворам на 7 или на претпоставената 11-ка. Друга можност за мене се: 4-ка и 5-ка. Три тројки. И, не би го препорачал, но: девет единици.”
Нижа математика (Заведување)
Сексот денес е прашање на математика. Ерих Фром уште во 1956 во книгата „Уметност на љубовта“, предупреди дека сексот во модерниот капитализам станува пазарна размена на пожелни идентитетни пакети.
Јас отворам тезга на невидливиот Пазар на потенцијалните партнери (неспоени индивидуи) и го нудам тоа што го имам: 1,55 см во висина, 48 кг во тежина, бојосана руса коса, интерес за видео игри, голф и гарсониера под кирија. Јас сум на пр. 6-ка. Во идеални услови барам нешто што е многу слично на мене. Не можам да сметам на внимание од тип што личи на Роби Вилијамс, чии родители поседуваат базен и три куќи, џип и сателитска навигација на мобилниот, љубовна историја на локален Казанова и статус на исклучително пожелен младоженец кај бабите во зграда (тие секако не знаат доста матни детали од неговото слободно време). Треба да барам нешто што е на исто ниво на привлечност со моето. Треба да пукам на пожелната 8-ца, на солидната 5-ка, или на последното уточиште, очајната 4-ка.
Виша математика (Брак)
Сепак, овие бројки се елементарна математика во споредба со парадоксите што ќе ве дочекаат откако сте го испазариле иделниот број. Тогаш се отвора цело поле на виша математика.
Еве прашање. Што ако вистинскиот секс е само мастурбација со реален партнер? Ако таму не сте двајца туку само еден? Тој партнер ви е нужен за да ви даде материјал (како што вели Жижек), но материјал што вие најосамено го опредметувате во вашата фантазија. Хамлет во средина на драмата ја погледнува Офелија и си помислува: каква одвратна личност! Тоа што изгубил е фантазматската поддршка. Останал еден во парот. Тоа е ваква структура 2=1.
Шекспир дава и друг материјал за размисла. Ромео и Јулија. Нивните семејства, целиот град и сите нивни пријатели гарантираат дека таа љубов е невозможна. Еден (макар потенцијален) брак никогаш не е осамена структура, секогаш е капиларна единица на општеството, секогаш е санкциониран од градот. Парот е секогаш надгледуван, контролиран и подложен на истата серија на казни и пофалби како и другите институции на системот. Законот вели дека фамилиите Капулети и Монтеки негуваат вековна омраза. И баш поради тоа, Ромео и Јулија сакаат да ја легализираат својата љубов, сакаат да ја видат потврдата во очите на сосетката. Во што уживаат тие? Во исполнетоста од бивањето заедно или во стравот да не бидат откриени? Одземете ја третата страна (градот) и на целата конструкција и’ недостасува причина за желбата. Баш поради тој град (сосетка, закон) таму желбата кружи минимум околу тројца. Тоа е структура 2=3.
Парот е се’, само не е двоен. Да замислиме ситуација во која Ромео и Јулија ќе ја победат омразата, ќе ги надвладеат вековните недоразбирања меѓу нивните семејства, и ќе стапат во брак. Каков ќе биде тој брак? 1) Циничен одговор: откако исчезнала напнатоста, Ромео-Јулија се трансформирале во банален брак, во кој нема ни трага од страсната љубов. 2) Продолжиле да се сакаат со страст. Но, изродена од битката со Законот, нивната љубов може да продолжи само преку бесконечните либидални полнења и празнења, љубов и омраза, еден вид садомазохистички брачен опстанок, каде ќе се разменува машката енергија на Јулија и женската на Ромео. Таму веќе не се двајца, туку четворица. 2=4.
(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.