Кога по 150 страници љубовни недоразбирања, двајцата вљубени ќе завршат во брак, единственото прашање што ви се наметнува е: „Зошто, забога, оваа жена се одлучува на заедница со овој маж, кого ниту го познава, ниту го разбира?“
Светот на комерцијалните љубовни приказни е населен со два различни пола, тотално неспособни за меѓусебна комуникација: мажи и жени!
1.
Љубовните (херц) романчиња завршуваат со првата брачна ноќ. Не поради срам, туку поради тоа што тука завршува техничкото искористување на заведувањето.
Херц романчињата, од верзиите со тврди корици на Даниел Стил до полуанонимните викенд изданија, беа главната лектира на нашите мајки. Нивните ќерки, денес, со ист интензитет ги голтаат филмовите од жанрот „романтична комедија“, од типот „Дневникот на Бриџит Џонс“ (2001, 2004). Херц романите, и ден денес, се меѓу најчитаната белетристика, воопшто. Повеќе од половината од книгите продадени во 2004 во светот припаѓаа на овој жанр. Најголемиот издавач на херц романи во светот, канадската корпорација „Харлекин“, продава 4 вакви дела секоја секунда, половина од тоа на не-англискиот пазар.
Што е заедничко за овие производи за масовна потрошувачка? Тие во центарот на приказната секогаш имаат женски лик. Читателката се поистоветува со хероината. Читателката се мачи да ги декодира постапките на мистериозниот маж во кој се вљубила хероината, исто како што се мачи и самата хероина. Ништо не и’ е јасно, ниту на читателката, ниту на хероината.
2.
Во времето на нашите мајки, жената од романчето беше девствена, осамена жителка на себеапсорбирачкиот свет. Живееше во атмосфера на минимални социјални контакти, во емотивна изолација и во мистификации на мажот. Денес, таа е самохрана мајка на две деца, жена со бројни сексуални искуства, или жена со исполнет емотивен и социјален живот.
Она што не се променило е дека кога во животот на жената ќе се појави мажот, тој редовно го зазема местото на мистериозната Другост. Неговите постапки се нејасни, целото негово поведение е грубо и студено. Набрзо за утеха, дознаваме дека тој имал само најдобри намери. Само што тие не биле сосема јасни за Неа.
Освен декодирањето на постапките и зборовите на мистериозниот маж, меѓу две средби со него, жената од љубовните романчиња и филмови, времето го утепува во најголеми баналности. Консумира и купува храна, облека и мебел. Загрижена е за својот изглед. Се’ е тоа во функција да остане во состојба на постојана привлечност за мистериозниот маж.
Кулминацијата се случува околу некаква „грешка“. Грешката е предизвикана поради колапсот од погрешното дешифрирање на постапките на мистериозниот маж. Љубовниот пар се ниша и можно е да пропадне целата афера. Читателот е во интензивно исчекување, ќе заврши ли приказната среќно? Се појавува пријателката која само помага да се зголеми забуната околу дешифрирањето на постапките на мажот. По стоти пат се преповторуваат стеротипите за посакување и одвраќање. Тие дијатриби со собеседничката го чинат телото на исповедноста, на откриената и на скриената полемика со спротивниот пол.
3.
Кога по 150 страници од херц романот или кога по два часа филмски љубовни недоразбирања, по многу несфатени погледи и постапки, двајцата заљубени ќе се предадат на љубовта, последното прашање што се исправа пред нас е: „Зошто, забога, оваа жена се одлучува на заедница со овој маж? Зошто сака да се омажи за некого кого воопшто не го познава и воопшто не го разбира?“ И, според истата логика, зошто овој маж би сакал да ја ожени оваа жена?
Логиката на отсутната веројатност во жанрот комерцијална љубов се исцрпува во признанието дека светот на овие приказни е населен со два различни пола, тотално неспособни за меѓусебна комуникација: мажи и жени. Тоа е свет на глорификација на разликите меѓу половите. Ако ништо друго, во тоа е и нивната конечна порака. Светот на комерцијалната љубов е свет на патолошкото искуство од сексуалните разлики на двата пола.
(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk