На античките гозби се јадело лежејќи. Но, тие гозби биле наменети за разговор на пријатели, а не за водење љубов.
Еден Мекдоналдс оброк стана еден минијатурен семеен доказ за љубовта
1.
Сакањето е тесно врзано со најадувањето.
„Дали денеска јадеше?“ – тоа е често семејно прашање.
„Дали нема да го пробаш ова што ти го припремив?“ – ова е често љубовничко прашање.
Јадењето не е за храната, туку за давањето знак на љубов за оние кои тој знак го бараат. Јадењето е многу повеќе од начин да се поддржи биолошката машинерија на телото. Јадењето е цела церемонија на љубовни односи меѓу мене и светот.
Обредните ритуали се организираат околу трпезата. Трпезата ги крие долните делови од телото, го прави видливо лицето и устата. Тоа од трпезата направи генијален љубовен пронајдок. Трпезата е прослава на устата како центар на светот.
На античките гозби се јадело лежејќи, но тие гозби биле наменети за разговор на пријатели. Видливоста на „целото тело“ парадоксално не водела до љубовна игра, туку до филозофска дијатриба. Љубовната игра е можна само таму каде се крие очигледното, само таму каде што преку устата, суптилно се навестува насладата што следи.
2.
Погледнете како готват најпрославените готвачи на денешницата од Џејми Оливер до Марта Стјуарт и Ентони Ворал Томсон. Тие готват во минимални количини. Заради визуелното и тактилното, а не заради оралното. Тие не готват заради јадењето, не е тоа покана за задоволството од јадењето. Чинот на готвењето е за покажување како се организира, како се комбинира, како се модифицира супстанцата. Готвењето стана како пишување партитура или како цртање, како водење љубов. Важни се движењата на рацете, на внимателните прсти, кинетичкото задоволство. Тоа не е барање храна за гладта на телото, туку барање ритам за движењата. Тоа е барање телото да биде најадено, не од храната, туку од ритамот.
3.
Наспроти оваа минуциозна уметност на готвењето, паралелно постои и феноменот на фаст – фуд рестораните, во кои обредот целосно се презема од страна на масовното производство. Фаст – фуд феноменот стои наспроти спорите готвачи што го враќаат стариот љубовен ритам.
Фаст – фуд рестораните се епитом на брзинската љубов. Во документарниот филм „Жижек!“ (2005) за животот на прославениот словенечки филозоф, Славој Жижек, има една индикативна сцена во која Жижек го носи својот мал син во Мекдоналдс ресторан. „Го носам таму за да се преправа дека е среќен. Се преправа за да не ме разочара. Па што? Барем играта функционира.“
Играта што тука функционира е вртоглавото иницирање на обредот во инстант доказ за љубовта. Дури и доказ во кој се лаже заради самиот доказ. Таа брзина е побарувана од нашата интензивна култура. Еден Мекдоналдс оброк станува еден минијатурен семеен доказ за љубов. Еден хамбургер е како инстант секс во ќошето на некоја канцеларија. Како секс за една вечер, наспроти водењето љубов со часови.
4.
Ниче рекол „Секој треба да ја знае величината на својот стомак.“ Да знае колку може да земе корисни работи од тоа што го јаде. Не во смисла на внес на храна, туку во смисла на љубовно варење. Многу луѓе се гадат, ако некој да им брцне во храната од нивниот тањир. Некаде читав дека отпорот да ја делиш храната со луѓе од иста маса е резултат на скриената фасцинација со фантазмот за групна оргија. Со тоа што во оваа оргија испаѓа дека мора да учествуваш, иако не си го понудил својот тањир. Затоа е важно човек да знае да ја избере својата брзина. Со која телото нема да го полни со многу „лоша храна“. Тоа е можно само откако си ги препознал/а и сопствниот режим на исхрана и границите на својот љубовен ритам.
(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)
*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk