Сутерен.мк

Јордан Симонов: Не сакам херои

Театарската фела е речиси едногласна дека тој е вреден, талентиран актер, а сепак е само хонорарен соработник при Драмата на МНТ. Велат и дека е по малку чуден, затворен, дека многу не зборува…

• Не зборувам многу и не ги сакам ни луѓето кои зборуваат многу. Кога премногу се зборува, се губи мистеријата, привлечноста кај луѓето. Повеќе сум да се стори нешто, одошто само да се муабети. Инаку, јас сум сосема обичен дваесетидеветгодишен човек, кого го мачат истите проблеми како и секого кој сака нешто повеќе од себе. И за себе.

• Што се однесува до мојот статус… Се создава нова, полна со енергија, актерска екипа во МНТ, поради која публиката му се враќа на театарот. Но таа енергија е многу малку искористена. Општата состојба е очајна. Нормално, сакам да се вработам, само дали тоа парче хартија што се вика решение е решение за сегашнава состојба на еден актер? Особено млад актер! Младите се тие кои ги раздвижуваат нештата, но проблемите остануваат. Затоа што тие се на другата страна. Сепак, се надевам дека ќе биде подобро. Всушност, мора да биде подобро.

Тој, „молчаливиот“, актерот Јордан Симонов по четирите години на ФДУ и дипломската „Трамвајот наречен желба“ го гледавме во „Окото на мајката“, „Црно писмо“, „Троил и Кресида“, „Евмениди“, „Евангелие по Јуда“, „Буре барут“, „Роденден“… во ТВ серијата „Бумбари од крајот на градот“, во ТВ филмовите „Крик на немиот Индијанец“, „Дичо зографот“… На прашањето пак, што би сакл да одигра, вели:

• Завршувањето на Академијата не значи дека се добива виза за да може да се одигра сешто. А за да се посака да се одигра нешто конкретно, мислам дека е потребно многу повеќе искуство, повеќе време поминато на „штиците“. За да се имаат такви желби, треба да се достигне некакво актерско ниво, но не некое строго одредено ниво. Бидејќи, ќе посакаш некоја улога, ќе ја одиграш и што потоа? Тука би требало се да заврши. Затоа сакам се да играм. Можеби само… повеќе ги сакам улогите на антихерои. Всушност, не сакам ликови на херои. ПОвеќе ги сакам оние губитници, за кои публиката навива. Ги сакам маргиналците на кои, кога ги гледате, им држите среќа.

Што друго сака Јордан Симонов? Па, сака да има рокенрол во театарот, го сака фудбалот, сака да гледа телевизија, сака музика… И моментно многу сака да оди некаде каде што има големо, широко, таинствено, модро – море!

 

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1995 година
Фото: Борис Грданоски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *