Сутерен.мк

Љубиша Георгиевски: Високо, над розовата држава!

На 16 – от кат во една од првите кули на скопската населба „Аеродром“, од чии прозорци низ прекрасните панорами се гледаат сите четири страни на Скопје е сместен интимниот свет на овој режисер, интелектуалец и политичар. А во него…

  • Кога зборот ќе „падне“ на хартија, некако „омртвува“. Запишаниот збор е „погрешен“. Тешко дека може верно, на хартија, да се пренесат сите емоции, расположенија, интонации… што ги носи кажаниот збор. Едноставно, се растура магијата! Вистинска работа е само кога го имате „оригиналниот“ свук на зборот! – вака вели Љубиша Георгиевски, режисер, интелектуалец и политичар.

И, има право! Зашто, навистина е тешко да се доловат на хартија реалната атмосфера и точните впечатоци што потписникот на овие редови ги почувствува при посетата на неговиот најинтимен свет.

А тој, сместен високо е навистина интимен и пред се – свет! Сам за себе. Свет „извезен“ со безброј детали од кои зрачи информацијата дека тука живее токму Љубиша Георгиевски.

Тешко е да се напише и опише и ненаметливата љубезност и духовитост на домаќините со која бевме пречекани. Тешко е зашто нели, се расипува „магијата“, ама сепак…

Господинот Георгиевски го „фативме“ во така речи „меѓувреме“: штотуку вратен од Солун и тамошниот Балкански форум и пред тргнувањето за Париз каде што, покрај останатите тамошни културни ангажмани, можна е и негова режија на најновиот текст на Јордан Плевнеш).

Фото: Кире Галевски

И додека неговата поубава половина, сопругата Ленче, се подготвува за Велигден, тој го слави Бајрам. Зашто вели: „Во моментов работам во Турската драма, а ним им е нели празник Бајрам, па така и мене ми е. И добро е што е така. Еве, со честа на празникот и се видовме.“

Сепак, Георгиевски нагласува дека се труди што почесто да е дома, за разлика од порано, зашто се посигурно се чувствува токму тука, меѓу најсвоите. Во меѓувреме, полека се прибира и останатиот дел од неговиот интимен свет: ќерката Мери и зетот (имењак) Љубиша, кои ги нема на фотографиите, бидејќи сметаат дека на овие страници најважен е Љубиша сениор. Го нема ни синот Александар, кој по долга изолација поради скршената нога е отиден на заслужена рехабилитација, што ќе рече – „во живот“.

 

Ама затоа пак, тука е вистинската ѕвезда на семејството – шестгодишната Елени или Лени, која откако ќе го преброди кусото снебивање од непознатите гости, кои се мотаат околу дедо и, рафално ќе ни ги изрецитира сите можни потези во шахот (за кој домаќините ни велат дека е просто предодредена, па ги победува сите со ред освен, својот учител т.е. дедо и), ќе ни го покаже своето рачно исликано Велигденско јајце и доверливо ќе ни го соопшти рецептот за вадење на тетоважите од гумите за џвакање. Потоа, со шепотење ќе ни го искаже своето незадоволство од една многу незгодна навика на својот најверен обожавател: дедо и, како секој вистински битолчанец, попладне обврзно дремнува. Е, тогаш се и маките! Ем што нема со кого да се задева, ем мора да биде мирна и тивка! Страшно и пречи тоа!

А Љубиша Георгиевски, освен што ја има споменатата „битолска навика“ ја има и навиката на постојана работа. Па така, неговата релација во домот е од полиците со книгитедо машината за пишување. Попатно, се сместува во својата „најинтимна“ фотелја, да го види ТВ дневникот, да ги прочита весниците…

Сепак, ни открива г – ѓа Ленче, знае да влезе и во кујната (додуша ретко) и да зготви нешто. И тоа онака, мераклиски, без рецепт, туку импровизирајќи, што за чудо – редовно му успева! А бидејќи е голем гурман, утринскиот џогинг му е неизбежен.

Така отприлика вели Георгиевски, ни тече животот во домот, со тивка сообраќајна координација на сопругата Ленче, во присуството на неговите деца и тајните рецепти на Лени за лепењето и вадењето на тетоважи.

И не дека не стана збор за политиката и театарот. Муабетите главно и беа за тоа. За тоа дека политиката и театарот се премногу блиски, дека кога еднаш ќе те перцепираат како политичар засекогаш остануваш тоа, дека неговото повторно влегување во политиката зависи од многу фактори, но и од тоа дали таа, политиката ќе влезе во него…

Стана збор и за непотизмите, криминалот, (не)патриотизмот во оваа наша „розе“ држава. Дека човек, ако сака да стори нешто за подоброто утре на сите, не мора да биде директно вмешан во онаа „јавна“ политика, зашто многу нешта се – политика!

За тоа што е поважно: да се биде капетан на бродот (и тепачката околу капетанувањето) или пак, колку и како се сака својата посада? Се вртеше разговорот околу многу нешта…

Сепак, затоа – потоа, при некои други празнувања.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *