Сутерен.мк

Џони Штулиќ и македонскиот пасош

Како била одбиена апликацијата на славниот Џони за македонски пасош? Борис Тадиќ и Стипе Месиќ му нудат државјанство и патни исправи на славниот лидер на групата „Азра“, а тој сакал да биде македонски поданик?

По неодамнешната „мала бура во чаша вода“ што ја предизвикаа авторитетите од рангот на претседателот на Хрватска, Стипе Месиќ, и министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по прашањето кој треба да му даде пасош на Бранимир Џони Штулиќ , Македонија повторно се најде во чудо.

На Македонија не и’ се случува „иронија на судбината“ туку, иронијата и е судбина. Како поинаку да се толкува податокот дека своевремено Џони Штулиќ, кој денес е речиси митска фигура, посакал да биде Македонец, а тоа никој овде, не му го овозможил!? Тоа впрочем, деновиве на ХТВ го потврди и еден од компањоните од „Азра“, Јурица Паѓен, кој изјави дека Џони единствено барал државјанство од Македонија и бил одбиен! Поради тоа, наводно, Џони бил лут и резигниран.

Го најдовме телефонскиот број на Штулиќ во Холандија, но тој не сакаше да разговара. Само кусо рече: „Тоа е дамнешна работа. Фала ви на интересот, но не давам интервјуа!“ Толку.

„Вистината“

Според нашите извори пак, ова се случило на почетокот на деведесетите години, кога самиот Штулиќ  наводно, посочил дека за тоа што не добил македонско државјанство, виновен е „човекот чие име почнува на Б, а е роден во Сараево“. Алузијата е очигледна. Претседателот на Социлајдемократскиот сојуз и во тоа време, премиер во државава, ни изјави дека, „прв пат слуша за таква работа и дека никогаш немал, никакви контакти со некој, за барање на државјанство за Џони Штулиќ“. Наспроти ова, упатените упорно тврдат, дека интерес од страна на Џони постоел, но во колкава мера, тешко е да се каже.

Ретките што се во повремен контакт со „генијалниот гомнојадец“ од Балканот е и еден македонски продуцент, кој вели дека тој, навистина посредно, го барал тој документ, но дека не смета дека инсистирал премногу на истиот.

Според нашиот соговорник, кој сака да остане анонимен заради почитта кон Штулиќ, тврди дека регуларна форма или процедура за барање македонско државјанство, најверојатно, немало. Тоа се должи пред се’ на животниот стил на музичарот. „Да дојде на шалтер и стрпливо да чека неколку часа да го запишете во живите!? Во, македонските – живи!?“ – вели продуцентот.

Што ќе рече, зошто никој од тогашната власт, авторитетите меѓу уметниците, не ја препознаа оваа еуфорија што со години се подгрева (колку што го нема, толку е поинтересен) дека ќе кулминира еден ден, со сите димензии на ексклузивност. Александар Македонски (кого фронтменот на „Азра“ веќе го „одработи“) многу помалку ни помогна отколку еден Џони Б. Штулиќ, кој, да беше некој малку повеќе информиран за афинитетите на култниот рокер, ќе придонесеше немерливо позитивно во ПР – презентацијата на државава наспроти, бесмисленото броење колку јајце клетки се оплодени во последните 28 денови.

На прашањето дали постои некаква шанса тој денес да го добие фамозниот македонски пасош, Иво Котевски од Министерството за внатрешни работи, кусо одговара:„Без лично барање, нема пасош. Такви се законските прописи. Меѓутоа, доколку Џони Штулиќ би побарал такво нешто, ние сигурно би му излегле во пресрет особено, што има основи за тој да му се додели“.

Патем, Штулиќ нема ничија патна исправа, туку само холандска лична карта за странци што пак, му овозможува, релативно слободно движење низ Европа. Сепак, дека кај нашите официјални власти постои добра волја и разбирање за табиетот на најпознатиот југословенски апатрид, потврдува и Котевски:

„Не мора да дојде овде иако, со таа лична карта што ја поседува има слободен пристап во земјава туку, барањето може да го поднесе и во нашата амбасада во Холандија. Меѓутоа, барање, мора да има! Со сила, не можете некому да му дадете ништо. Секако, ќе се разгледаат и условите. Тоа е процедурата за сите.“

Нашите извори велат дека дури и министерката Гордана Јанкуловска ги слушала или е наклонета кон „Азра“ и дека нема ништо против да се заложи за вакво македонско гостопримство. Останува отворено прашањето дали тој истиот Џони сега, би го прифатил ваквиот секако, „дипломатски“ потег, кога конкретно би се понудил. Последната иницијатива всушност, пропаднала пред две години, кога не покажал никаков интерес за обновување на „процесот“ од страна на споменатиот домашен продуцент, односно кога едноставно, бил веќе на сосема други шини. Што ќе рече, Штулиќ ниту ги прифаќа пасошите што фрчат на сите страни, ниту ги одбива.

Со Бранка Бакариќ

Почетоците

Бранимир Џони Штулиќ е роден на 11 април 1953 година во Скопје и беше пејач и гитарист на југословенската група „Азра“ (зборот значи девица, а името е земено од една песна на Хајнрих Хајне). Се смета за контроверзен автор и еден од најголемите мистици на југословенската рок сцена. Во почетокот на седумдесетитте ја формира групата „Балкан севдах бенд“, но под влијание на панкот и новиот бран , го модифицира својот звук па така, во 1977 година ја формира „Азра“.

Првиот албум излегува во 1980 година и овој носач на звук се смета за едно од најкултните и највлијателните дела на рок музиката во поранешна Југославија. Самостојно и со овој бенд, Штулиќ снимил над 16 музички албуми. Тој стана културен феномен кој го дефинираше растењето на цели генерации во социјалистичката заедничка држава, а денес е поинтересен од кога и да е. Тоа е последица, се чини, на фактот што создаде премногу песни премногу албуми сними, премногу зборуваше за политика, премногу филозофираше, пцуеше, премногу му беше битно тоа што го работеше. Велат, бил претежок, тврдоглав и нестрплив.

Можеби токму затоа, на почетокот на осумдесетите, тој ќе седне во такси и просто ќе замине во земјата каде што претпоставува дека најдобро ќе се чувствува, во Холандија. По неколку години, ќе се врати и ќе сними уште неколку албуми. Неговите „нови“ песни се сосема поинакви. Да се редат успесите на „Азра“ и Штулиќ е сосема бесмислено, покрај сите силни сајтови, посветени токму ним.

Важно да се напомене дека Џони секогаш го нагласувал значењето на своето родно место – не пропуштал можност да каже дека е од Македонија, од Скопје, дека ја сака македонската народна музика. Доказ за тоа се и неговите многубројни преработки на нашите народни песни. По доаѓањето во Загреб (во Скопје ќе живее се до петтата година од животот) ќе му се потсмеваат поради „необичниот“ акцент, поради кој мислеле дека е Босанец. Во една пригода, на гостување во САД, во 1982 година, сите ќе се претставуваат како Југословени, но само тој, како Македонец. Потоа, бидејќи некако сите ќе се „дистанцираат“ од него, тој ќе изјави:„Новата Македонија ја создадоа Тито и Штулиќ!“

Роден во мешовит брак на Хрват и Србинка (татко му служел како офицер на ЈНА во тенковската единица во скопската касарна „Маршал Тито“), Џони ќе остане изгледа засекогаш „без земја“ – Македонците го подзаборавија, Хрватите беа некако сомничави особено, по распадот на СФРЈ, кога отиде во Белград и снимаше за тамошната „Комуна“., а Србите беа „неутрални“. Се’ уште впрочем, не се завршени судските спорови што тој ги води со „Кроација рекордс“ и српската дискографска куќа, а не се завршени ниту војните со своите поранешни пријатели и колеги.

Една од неговите љубови наводно била и Снежана Бановиќ

Проблематичност

Бранимир Џони Штулиќ, според кулоарите, многу ретко комуницира со своето семејство во Хрватска и никој од нив (мајката Славица и сестрата Бранка – таткото Иван е веќе починат), не сака да зборува за него. Ретко дава интервјуа и веќе не доаѓа на овие простори. Живее уредно во малото место Хојтен (близу до Утрехт), во домот на неговата сопруга Џозефина Фрудмајер, службеничка во градската болница, со која е во брак од 1989 година.

Многумина, токму бракот со Холанѓанката го наведуваат како причина за распадот на „Азра“. Во една прилика, тој ќе рече: „Продадов милиони плочи, ги платив своите сметки и овде немам баш, ништо. Секаде сум гостин. Да не ме земеше ваков една Холанѓанка, немаше да имам ниту дом.“ За својата национална припадност воопшто, не ни размислува. Вели, дека е уметник и тоа – свој! Бесрамно одби, како што ќе речат некои српски колеги, да профитира во времето на балканските национализми..

За Џони велат дека се’ уште е носталгичен кон „неговата“ Југославија. Штулиќ ги игнорираше големите пари што му ги нудеа за повторното обединување на „Азра“ и одбра, во својот холандски „егзил“ да ги преведува, препејува и повторно пишува предхристијанските класици. Критичарите овие негови дела ќе ги оценат како „брилијантни будалаштини“, но сеедно, тој си го следи својот компас на големото патување . Неговиот живот и онака, никогаш не зависел од некакви локални рамки. Токму затоа, во неговите трудови ќе се најде и „рапсодијата“ на историјата за Александар Македонски.

Она пак, што ги разбуричка балканските духови е неодамна објавената автобиографија во Белград, наречена „Смејаријада“, со која се чини, дека не сака да се откаже од своето место во историјата на југословенскиот рокенрол, но не е ниту, задоволен од своите почитувачи.

Всушност, овој верижен политички интерес за решавање на неговото државјанство се активираше во времето околу промоцијата на неговата книга, во која тој ја опева својата животна и уметничка судбина, притоа цинично обвинувајќи ги своите поранешни пријатели и соработници, кои продолжиле да го живеат животот на поделените територии од земјата, чиј пасош одамна е неважечки. Исто како и земјата од која заминал, се разбира.

Влатка Пирш, уште една непотврдена љубов

Југословени во Македонија

Во почетокот на деведесеттите во Македонија имаше „наплив“ на признати имиња од јавната сцена на поранешните југословенски простори кои бараа „засолниште“ од воените кризи што беснееја во другите екс – ју републики. Така, во едно исто време, овде се најдоа Лепа Брена, Бобан Живоиновиќ, Горан Бреговиќ, Рака Мариќ, Бранко Ѓуриќ, Раде Шербеџија… Не знаеме колку од нив побарале македонско државјанство, но факт е дека сите си заминаа од овде. Што, се разбзира, може да се гледа и како на нормален след на нештата. По 1945 година во земјава исто така имало наплив на признати уметници, како од Балканот така и од Русија и други држави. Малкумина од нив останаа. Можеби Македонија можела да се постави и поинаку. Можеби сме ја пропуштила шансата да го збогатиме своето културно и општествено ткиво и да создадеме една здрава основа за цврста елита поради негостопримството кон „туѓинците“.

И Грација Педиќ е „идентификувана“ како негова девојка

Курвини синови

Фактографијата вели дека во првиот состав на „Азра“, кога го снимаат првиот албум, каде Џони ги демонстрира трештечките гитари, речиси болното пеење и текстовите на теми што дотогашната сцена не ги познава, биле – Џони Штулиќ (вокал и гитара), Мишо Хрњак (бас гитара, вокал) и Борис Лаинер (тапани, вокал). Во 1987 година, по три години отсуство на Штулиќ, излегува албумот „Помеѓу крајностите“ со новата постава – Штулиќ, Јурица Паѓен, Стивен Кип и Борис Лаинер. Дискографијата вели дека ги има(ат) сингловите „Балкан“ / „А шта да радим“ (’79 – та), „Лијепе жене пролазе кроз град“ / „Позив на плес“ (’80 -та), „Џони, буди добар“ / „ Тешко вријеме“ (’82-ра), „Е, па што“ / „Слобода“ (’82-ра), „Немир и страст“ / „Довиѓења на влашком друму“ (’83-та), „Клинчек стоји пред облоком“ / „Флаш“ (’84-та), „Мон ами“ / „Дубоко у теби“ (’84-та) и шеснаесет албуми.

Историска е веќе неговата кавга со Борис Лаинер, со кого ни денес не успеваат да воспостават нормални односи. Впрочем, многумина од луѓето со кои Џони соработувал, главно го опишувале како своеглав, тврдоглав, тиранин, кавгаџија и егоманијак. Самиот тој, смета дека поранешните пријатели само го користат неговото име за да заработат пари.

Патем, „Литиум рекордс“ на 22 декември ги носи во скопскиот клуб „Хавана“, Лаинер и Мишо Хрњак, кои заедно со уште еден музичар, кој наводно, најдобро го „симнува“ гласот на Џони, ќе одржат концерт под мотото „Поздрав за Азра“.

И одредена Сузи од Австрија е ставена на списокот на романсите на Џони

Љубовен живот 

Првата акустична гитара на Џони Штулиќ му ја позајмува уште како тинејџер неговата другарка Маја Оштир. Толку долго ја задржал кај себе и свирел на неа, што кога ја враќал, морал да ги смени сите прагови на вратот на инструментот. За неговиот интимен т.е. љубовен живот, многу малку се знае. Скржав во споделувањето на интимата, единствена „потврдена“ романса е онаа со Бранка Бакариќ (осумдесеттите години на минатиот век), постарата ќерка на познатиот политичар, Владимир Бакариќ, на која и’ ја има посветено песната „Заминување во ноќта“. Во 1991 година, по враќањето од Белград во Загреб (веќе оженет за Холанѓанката), ја запознава Алка Вуица и се рашируваат муабети за љубовна афера меѓу нив двајца. Џони, ги побиваше сите озборувања, а на новинарско прашање што очекува од деценијата што следи, одговара: „Огномет!“

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2008 година

    

            

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *