Сутерен.мк

Џон Оливер: Најлутиот Англичанец во САД

Овој автор на светски влијателното телевизиско ток шоу го издвојува од конкуренцијата неговата злобна сатира која честопати навлегува длабоко во сериозното истражувачко новинарство, немилосрдно расчленувајќи ја политиката и општествените и социјалните парадокси, кои се обидуваме да ги преживееме

Глобално популарниот новинар со 43 години (роден е во Бирмингам, Англија, во семејство на професори), веќе е на листата на телевизиски генијалци меѓу имињата на еден Џон Стујарт, Дик Кавет, Џони Карсон, Дејвид Летерман, Џеј Лено… Џон Оливер, кој бриљира еднаш неделно навечер на кабелската ХБО во своето ток шоу „Минатата недела со Џон Оливер“ е интелегентен, општествено крајно чувствителен, прониклив и немилосрдно критичен ТВ автор, кого респектираниот магазин „Ролингстоун“ го прогласи за најлутиот човек на американската телевизија.

Оливер е Англичанец, кој во летото 2013 година, на препорака на популарниот британски комичар Рики Џервејс, дошол да го замени Џон Стујарт во неговото ток шоу „Дејли шоу“, поради двомесечното отсуство на Стујарт. Веќе кон крајот на истата година, ХБО му дава сопствена емисија. „Минатата недела со Џон Оливер“ е поинакво ТВ издание од она на Стујарт, но сепак, очигледно под влијание на постариот колега, во неговите настапи може да се забележи многу од стилот на Стујарт: хумор на сопствена сметка, преминот од апсурдната и навидум блесава сатира до сосема сериозна и остра критика, остроумноста и емотивноста. А сепак, сѐ е тоа сосема поинаку. На само негов начин, а богами и, речник!

Оливер и неговите соработници всушност, се занимаваат со сериозно истражувачко новинарство, кои копаат по темите што сите не засегаат, а особено ранливите социјални групи граѓани, кои потоа ги објаснуваат и парчосуваат со комичен тон. Што ќе рече, станува збор за новинар од голем калибар, поголем од многумина на кои новинарството како професија им стои во договорот за работа или во дипломата!

Оние кои се обидоа да направат нешто слично на македонските телевизии, но ни од далеку не им успеа, едногласно како аргументи за своите потфрлања ги истакнуваат нискиот буџет и немањето доволен број на квалитетни соработници кои би им помагале во изработка на сценаријата за емисиите. Единственото нешто што едвај „држи вода“ во патетичните оправдувања е фактот дека ХБО е кабелска телевизија без реклами, па не мора да има обзири кон огласувачите. Меѓутоа, да не заборавиме дека и зад овој медиум стојат сопственици, кои лесно можат да се замерат со моќниците од разни сегменти на општеството, но очигледно ним им е поважен квалитетот на производот што го нудат, отколку „добрите врски во високите бизнис, политички, па и уметнички кругови“. Сепак, сеедно на околностите, за една емисија од ваков тип – која е ултимативен американски телевизиски формат – да биде успешна пред сѐ, пресудни се талентот и харизмата на самиот водител!

Во едно свое неодамнешно интервју Оливер ќе изјави дека неговата основна задача е опсесивното следење на американските и светски медиуми, а на најважните теми го изострува својот талент за сатира, но и неговата особена чувствителност на општествените неправди и глупоста што нештедливо ја искажуваат и практицираат политичарите. Тврди дека од ХБО има тотална авторска слобода, па така, тој безмилосно исмејува, па и пцуе ликови како Доналд Трамп, Доктор Оз или Владимир Путин или пак, за соговорник го има еден Едвард Сноуден.

Неретко, се потсмева, и потковано со факти ја потценува и сопствената професија, себе си, матичната ТВ куќа, колегите од пишаните и електронски медиуми, ѕвездите од културата и шоу бизнисот, нарекувајќи ги површни, без општо образование, мрзелливи блефери , самовљубени и арогантни персони на кои им се единствено важни 15 – те минути слава и трупањето на скапи, непотребни дрангулии во домот и врз себе.

Над Опра!

Во текот на една своја неодамнешна емисија Џон Оливер ги откупи и им ги прости медицинските долгови на 9 000 луѓе, во вредност од 15 милиони долари.  Всушност, главната поента му беше да укаже на валканиот бизнис со откупот на долговите: одредени фирми ги преземаат разните финансиски задолженија од американските граѓани за помалку од еден процент по долар, за потоа истите должници да ги малтретираат како истерувачи на долгови (извршители) за многу повисока цена.

  • Купувањето на долг е без контрола и секој идиот може да влезе во овој бизнис. Тоа можам да ви го докажам бидејќи и јас сум идиот за деловно работење, а основав компанија за откупување на долгови. Беше загрижувачки лесно! Плативме само 50 долари!? Застрашувачки е што потоа можев да ги ангажирам вработените да им се јавуваат на списокот со 9 000 луѓе и да им го претвориме нивниот живот во кошмар! – рече притоа Оливер и, алудирајќи на Опра Винфри, која во 2004 година во своето ТВ шоу на 276 присутни во публиката му подари на секој по еден нов автомобил Понтиак Г6, што вкупно ја чинеше 8 милиони долари, на крајот на свој специфичен начин, извика:
  • Еб. се Опра!

Мултимедијален автор

Оливер владее во медиумскиот простор со „класичен“ американски ТВ производ и тоа во време кога доминираат социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, агрегациските сајтови како Gawker и Buzzfeed, заедниците Reddit и 9gag. Кога Оливер е од некого или нешто особено изнервиран, неговата агресивна логореа е неповторливо забавна. Овој мултимедијален автор за својата работа е добитник на бројни светски престижни награди. Покрај со новинарство и публицистика, се занимавал и со глума, на филм и ТВ и нахсихронизација на анимирани ликови. Оженет е со докторката Кејти Норли, воен ветеран од Ирачката војна, со кого го има двегодишниот син, Хадсон.

Б. Д. Н.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *