Триесетгодишниот Васил Јанкула, попознат како преспанскиот херој, заминува на втора операција во Србија, благодарение на хуманоста на неговите другари што ги запознал преку ТикТок.
Васил со трицикл во мај 2019 направи кружна тура од 800 километри околу државава, за една седмица, со цел да докаже дека сите сме исти, дека лицата со попреченост се еднакви како и сите останати.
Тргна од Ресен, преку Битола, Прилеп, Градско, Велес, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга, Охрид, и преку Галичица се врати дома.
Пред тргнувањето тој упати апел до сите лица со хендикеп да бидат силни и храбри и да не се откажуваат на половина пат, а мотото на обиколката беше „Сите сме исти”.
-Утре заминувам на втора операција во Ќуприја, Србија, благодарение на моите другари што ги запознав преку ТикТок. Моме Кинг и Беговата армија ми го обезбедија целиот потребен износ на парични средства, која ја собраа за пет минути на ТикТок, изјавил Васил за МИА.
-Многу сум среќен што се уште постојат луѓе како Моме Кинг и Беговата армија. Знаеме дека во денешно време, без разлика на пандемијава, тешко се собираат средства. Искажувам голема благодарност до Моме Кинг и Беговата армија кои се секогаш тука да помогнат. Посебна благодарност искажувам и за МИА и дописничката Вера Тодоровска, која прва почна да пишува за мене и која ми го даде епитетот преспански херој, нагласува Јанкула.
Васил Јанкула, кој е роден со церебрална парализа, по потекло е од Мала Преспа, Албанија, а од пред неколку години живее во Ресен.
На 4 мај 2019 година Васил извози 42 километри и на Скопскиот маратон, а учествува и на Охридскиот маратон. Тој беше дел од групата лица со попреченост кои беа дел од првата сет-ски школа на Маврово, во рамки на која се обучуваа тренери за скијање и каде првпат лица со попреченост скијаа во посебни седишта. Школата беше организирана од Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања”.