Сутерен.мк

13 идеи за спас на Македонија

Државава, според преовладувачките оцени, останува и натаму во состојба на „продолжена транзиција“ и, што е најзагрижувачки, без знаци дека околностите брзо ќе се променат. Тоа, се чини и го создава амбиентот на нудење концепти за излез од општествената криза – нешто што, за жал, главно, останува во апсолутен домен на политичарите без можност во тоа активно да учествуваат пошироките професионални и експертски структури од разни области на животот и воопшто, луѓето кои со своето искуство и знаење би имале што да кажат и да предложат…

Ова ни даде повод да организираме една мала анкета со едно, навидум, прилично едноставно прашање: што би предложила јавноста за земјава да почне забрзано да се извлекува од транзицискиот ќор-сокак. Кажано со други зборови, не’ интересира што го сметаат за приоритет јавните личности во оваа земја што мора неопходно да се направи, без ограничување на кој сегмент од општественото живеење би се однесувал тој приоритет (на политиката, на економијата, на социјалната сфера, на културата или на образованието). Еве ги нивните одговори за прашањето што сите не мачи: Каков излез и е потребен на Македонија?

Академик Катица Ќулавкова

Да се дефинира заедничкиот надетнички интерес!

  • На Република Македонија и’ е неопходно да ги реши отворените прашања што ги има како меѓународен правен субјект во рамки на меѓународните институции и во однос на своите соседи, ако има намера да се ослободи од причините кои предизвикуваат проблеми во нејзиниот развој, во континуитет, во последните две децении, а кои влечат длабоки корени од крајот на 19 век. Тој комплекс на прашања е врзан не само со идентитетот на македонскиот народ, туку и со идентитетот на македонската држава (што се две комплементарни, ама и различни аспекти на оваа проблематика) – името на државата, службениот на републичко ниво и репрезентативниот јазик на државата (македонскиот) во меѓународната комуникација, границите, легитимитетот на Македонската православна црква. Во тој контекст, треба да се установи сеопшт и уставно признат консензус за македонскиот културен и историски континуитет, во тој контекст и стратегија за македонскиот национален идентитет (историја и современост).

Неопходно е да се преструктурира државата врз граѓански концепт, што повлекува суштествени разлики во практикувањето на политиката и на демократијата. Конечно во Република Македонија граѓаните треба да го дефинираат заедничкиот надетнички интерес од егзистенцијален, социоекономски, образовен, научен, уметнички и културен карактер. Македонскиот народ треба да ја зацврсне својата позиција на конститутивен народ на македонската држава за да се ослободи од тешките фрустрации на народ кој ја загубил својата држава. Треба да се установат европски регулативи и практики на почитување на основните човекови и граѓански права. Дури тогаш РМ ќе може да се посвети на универзални цивилизациски вредности – научен и културен напредок, слобода на движење, планирано семејство, балансиран регионален развој, враќање на Македонците од светот и инвестирање во Македонија, најпрвин од самите Македонци во дијаспората, политика на стимулирање на креативниот ум на младите и на приватната иницијатива на поединците и малите производители (во согласност со природните потенцијали на РМ).

Македонија треба да биде земја на високоразвиен културен и екотуризам, за што е неопходен врвен културен менаџмент, соодветни институции и инвестиции. Значи, нека се започне со една развојна стратегија и листа на развојни приоритети. Во спротивно, ќе тонеме во амбиент на нестабилност, етнореторики, политички закани и уцени, во процес на албанизација и на исламизација, во протекторатскиот, миграцискиот и автодеструктивниот синдром.

Љупчо Јордановски, универзитетски професор

Политичка независност на Собранието

  • Македонија како никогаш досега има потреба од суштинска, вистинска ревитализација од корен на постулатите на своето политичко уредување како демократска држава во која граѓанинот е носител на изворниот суверенитет. Сведоци сме дека со секоја власт изворните права на граѓаните пополека, но сигурно беа намалувани, така што денес најмалку може да се зборува за демократско општество. Ова е симулација на повеќепартиски систем каде што двете најголеми партии ја узурпирале целата политичка понуда, а синхронизирано и здушно работат на уништување на секоја можна друга политичка опција. Со тоталната контрола на целиот медиумски, финансиски и политички простор, користејќи се со стапот го доведоа обичниот граѓанин до работ на животната егзистенција и со тоа лесно повредлив и контролабилен. Цели генерации израснаа во овој систем, не знаејќи за ништо друго и подобро. Меѓутоа, всушност, тоа е и нивната цел. Нивните визии, нивниот начин на владеење да стане начин на живеење.

За конечно и неповратно да не пропаднеме во дупката што ни ја подготвуваат, потребно е вистински да му се овозможи на граѓанинот да влијае на политичките текови во државата. Пропаднаа сите обиди со невладиниот сектор. Останува единствено да се зајакне улогата на Собранието како единствен изворен претставник на граѓаните. Со други зборови, Република Македонија треба да има чисто парламентарен систем. Само членовите на Собранието, пратениците, треба да го имаат полниот легитимитет добиен на непосредни избори. Ниедна друга институција не би требало да го има тој легитимитет. Потребно е законски да се зајакне контролната функција на Собранието во однос на останатите власти, а посебно кон извршната.

Владата треба да е тоа што секаде е – сервис на граѓаните. Исто така, законски да се зајакне финансиската, функционалната и политичката независност на Собранието и на секој пратеник одделно. За таа цел, потребен е нов изборен закон со што би се овозможило секој да гласа за својот човек, а не за партија, како и закон за политички партии со кој би се овозможил, дури и би се потпомагало, постоење различни политички понуди. Убеден сум дека на овој начин Македонија ќе тргне по нагорна линија, бидејќи 120 пратеници помалку можат да згрешат отколку некој самопрогласен месија и спасител. Не верувам во харизматични личности и спасители. Верувам во мојот сосед и пријател.

Благоја Спиркоски, универзитетски професор

Економска слобода за самостојна макроекономска политика

  • Владата на Македонија, ослободена од аранжманска контрола на ММФ, ќе има поголема слобода и одговорност во водењето макроекономска политика за постигнување подобри макроекономски перформанси.

Високата стапка на раст од 6,5 отсто за првите шест месеци од 2008 година, пред се’, се должи на зголеменото учество на бруто-инвестициите во структурата на БДП од 17,2 проценти на фантастичните и долгоочекувани од макроекономистите 27,9 отсто, и на порастот на јавната потрошувачка, која за 2006 година изнесуваше 18,6 проценти, а на крајот од вториот квартал достигна ниво од 21,5 отсто и тоа е највисоко учество на јавната потрошувачка во БДП во поновата економската историја. Изворот на финансирање на бруто-инвестициите, пред се’, се должи на зголемените странските директни инвестиции, кои делумно го намалуваат дефицитот во билансот на плаќање на краток рок, од една страна, и го потикнуваат зголемувањето на увозот и трговскиот дефицит на долг рок, од друга страна.

ММФ на заминување со право укажува на можните ризици во водењето на макроекономската политика во наредниот период во РМ и тоа посебно на зголемениот трговски дефицит и зголемената јавна потрошувачка. Сугестиите на ММФ за намалувањето на јавната потрошувачка и нејзиното делумно пренасочување кон финансирање на профитабилни инвестициони проекти од јавната инфраструктура имаат цел да се остварат поголеми економски ефекти – задржување на висока стапка на раст на БДП и истовремено поголема контрола на стапката на инфлација. Сугестиите на ММФ за намалување на трговскиот дефицит (во контекст на очекуваната глобална економска криза), кој во првите шест месеци пораснал за 47,6 проценти во однос на првите шест месеци од минатата година, укажуваат на сериозно загрозување во иднина на нашата надворешна макроекономска рамнотежа.

Всушност, трговскиот дефицит на крајот на 2008 година се очекува да изнесува околу 2 милијарди американски долари, се очекува со приватни трансфери да се намали за 1 милијарди американски долари, така што дефицитот на тековната сметка да изнесува околу 1 милијарда американски долари. Имено, доколку странските директни инвестиции не го достигнат нивото од 1 милијарди американски долари до крајот на 2008 година, разликата ќе биде дефицит на билансот на плаќање што мора да се покрие со дополнително задолжување во комерцијалните банки, а никако со намалување на девизните резерви. Меѓутоа, долгорочно не е одржливо да се финансира големиот дефицит во билансот на плаќање со комерцијални кредити и високи камати, на пример годишен дефицит од 400 до 600 милиони американски долари или од 5 до 7 отсто од БДП. Тоа директно ќе води кон загрозување на стабилноста на националната валута.

Кога станува збор за девизните резерви, тие не само што не смеат да се намалуваат, туку треба секогаш да се зголемуваат и секогаш да изнесуваат барем најмалку покривање на тримесечен увоз на стоки и услуги.

Бидејќи увозот расте со многу поголема динамика од извозот на стоки и услуги, пожелно е повторно да се применува докажаниот рецепт, сите буџетски вишоци да се пренасочат за поддршка на монетарната политика, односно за континуирано зголемување на девизните резерви.

Економската слобода за водење самостојна макроекономската политика се потпира на повеќегодишна макотрпна градена макроекономска стабилност на претходните влади кои платиле превисока економска и политичка цена за неа, така што и оваа влада има право и одговорност да ја зачува.

Суад Мисини, аналитичар

Да профункционираат регулаторните комисии

  • Во Република Македонија денес постојат сите предуслови „продолжената транзиција” да трае уште најмалку една генерација поради трите клучни области во кои се’ уште нема суштински напредок: владеењето на правото е неразвиено и крајно селективно, економијата е комплетно државно управувана, додека огромен дел од вредноста што ја создаваат приватните фирми се сели во буџетот кој потоа безмилосно се троши и злоупотребува, додека општествените односи се’ уште не раѓаат внатрешни интегративни структури и стандарди, напротив, одиме кон зголемување на омразата и верската нетолеранција. Владеењето на правото е невозможно без деполитизирани и стручни правни структури. Секоја нова влада доаѓа на власт со мотото „ние знаеме како” и како прва обврска си ја задава окупацијата на судството и Обвинителството, а од МВР прави партиски орган на репресија. Ако на тоа се додадат, главно, нископрофилните по дух и карактер кои работат во овие институции, кругот е затворен. Остануваат само исклучоците од ова правило, кои немаа пластични импланти наместо ’рбет, да ги чуваме во природо-научен музеј и тука ниеден „тинк тенк“ не може да помогне. Ако на ова се додаде фактот што не функционираат и меѓународните механизми (Судот во Стразбур се (само)претвори во предмет на шега, а да не зборувам за механизмите на ООН и ОБСЕ), трагедијата е комплетна.

Значи, ништо не може да ја супституира политичката волја на една структура да овозможи доследно функционирање на овие сегменти и со тоа да ги заштити граѓаните од самата себе. Ама тоа зборува и за фактот: кого народот избира на избори? И дали има воопшто избор? Во економијата треба да престанат манипулациите, полувистините и креативното толкување на статистиката. Да им се овозможи на сите еднаков пристап, а не само блиски пријатели да градат зад „рамстори“, трговски, „мали рингови“ и сл. Да се напушти небулозата на гринфилд-инвестиции како единствен излез и, конечно, да се сфати дека домашното инвестирање треба да се стави во прв план. Ако само 20 отсто од депозитите во банките се инвестираа на Берза, тоа е повеќе од сите странски инвестиции за една година.

Значи, треба да се зголеми довербата на граѓаните во акционерските друштва преку доследна примена на законите во оваа област, со што ќе се спречи исцицување на стотици милиони евра акционерски капитал, и најитно да се укине – барем за извесен период – данокот на капитална добивка, со што граѓаните ќе се преселат од банките на Берза. А потоа ќе дојдат странците, но тие ќе купуваат од новите акционери по повисока цена, а не обратно, како што беше случајот досега. Пресметајте го импактот на овој чекор, ќе добиете интересни резултати. Владата треба да престане со болшевичкиот начин на саморекламирање со што, всушност, само им го крши ’рбетот на медиумите, кои се основата и главната ударна игла на цивилното општество, кое е обезличено и без никакво влијание.

Парите потрошени за реклами (читај: купување медиуми), заедно со парите вратени минатата година, т.е. најмалку 300 милиони евра, можеа да когенерираат уште најмалку една милијарда евра од меѓународни фондови, што е доволно за едно „Белене” (како парадигма за постигнување енергетска самоодржливост, не исклучиво како нуклеарка) во Македонија. Треба веднаш да се престане со манипулациите околу замислените економски успеси, а особено со оние со директен удар врз стопанството: намалуваме даноци, но и укинуваме даночни ослободувања; намалуваме придонеси, но оданочуваме хранарина и превоз итн. Суштински да се смени функционирањето на регулаторните комисии, кои постојат за заштита на интересите на граѓаните, а не за нивно пљачкосување. Клеродилетантите да сфатат дека не се меша вера и нација – барем не денес и тука. Да се укине веронауката, бидејќи се сее семето на идните верски судири – само уште тоа ни треба! Да сфатат дека и Македонците-католици и протестанти, но и атеисти се доволно добри Македонци. Да покажат дека Александар е навистина Велики и на дело, а не само во кафеани и дома: да не му се тресат гаќите на секое кивање од Белград; веднаш да се признае Косово, не поради Албанците во Македонија, ниту поради кој било друг, туку поради свеста за потребата од регионална стабилност, но и за стабилноста на Македонија. Конечно, да се направи компромис за името, не поради тоа што на некој ќе му биде драго тоа, туку за да се понесе одговорноста за една состојба во која сами се вовлековме, со што ќе се вратиме назад на мапата на евроатланската геополитика, но и економија.

Нано Ружин, универзитетски професор

Евроатлантските интергации се решението

  • Сметам дека нашата проблематична транзиција ќе се забрза доколку се забрзаат нашите евроатлантски интеграции. За разлика од другите посткомунистички држави на Југоисточна Европа, Република Македонија на својот пат е соочена со еден банален проблем (според мислењето на нашите сојузници), кој прерасна во сериозна политичка пречка. Тоа е проблемот на разликите околу името на Република Македонија со нашиот јужен сосед Грција, која патем е и членка на ЕУ и на НАТО. Во овој момент пред нашата земја постојат две можни сценарија: едно е да се остане на позицијата на уставното име, стратегија која ја респектира секој Македонец, независно од партиската припадност, но која предизвикува употреба на софистицирани дипломатски механизми од страна на Атина, со која ја блокира евроатланската интеграција на Македонија. Второто сценарио е да се бара соодветна флексибилна солуција со разни географски суфикси или префикси , што ќе значи отстапување од уставното име во неговата меѓународна употреба, но која ќе овозможи и забрзување на нашите евроатлантски интеграции.

Токму прифаќањето на последново сценарио ќе преставува вистински политички влог во престојните политички ривалства и може да влијае врз расположението на јавното мислење и врз определбата на бирачкото тело. Затоа секој македонски лидер покажувал голема доза на резервираност кон пофлексибилни и реалистички решенија на овој проблем и страв од политичката одговорност пред македонската јавност. Таквиот став е разбирлив, бидејќи во извесна смисла се работи на политичката кариера на политичките првенци на РМ и нивното политичко анатемисување. Можеби излезот од таквата ситуација би требал да се побара во создавање на еден независен корпус – во вид на неформален собир, составен од претставници на сите политички партии, невладини организации, и првите стотина највлијателни непартиски интелектуалци кои би имале мандат да се договорат околу едното или другото сценарио.

Доколку мнозинството го одбере второто сценарио, тогаш по пат на консензус би можеле да се договорат и за можниот компромисен назив. На тој начин тие би се појавиле и како најодговорниот субјект, кој патем не би бил прозиван од страна на бирачкото тело на Република Македонија, за разбирливите фрустрации кои би ги чувствувале сите ние. Споменатата независна институција би можела да го одбере и првото сценарио свесна дека зачувувањето на името е позначајно од нашите евроатлантски интеграции. И во тој случај политичките санкции на бирачкото тело ќе изостанат, бидејќи се работи за многу хетероген состав на односната група. Покрај ова, би додал и некои работи што треба да престанеме да ги правиме, како политичарите да ги делиме на оние кои се за смена на уставното име и оние кои се против. Политичарите се должни да го слушаат гласот и волјата на народот, но и да предлагаат визионерски идеи и сценарија со што ќе го олеснат животот на својот народ, како и да поседуваат чувство на одговорност за успешните или неуспешните правци на движењето на општеството (транзицијата) во време на нивното политичко дејствување и владеење.

Дарко Јаневски, уредник во „Фокус“

Конечно, да се конституира правна држава

  • Македонија мора да совлада два основни проблема за може еден ден навистина да се нарекува пристојно место за живеење. Првиот, оној што може да се оствари во пократок рок – колку и да звучи тоа банално и изветвено – е Македонија, конечно, да се конституира како правна држава, односно држава што функционира. Како пример често го истакнувам случајот за кој пишуваше и вашиот неделник со ексдеканот на Педагошкиот факултет во Скопје, кого државата не можеше да го пензионира, и со оној директор од основно училиште во Шуто Оризари кој остана во својата фотелја до 66 години. На прв поглед, тоа се банални случаи, но токму таквите банални случаи покажуваат до колкав степен е колабиран државниот систем. Ако тој не може да се справи со вакви примери, тогаш како ќе барате од него да ги реши тие што навистина се комплицирани.

И сега, ставете се во положба на некој што има пари и бара место каде би ги инвестирал. Ете ја Македонија со нејзините реклами, од која истиот инвеститор трчајќи ќе побегне во првиот момент кога ќе сфати, а тоа ќе се случи многу бргу, дека станува збор за држава во која почитувањето на прописите е категорија за подбивање. За правата на граѓаните што живеат во таква држава и не треба да трошиме многу зборови. Доволно е само да се каже дека сите зборуваат, на пример, за судски реформи, а досега не сум чул, вклучувајќи ги и нашите т.н. пријатели од Европа, дека некој навистина знае што се подразбира под тоа и како тие треба да се остварат.

Вториот услов за кој треба подолга патека е да им овозможиме на новите генерации да размислуваат пошироко. За жал, во овој момент, во Македонија има десетици и десетици поколенија кои едноставно не можат да излезат од калапот во кој се создадени, и тоа претставува сериозна пречка не само во способноста да се издржи товарот од нашите славни реформи (што ги изведуваме веќе две децении) што треба да се понесе, туку и воопшто во создавањето граѓански систем со макар минимални цивилизациски вредности до кои ќе се држиме. Вредности кои автоматски нема да дозволат од една слаткарница да има повеќе затруени луѓе по откривање на скандалот отколку пред тоа. Во суштина, станува збор за тоа дека сегашната Македонија, едноставно, нема капацитет да се преобрази во речиси ниедна сфера, и тоа е нешто што можеме само да се надеваме дека ќе го донесат генерациите што пристигнуваат. А нам, во меѓувреме, ни останува барем да се потрудиме да им олесниме со тоа што ќе го оствариме првиот услов.

Аслан Селмани, универзитетски професор

Ни треба смел лост од интелектуалците!

  • Македонската политичка катедрала во последните речиси нецели две децении се испреплетува во низа проблематични лавиринти, кои брзоплето ги создаваат самите политички елити во земјата и оние што доаѓаат од екстерниот соседски свет. И покрај тоа што нема толку да се замориме со талкањата на место или во чекори, навистина постојат проблеми кои можат брзо, ефикасно и економично да се решат во наша полза, во полза на граѓаните. Социоекономската, па и политичката транзицијата во нашата земја навистина долго траат, а по се’ изгледа и понатаму ќе лутаме во сопствениот лавиринт.

Држава со околу два милиона жители и со над две илјади универзитетски професори и академици е недозволиво и понатаму да се движи во затворен круг. Тоа може да се објасни со фактот дека се’ уште политичките структури со интелектуалниот габарит што го имаат и дејствуваат во нив или се спречени да ги афирмираат своите идеи или, пак, паднале под влијание на привилегиите од секаков вид. Друг проблем што е веќе идентификуван речиси кај сите политички партии и партии носители на власта е тоа што не поседуваат интелектуална професионална и научна фела за да можат тимски да придонесуваат за разрешување низа тековни проблеми и проблеми кои се мошне чувствителни, како што е проблемот со додавање некоја придавка (а не промена на името) на нашата земја. Меѓутоа, државничката фела, од една страна, и интелектуалците, од друга страна, од поодамна требало преку различни форми на соработка да се вклучат во можните решенија на оваа мошне тешко прашање, кое мора да се реши на задоволство на Македонците и, воопшто, на граѓаните на Република Македонија.

Во јавните информативни гласила се манипулира со граѓаните дека се менува името на државата Македонија. Тоа не е можно и не е точно! Точно е, колку што сум информиран, дека се бара некоја придавка покрај името Република Македонија, што не е случај само со нашата земја. Во светот речиси 50 отсто од земјите во Обединетите нации и во меѓународните комуникации користат сосема други имиња, како што е случај со Албанија, Хрватска, Германија, Грција, Израел и многу други земји. Во овој тежок политички вител, би се осмелил да прифатам географска придавка, затоа што живееме во таков простор, во дел од античка Македонија. Од историска гледна точка, и Албанците го чувствуваат и живеат со брендот Македонија (Мирјамун – Александар Македонски, од мајката Миртала – Олимпија, внук на Илирите итн.). Имено, Владата и нејзините институции треба да ги искористат размислувањата на интелектуалците и заеднички да ја сносат одговорноста пред своите граѓани, а тоа е полесен и побезболен начин за решавање вакви крупни прашања. Не се чепка идентитетот, тоа е внатрешно индивидуално и колективно чуство на која било нација, таа е духовна, цивилизациска и историска категорија (и да сака некој, во тоа не може да учествува). Речиси, сите политички партии што го вкусиле владеењето не успеале да го забрзаат тркалото на просперитетот кон решавање на многуте прашања од стратегиска развојна полза. По се’ изгледа, и понатаму ќе се најдеме во таков вител, а единствениот излез е интегрирање на РМ во североатлантските структури, како единствена можна алтернатива.

Наместо сто спортски сали, да се изградат 50 и 50 мали акумулации, да се афирмира и поддржува кредитирањето на мали и на средни претпријатија, поддршка на фирми и компании од нашата земја, подобрување на корелацијата извоз-увоз, законско олеснување на компаниите за финансирање, водење кампања со дијаспората за враќање и финансирање во земјата, осовременување на образованието и финансирање научни проекти (индивидуални и тимски), потесна сеопшта соработка со соседните земји (и признавање на Косово како реалност), финансирање од страна на државата за зголемување на сточниот фонд и слично. Сигурен сум дека енергијата што ја трошиме за минатото и докажување кој е поголем патриот (патриот-татко, нацијата нема потреба за еден татко, туку за многу среќни татковци) треба да ја пренасочиме кон сегашноста, а таа го трасира и патот за иднината. Имено, на Македонија и’ треба смел ЛОСТ од организираните интелектуалци, заедно со власта, за да излеземе од сегашната политичка дупка која може тивко да не’ голтне.

Ристо Поповски, агенција „Макфакс“

Неопходна е департизација на државата

  • Политиката, спортот, „живеењето туѓи животи“, како што со видлива резигнација пее Тоше Проески, се „национални спортови“ во Македонија. Секој знае се’. Најмногу најнекомпетентните кои, по правило, се и најгласни. Секогаш, меѓутоа, најмногу знаат оние што одлучуваат за иднината на државата, за судбината на сите граѓани. Привилегијата да се одлучува за се’ и за секого се стекнува со партиска книшка, апологетска верност на партијата, слепа понизност пред вождот, финансиски, нематеријални или други „заслуги“. Ова се условите на „неодемократски централизам“, за влез во номенклатурата, што носи привилегии, како и за седнување во кабинет од кој се одлучува. Компетентноста е од второстепено значење. Оние што се во власта имаат моќ и си земаат право да одлучуваат буквално за се’, но и за секого, да се мешаат во туѓи животи. Основа за одлучување е цврсто почитување на партиско-државната хиерархија. По тој редослед, партиско, па државно. Се одлучува врз основа на партиски потреби, прагматични причини, групни и лични интереси. Ваквите интереси се пред и над се’ државните.

Партизацијата на државата, доведена до крајни апсурди, води кон деструктивни делби во општеството на „наши“ и други. Кој не е со нас, по автоматизам е непријател. Без оглед што во спротивниот, „непријателскиот“ табор понекогаш е и половината од населението. Кармата на партиско владеење, партизација на државата, ја следи Македонија од осамостојувањето. Присутна е и во други држави во регионот. Но, за разлика од повеќето од нив, Македонија се’ уште е на транзициска удолнина. Не само што не се гледа крајот, туку поради предлога транзиција, државата почнува да се движи наназад, кон минатото. Крајно е непријатно што самоизолацијата, во која влегува Македонија, почнува да се споредува со Белорусија. Не помалку загрижува што глорификацијата, па и „професионализацијата“ на националпатриотизмот, како нов меѓник на делби, води кон споредби со Србија во 90-тите години на минатиот век. Долготрајната и постојана партизација на државата не можеше и не може да донесе поинакви резултати. Менувајќи се на власт, партиите брзо забораваа на изборните ветувања за остварувањето на стратешките цели – демократизација на општеството, пазарни односи, градење европски вредности. Партизацијата на државата најтешко се одразува врз економската и социјалната сигурност на граѓаните. За нив долготрајната транзиција секоја година носи нова, подлабока стагнација.

Александар Станковски, уметник

Да го послушаме Ченто, да садиме опиум!

  • Секако дека постои спас, но спасувањето е комплексна работа и за неговата реализација треба да се залагаме секојдневно. Едноставно, затоа што таква е природата на животот. Кога зборуваме, пак, за држава, пред се’, мислиме на економско-политички спас и релативна благосостојба на граѓаните и стабилност на државата. Кога станува збор за економската „преродба“ на Македонија, секогаш ми текнува на идеите што ги имал Методија Андонов – Ченто (нашиот прв претседател), а ги регистрирал неговиот син во мемоарите на Ченто, запишани по неговата десет годишна робија. А, Ченто вели вака: „Властите (колонијалните на Вардарска бановина) во обидот да го разнебитат македонскиот народ, прво удрија по неговата економска моќ. Тоа го направија така што го забранија производството на опиум од што македонскиот фармер заработуваше големи пари ’под турско‘ и го натераа да сади тутун, што пак носеше многу помали приходи. Ситуацијата и денес е слична: неоколонијализмот царува во Македонија, се брка потентниот капитал што доаѓа од Русија, Кина и од другите источни држави и се создава виртуелна претстава дека домашните економско-политички приоритети се НАТО и ЕУ, кои пропаѓаат и се во фаза на ’освалдшпенглеровиот залез‘“ (капиталното дело на германскиот филозоф Освалд Шпенглер „Пропаѓањето на Западот“ нов. заб.).

Значи, да го послушаме нашиот херој Ченто и да го обновиме садењето на опиумот! Морфиумот е баран на пазарот, а наскоро ќе има и голема војна во светски размери, кога потребите од него драстично ќе се зголемат. Тоа и резервите од ураниум, како и производството на здрава храна и поголеми инвестиции, пред се’, во културата, брзо ќе ја извадат Македонија од нејзината, навидум, вечна транзиција.

Александар Чамински, актер

Без „нео-чорбаџиските“ бизниси!

  • Светската медиумска експанзија од поодамна се (зло)употребува од разнообразните политички структури за презентација и наметнување на нивните претстави за решавање на проблемите од најлокално до најглобално ниво. Актерите во тој циркус секојдневно на публиката, односно на своите потенцијални бирачи им нудат помалку или повеќе вешти привиди за најважните прашања кои се однесуваат на нивната сегашност, иднина, а, по потреба, и минато. Притоа, најчесто, вистинските мотиви и цели остануваат непознати за гледачите, кои со плаќањето на секојдневните давачки, всушност, се главните финансиери на тој циркус. Илузионизмот веќе одамна не е привилегија на театарот. Напротив. Но, има една грозоморна суштинска разлика во оваа констелација, помеѓу овие два вида претстави: по спуштањето на завесата во театарот, ,,мртвите“ стануваат да и’ се поклонат на публиката, додека во животот…

Како да се излезе од долгата кошмарна претстава наречена ,,транзициски ќор-сокак“? Со волшебно стапче сигурно не. Во таква варијанта може, во најмала рака, да се добие само некој ,,(т)ајвански стап“. А, како тогаш?

Ако добро го разгледаме пазарот на привидите, лесно ќе уочиме дека најпримамливата претстава се вика ,,интеграција во ЕУ“. Дотолку повеќе што кастингот го поминавме, т.е. добивме кандидатски статус. Но, влезот во екипата, со апсурдни барања, го попречува една трагикомична членка, која е во надмоќна позиција. Како може да се премости таа пречка и да се стаса до кратенката која ќе не’ спаси од ,,подолгиот пат кон правдината“, кој се’ погласно се презентира кај нас? Со референдум. Референдум со едно јасно прашање, како на пример ,,дали сте за тоа нашата држава да се преименува во Северна (или Горна) Македонија?“‘ Убеден сум дека исходот ќе им го одземе монополот на нашите политичари во името на народот да се ,,борат за неговото достоинство“, а истовремено се прават слепи за фактот дека луѓето, притиснати од егзистенцијалните проблеми, се’ помасовно земаат бугарски пасоши. Наедно, одговорот би ја ослабел и позицијата на ,,трагикомичарката“, која веќе не би имала со што да се пазари.

Инаку, веќе извесен период имам среќа да живеам во ЕУ (Чамински веќе подолго време живее и работи во Словенија нов. заб.) и морам да порачам од лице место дека вредностите што таа ги негува и нуди се за сите толку опипливи во секојдневјето, што употребата на епитетот ,,привид“, во овој случај, станува се’ понеумесен. Меѓутоа, не е неумесно да се каже дека во неа нема место за ,,неочорбаџиски“ бизниси. А, ми се чини умесно уште да додадам дека Македонци не живеат само во Република, односно Вардарска Македонија…

Жидас Даскаловски, Центар за истражување и креирање политики

Кариерно напредување во јавната администрација

  • Она за што ние во Центарот за истражување и креирање политики се залагаме во нашето работење е квалитетно спроведување на јавните политики. За излегување од ќор-сокакот, на земјата и’ е потребно креирањето политики да биде засновано на аргументирани анализи и процени на влијание на евентуалните законски решенија. Донесувањето закони без да се води сметка за последиците или, пак, за тешкотиите околу нивното спроведување е штетно за земјава и треба да се избегне. Генерално земено, од 1991 година до денес, кај нас дебатата околу креирањето политики и околу конкретни законски предлози не се води квалитетно, односно воопшто не се води. Колку и да е мал интелектуалниот потенцијал на Македонија, тој може да се впрегне во дискусија околу определниците на развојот и демократското управување на земјата. Од посебна важност е владата на централно и на локално ниво да отвори простор за соработка со институти кои истражуваат јавни политики, особено затоа што истражувачките институти при универзитетите од разни причини – меѓу кои и незаинтересираност од централните власти – немаат можност или волја да понудат конкретни анализи поткрепени со истражувања.

Од друга страна, покрај недостатокот на дебата при креирањето политики, Македонија, од независноста па до денес, се карактеризира со доста корумпиран систем на регрутирање кадри во јавната администрација. Веројатно е дека наместо систем на регрутирање, кој се базира на мерит-системот, подобро ќе е да се применува систем на кариерно напредување во јавната администрација. Политичките елити, исто така, никогаш докрај не сфатија дека за Македонија, како мултиетничка земја, квалитетот на работење на администрацијата, односно нејзината неутралност, е клучен елемент во консолидирањето на односите меѓу заедниците. Генерално земено, нашата земја има недостаток од квалитетни кадри во сите области. Универзитетите се генератори на неквалитет, бидејќи голем дел од академски кадри во нив се на мизерно ниво. Смената на генерациите по падот на комунизмот кај нас не се случи, за разлика од Естонија, која денес, на пример, има напредна и богата економија и е членка на ЕУ. Значи, поквалитетно образование со подобрување на државните универзитети и со полесно овозможување на создавање конкуренција во приватни високообразовни институции мора да е цел на оваа и на секоја нова влада.

Владимир Глигоров, економски експерт

Да се забрза европската интеграција

  • Не сум сигурен дека имам нешто многу конкретно да предложам. Од стратегиска гледна точка, најважно е да се забрза европската интеграција. Македонија губи чекор во тој процес и тоа има и ќе има се’ поголеми негативни последици како што минува времето. Ако се тргне по европската агенда, тогаш релативно е јасно што треба да се стори Македонија да тргне по патот на напредокот.

Весна Бендевска, пратеник

Брзи и храбри одлуки

  • Сметам дека многу поадекватно на актуелниот политички момент во овој случај би била констатацијата дека сега на Македонија и’ е неопходен излез. Бидејќи портокаловата проекција што ветуваше светла иднина, резултираше со разорување на розовата евроатлантска перспектива што ја имавме в раце на крајот од 2005 година. Тогаш ја добивме шансата да станеме дел од европското семејство; на нас беше да ја искористиме. Кандидатскиот статус беше потврда за тоа дека сме на добар пат, особено на полето на политичките критериуми. За жал, Македонија денес е далеку од онаа Македонија од средината на 2006 година.

Двапати едноподруго добиваме извештаи од Европската комисија кои внимателно упатуваат на тоа дека не само што не сме напредувале, туку и назадуваме во критериумите што ни се потребни за да го добиеме датумот за преговори за полноправно членство. Се плашам дека и третиот негативен извештај веќе се наѕира: непостоење политички дијалог, државни институции со ослабен капацитет, застој на реформите, партизација на државната администрација, донесување закони спротивни на европските директиви, висок степен на невработеност, непочитување на слободите и правата на граѓаните, плус како зачин и катастрофални парламентарни избори… Некомпетентната, волунтаристичка и популистичка надворешна политика последните две години ја промени перцепцијата за нас однадвор. Од симпатична мала земја што се бори за своето заслужено место под сонцето и е жртва на ирационален спор со многу помоќен сосед, не’ претвори во земја која е принудена на отстапки. Им личиме на земја што не сака свесно да најде излез што и’ гарантира иднина.

Нашите до вчера потврдени поддржувачи и пријатели веќе го губат трпението. И не’ потсетуваат дека длабоко сме во временски цајтнот. Ни требаат вистински, брзи и храбри одлуки оти изборот е стеснет до ѕид: изолација или интеграција. Изолацијата е погубното сценарио, дефинитивен почеток на крајот. Оти историјата не памети дека земја што останала изолирана од глобалните интегративни процеси како неминовност успеала да оствари економска одржливост. Ветувањата дека можеме сами и дека во такви услови ќе обезбедиме економски развој и подобар животен стандард на граѓаните е чиста илузија и опасна политичка теза, што во себе крие сосема друга намера и упатува на веќе видени мрачни сценарија од нашето опкружување. Конечно, Македонија опстојувала и во историски многу потешки моменти, ама платила превисока цена. Со лет во место. Време е на Македонија да и’ дадеме крила. За економски силна, демократска, респектирана Македонија излезот е еден: интеграција!

Бранка Д. Најдовска

„Глобус“, 2008 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *