Сутерен.мк

Нобеловите за физика и хемија

Нобеловата награда за физика за 2022 година е доделена на тројца научници за пионерски експерименти во квантната механика, теоријата која го покрива микросветот на атомите и честичките.

Тие беа наградени за експерименти со она што е познато како феномен на заплеткување – кога две честички влијаат една на друга, иако се далеку една од друга, на спротивните страни на планетата или дури и на Сончевиот систем.

Овој феномен е елемент на квантната механика за кој многу се дискутира, опишан од физичарот Алберт Ајнштајн како „плашливо дејство на далечина“. Неколку децении по смртта на Ајнштајн, експериментите на тројца физичари покажаа дека квантното заплеткување е реално, а не само теоретско.

Шведската кралска академија на науките објави дека работата на триото ги поставила темелите за нова ера во квантната технологија.
Ален Аспе е роден во Франција, Џон Клаузер е роден во Калифорнија, додека Антон Цајлингер е роден во Австрија. Нивните откритија ја унапредија работата на физичарот Џон Стјуарт Бел, чија теорема го промени разбирањето на квантната механика.

Извршниот директор на Американскиот институт за физика Мајкл Молони изјави дека овогодинешните тројца нобеловци потврдиле дека квантната механика е многу корисна во секојдневниот живот. Според него, меѓу другото, може да се примени за квантно пресметување и квантна типографија. Молони рече дека ова ќе го промени светот во практична смисла, што важи и за квантното пресметување.

„Тоа се решенија кои ќе ни помогнат во сè – од производство на вакцини, развој на технологија до метеоролошки прогнози. Има толку многу различни видови на пресметки што можеме да ги направиме со квантната информатичка наука, што не можеме да го направиме со класичните компјутери“, објасни тој.

Аспе, Клаузер и Цајлингер ќе поделат 915 000 долари во парична награда.

Кралската шведска академија на науките денес објави и дека тројца научници ја добиле Нобеловата награда за хемија за „развој на клик хемија и биоортогонална хемија“.

Наградата од околу 900 000 долари подеднакво им припаднаа на Керолин Бертози и Бери Шарплес од САД, и Мортен Мелдал од Данска.

За Шарплес, ова е негова втора Нобелова награда за хемија откако му беше доделена првата во 2001 година.

Нобеловата награда за литература и за мир треба да бидат објавени в четврток и в петок.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *