Сутерен.мк

Јасна Котеска: Инфантилност

Говорот на детето може да биде прекрасен, но тој не го обврзува детето на ништо
Во секој човек постои занемарената инфантилност


Еве една анегдота од кабинетот на унгарскиот психоаналитичар, Балинт. Кај Балинт на сеанси започнала да доаѓа една шармантна дама. Допадлива, интересна, брблива. Всушност, толку брблива, што му припаѓала на оној тип луѓе што зборуваат, зборуваат, и на крајот не кажуваат ништо. Нејзинот говор можел да се сумира вака. Почеток, плус ништо (наместо средина), плус ништо (наместо крај).
Проблемот се состоел од извесна невроза која никако не можела да излезе на виделина. А не можела да излезе на виделина, затоа што таа постојано кажувала едвај важни или сосема неважни работи.


На една сеанса, по цел час напорно брборење, Балинт одеднаш нежно го допрел местото што не сакало да биде откриено. Шармантната дама добила препорака за ново работно место. Во препораката пишувало дека таа е „сосема доверлива личност“.
Загрижувачкиот момент се состоел во фактот дека таа не сака да биде доживеана како доверлива. Не сака никој да може да се потпре на нејзиниот збор. Затоа што зборот обврзува.
Таа ќе мора да почне да работи и да престане да зборува. А работата има правила, закони и работни часови. Работата обврзува на почитување на договорите. Работата, накратко, не’ става во позиција на робови.

Оваа дама интуитивно ги сфатила начините на кои се доживува говорот на детето и говорот на возрасниот. И се одлучува за говорот на детето.
Работата со детскиот говор е дека иако прекрасен, преполн со мудрости, трансцендентален и дури можеби пророчки, тој говор детето не го обврзува на ништо. И ние возрасните често минуваме часови за да ги натераме децата, кога работите не одат, детето да го врземе со некакво ветување.
Таа интуитивно знае дека ако го преземе говорот на детето, тогаш „елегантно“ всушност инфантилно го одбива договорот од себе. Затоа што знае дека нема да го испочитува докрај.

Оваа мала анегдота ја кажува всушност на кратко содржината на едно од најважните учења на Фројд за сексуалната теорија. Фројд рекол дека во секој човек постои занемарената инфантилност. Дека секој човек има инфантилна амнезија и дека неа ја повикува по потреба, а секогаш кога ќе му згусти – кога ќе мора да се врзе за некаков договор со друг човек. Оваа теорија, денес, е повеќе од актуелна. Времето на постмодерната што го живееме беше најавено како „време на опуштање“. И во извесна смисла почнавме да живееме во светот на ослободената инфантилност. Во светот на амнестирањето на детското во луѓето. Што е симпатично. Но, некогаш ви доаѓа да констатирате дека инфантилноста знае да биде и напорна. И искрено да се запрашате, кога конечно ќе пораснеме?

(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *