Мојата мајка е алкохоличарка. Пие стално и не бира ни место ни време. Татко ми брка други жени и не го обвинувам. Со таква жена што да се очекува друго од него?! Не дека се жалам, со мене се океј, не сум имал некои сериозни проблеми. Ми купуваат, ме тинтраат, мајка ми особено е наклонета кон мене, ме обожува, со другарите е океј, нејзините пријатели изгледа дека ја почитуваат. Меѓутоа, таа нејзина стална потпивнатост мене многу ми смета и сум и кажал, а таа вели дека немам право ништо да и префрлам. Ми вика дека не е моја работа и дека што сака ќе прави. Ме срами, а јас не знам како да ја убедам дека треба да се смени.
Милан, 22, Скопје
Милан дарлинг, еднаш и јас сонував сопруг да ми биде Џејк Гиленхал, таксист Роберт Де Ниро, батлер Ентони Хопкинс, возач Морган Фриман, учител по пилотирање Мел Гибсон, газда Марлон Брандо, а шеф Клајв Овен. Мечтаев притоа, швалер да ми биде Џек Николсон, бебиситерка на моите деца Робин Вилијамс, другарки да ми се Сузан Сарандон и Џина Дејвис, да трачарам со Анџелика Хјустон и ручам со Мадона. Да флертувам со Хју Џекмен, а во мене смртно да е вљубен Даниел Дел Луис. Си замислував дури и дека родители ми се Кети Бејтс и Клинт Иствуд и дека еден ден ќе имам црн кокер шпаниел и мала куќа покрај вода во која ќе пишувам романи од калибарот на „Големиот Гетсби“.
За среќа, мојата мајка, гледајќи ме како и забегувам, на време ми рече:„Не заборавај дека ние сме во синдикатот на глупиот којот.“ Таа реченица ми овозможи да преживеам и кога беа минималните шанси за тоа. Синдикат е важна работа. Со или без којотот.
За жал, овде такви зборови се игнорираат. Па после имаме ваква распрденост како твојава.
Ајде сега, да земеме гајда мариовска и да те жалиме зашто имаш „мајка алкохоличарка“?! Која ти пружила се, не ги занемарила своите обврски и уште поважно, те сака и респектира, одржува каков – таков брак, ама нејзиниот имиџ, ич не одговара на твојот беџ „најбољи дечко у долно маало“?!
Познавам купишта луѓе кои се срамат од своите мајки, од разно – разни причини, но тоа не значи и дека имаат право на/за тоа!
Некои мајки (жени, луѓе воопшто) трошат купишта пари и време да бидат најиздотераните и најнашминканите и на обичен детски роденден, некои на теретани, јоги, некои на готвење, некои се таблетомани, освојуваат награди на конкурси за романтична поезија, раѓаат куп деца и му служат на домаќинството без поговор, други дремат пред ТВ, на Фејсбук лепат сликички секој ден, трети гњават психијатри и пријатели, има и кои се дрогираат или стануваат спонзоруши со напикани пет децении, онакви кои редовни мушерии се на естетските хирурзи или пак, акаат по планини и ливади, а некои потпивнуваат. Секој со својата сајла.
Односно, секој на свој начин се справува со фактот (сеедно на свесноста за тоа, се чувствуваат залудностите) колку е всушност, бесмислено човековото постоење, ако не си Елон Маск на пример, т.е. дека си само обична завртка и статистичка бројка и плус, треба да ги трпиш сите тие здодевни, некреативни, неспособни, а самољубиви ликови наоколу! Како тебе.
(Ајде бе! Уште имаш и разбирање за „излетите“ на татко ти?! Драг мој, зелен пријателу: не постои оправдување за неверство освен, ако тоа не е договор меѓу брачните партнери.)
И на крај: немаш никакво право и не е твоја работа што прави мајка ти се додека тоа не го загрозува твоето физичко егзистирање! Буквално. Со твоите 22 години таа веќе нема никаква обврска да ти се правда за било што. (Ни пред тоа, ама, ај…) А, ако толку ти пречи тоа нејзино „лебдеење“, не се дружи со неа, не одете заедно на селските собиранки, иселете се…
Остави го простотилакот што просто блика од тебе и пушти ја жената да живее најдобро што умее. Лично, најнаклонета сум на луѓето што лебдат. Тие знаат дека долу нема ништо за нив, а горе се само чавките…
(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)