Претседателот на Словенија Борут Пахор, кој од вечерва ќе учествува на Преспа форумот за дијалог во Охрид, на денешната средба со претседателот Стево Пендаровски разговарал и за ветото на Бугарија за почнувањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Како што објави на Инстаграм Пахор, тој малку на шега, а малку навистина му рекол на Пендаровски “кога Словенците би биле Бугари, вие не би сте имале проблем”.
На тоа Пендаровски му одговорил “кога Македонците би биле Словенци, ќе бевме во ЕУ веќе дваесет години”.
Според официјалното соопштение од кабинетот на македонскиот претседател, Пендаровски се заблагодарил за конзистентната словенечка поддршка на билатерален, регионален и мултилатерален план, особено гласна за време на претседавањето на Словенија со Советот на ЕУ, додавајќи дека приоритеризирањето на прашањето за европска интеграција на регионот е постојано високо на агендата на словенечката надворешно-политичка агенда.
Претходно денеска, Пендаровски на прес-конференцијата со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид рече дека Македонија очекува и од ЕУ и од Бугарија писмени гаранции дека ова е последно барање на Бугарија за кревање на ветото, за да не се повторат други од оваа или некоја следна бугарска влада.