Сутерен.мк

Клупа на Горан и во Кентербери

Факултетот ја постави спомен клупата, се потруди да го облагороди просторот околу со растенија од нашите простори и да постави спомен постамент со текст од Горан Стефановски

Сè почна од клупата на Горан Стефановски во Скопје и од еден неврзан муабет со Патриша, неговата сопруга.
– Пат, има ли нешто на факултетот каде што предаваше Горан да го одбележи неговото присуство таму?
– Па, има една спомен-плоча на гробиштата каде што е закопан, со име, презиме и датум на раѓање и кога почина и толку.
– Хмм… а да направиме нешто?

Што? Со мојата фантазија на максимум, предлозите меѓу кои оние за Гораново катче со компјутер и удобна фотелја за контемплација и сите негови драми, текстови, интервјуа преведени на сите јазици и достапни на студентите и сите заинтересирани, беа малку логистички тешки за изведба за професорите од Крајсчрч. Но, идејата за спомен-клупа тука на факултетот беше дочекана со големо одобрување. Прошетката со Патриша низ убавиот двор на универзитетот во Кентербери само ја зацврсти нашата одлука дека идејата е добра – имаше таму неколку спомен-клупи на починати професори и професорки во прекрасна околина.

И така почна преписката со факултетот. Здружението Македонци веднаш се загреа за идејата и вети донации за клупата – Бранко направи и селекција од расни клупи за кои требаше да се гласа, па да ја избереме онаа што ќе добие најмногу гласови. Нормално, вкусовите беа различни, па на крај и ја препуштивме одлуката на Патриша што се покажа како одличен избор, а факултетот летоска ја постави спомен-клупата, се потруди да го облагороди просторот околу со растенија од нашите простори. Се договаравме што да пишува на постаментот – професорот и драг пријател на Горан, професор доктор Кен Фокс ни прати фермани од делата на Горан за кои ќе ни беа потребни километарски табли. На крајот, се договоривме за ова:

„Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат ткаат мрежи, луѓето за да преживеат ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни, Тие се сржта на нашиот живот, рбетот на нашиот идентитет“ од еден од инспиративните говори на Горан. И по десетици е-пошти, посети во живо и координации – знаете, ние на факултетот сме малку бавни, во доверба рече еден од професорите – важно стигневме тука!

На свеченоста, Линет Тарнер, деканката на факултетот, рече дека и покрај тоа што не го познавала Горан лично, го знае неговото дело и е одушевена што ова се случува и ќе го смета како поттик за соработка. Кенет Фокс, еден од професорите во Крајсчрч, зборуваше со грутка во грлото за својот пријател Горан и изјави дека ќе ја користи клупата да седи на неа за време на паузите и да смислува што и како би разговарал со својот пријател.

Јас, од името на Македонците реков дека Горан е нашата гордост и инспирација и прочитав дел од еден негов есеј за тоа дека идентитетот е приказна, зашто сакав да се слушне тука убавиот македонски јазик на кој пишуваше Горан.

А Патриша, неговата сопруга, без да се договараме претходно, го прочита истиот тој есеј за идентитетот на англиски!
Па следуваше групно фотографирање, па поединечно, па муабети и спомени за Горан, па за Македонија, па потоа благодарение на Ели од македонската амбасада и на Кен од факултетот се напивме и малку македонско вино (Ели го донесе, Кен го прошверцува пред будното око на факултетските чувари).

Денот беше прекрасен, атмосферата фантастична, немаше дожд, а на крајот изгреа сонце. Сега имаме Катче на Горан во Кентербери. До зградата каде што предаваше. Влезот е слободен.

Жанета Скерлев

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *