Сутерен.мк

Ме заболе за твојата успешност

Од „Њујоркер“, новинарот Алекс Баја потсетува дека е сосема во ред да имате не-баш-богато секојдневие и да не сте во трка по првиот (вториот, третиот?) милион. Оставете го пријателот со дете што свири Бах на шестгодишна возраст и станува ЦЕО со 50 000 плата. Во ред е и вашето, па колку сака нека е секоја вечер Нетфликс, шпагети и просечни примања

Кај си бе ти!? Ти се верува дека овој конечно ќе се жени? Прејако ми е што ќе биде младоженец. Како си ти, инаку? Имаш 20 вработени во фирмата за „мајндфулнес“? Лудо. Ќе бидеш милионер на четириесет. Прејако.

Јас? Исто, па исто. Животиште. Уште сум ваму со работа. Да, тоа маркетинг. И пишувам, стандард. Или пробувам да пишувам. А, и пуштив бркови па ги избричив. Бараат многу одржување. Види, да не ти вртам – ама баш ништо ми се нема случено и топ ми е.

Што има друго кај тебе? Да бе, ти се роди бебе! Боже господе. Тоа е фантастично. А големото колку години направи, шест? Го гледав на Инстаграм како свири Бах на виолончело. Тоа дете е чудо. Јас не сум спремен за деца. Се ежам од помислата дека ќе треба да бидам родител.

Кај мене? А бе, ти реков – немам ништо за кажување.

Не сум патувал никаде во последно време. Се нема време. Плус, аеродромиве се ужас.

Немам нови хобија, рутини и луѓе во мојот живот. Не можам да се замарам со тоа, или да учам нови имиња сега.

Немам да ти кажам некој добар филм или нов документарец. Вртам некои стари со Џон Статам и замислувам како би било да одиш по улица и да шамараш луѓе.

Не, немам ништо објавено. Пред некој ден за малку ќе твитнев дека обожавам сирење, ама си реков батали, може некој да се налути.

Кога сме на темата, како си помина во Јапонија? Неверојатно! Не, буквално немам отидено никаде и немам пробано ништо ново од минатиот пат кога се видовме, пред две години на свадбана. Седам во маало, јадам од сендвичот со пилешко, и скролам три сајта што само ми го потврдуваат она што го мислам. Супер е. Не се натерав да прочитам нешто, пример некаква опака постмодернистичка новела што ќе ме инспирира да драмосерам околу тоа на Гудридс, како доказ дека сум нешто многу паметен.

Чекај!

Го препрочитав првото поглавје од „Животот на Пи“. Никогаш немам прочитано повеќе, не сакам. Бројки и поглавја што не се 1 и први ми прават стрес.

Што прават овие од факултет? Ќути. Разбрав за тоа и уште не ми се верува. Еј, многу е кул што со жена ти правите викендица сами.

Ќе има и будистички олтар? Стварно? Каналот на син ти каде што свири виолончело стигнал до 250 000 следачи. Честитки! Не е лошо за дете што има само 6 години. И секоја чест за Пулицеровата награда што ја освои жена ти за збирката поезија. Ми кажа и некои други работи ама ми дојде многу наеднаш. Драго ми е што ти оди. Сите сме различни.

Лично, мојот живот се врти околу пет-шест работи што ми прават убаво. Ништо повеќе. Мислам дека сум така скроен.

Да, ги видов тетоважите што Кевин и Шели ги направиле за веридбата. Тањирчиња за нудли! Затоа што и двајцата сакаат нудли! Лудило. Одамна не сум тетовирал нешто. Да, само таа ми е од факултет, Consolatio per reperirio на раката. Тоа е латинска изрека што значи „смирување преку повторување“. Премногу на прва? Мене не ми е. Прилично ми е удобно во мојата комфор-зона.

Можам да се преправам, чисто да се најдеме во муабет, дека сум почнал да експериментирам со психоделици што ме довело до некакво интергалактичко сознание околу тоа дека спиритуалност без религија е можна. Сепак, тоа е надвор од мојот домен. Кога животот ви е совршено бутање од колачот на задоволството, како што е во мојот случај, човек нема што да додаде.

Јас сум топ.

Дали некогаш само лежиш во кревет со часови, мислејќи на тоа како си целосно задоволен и како смртта е далечна, безлична апстракција? Не? Значи само јас.

Сериозно, човече, оваа свадба е најинтензивното емоционално искуство што сум го доживеал годинава. Ми се оди дома.

Ама пази – планирам да земам куче, ќе настапувам пред аудиториум и ќе одам на концерт на Е.Д.М со уште десет исклучително забавни пријатели со кои морам да те запознаам. Ха! Пет проценти од ова да беше точно, ќе ми пукнеше главата. Или ќе ми се подуеше. Како и да е поточно.

Мислам дека сега ќе напуштам, одам дома да ѝ ставам храна на златната рипка и да се легнам. Пак се шегувам. Јас немам златна рипка. Само една слика од златна рипка. Мојот план за вечерва е да земам сендвич, да скролам Твитер додека не ме заболи раката, а потоа да го гледам „Транспортер“ со Џејсон Статам, а тоа – верувајте – е страва од провод.

Алекс Баја, „Њујоркер“

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *