Изложбата се отвора вечерва, во 20 часот и е насловена како „Повисоко од себеси“, а содржи серија женски портрети. Академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски ќе има самостојно претставување пред скопската публика до 6 ноември, во Салон 2, во Културно-информативниот центар во Скопје.
Тони Шулајковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, насока сликарство, во класата на Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година. Постдипломски студии на насоката сликарство завршил на ФЛУ, во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Од 2005 година работи со талентирани деца во приватното ликовно студио во креативниот центар „Арс вивенди“.
Неговите дела се наоѓаат во многу домови и се дел од многу колекции во Македонија, но и во Ирска, Холандија, Белгија, Германија, Австралија, САД, Тајланд, Канада, Нов Зеланд, Англија, Грција, Србија, Хрватска, Швајцарија, Словенија, Бугарија и Франција.
Досега реализирал 55 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби. Добитник е на повеќе награди, како Награда за сликарство – ДЛУМ (2016), Награда „Сликар на годината 2012“ на Остен – Светска галерија на цртеж (2013), Награда за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“ (2008), Награда за најдобар студент на педагошкиот оддел на ФЛУ – Скопје (1992).
– Творештвото на Тони Шулајковски е една звучна полифона импресија во постојано превирање. Тоа е сегмент на една траекторија инсертирана во безвременоста низ која се движи балансирано низ некои недоосознаени сфери на една бинарна аналогија на микро и макроуниверзумот на свеста и потсвеста… Композицијата во својата диспозиција се стреми кон монументалното, проткаена со хетерогено вткаени, заметнати симболи-метафори-алегории на собитија како самоникнати во симбиозата на цивилизациските рецидиви што ги доживуваме ововремено и реално и надреално, оживувајќи ги фрагментарно и испрекинато, колажните инсерции на времето минато, сегашно и идно… – посочува критиката.