Сутерен.мк

Што сме им згрешиле па, на Бугарите?

Не знам што сме им згрешиле на Бугарите, реагираше српскиот претседател Александар Вучиќ на вчерашната одлука на осум држави да не ѝ дозволат на Србија да го отвори третиот кластер од преговорите со Европската Унија.

Покрај Бугарија, меѓу нив биле и Естонија, Летонија, Литванија, Шведска, Финска, Холандија и Хрватска.

„Бог да ме праша што сме им згрешиле на Бугарите, не би знаел да му кажам и објаснам. За Хрватите сѐ ми е јасно, тука немам проблем да сфатам“, кажа Вучиќ.

Тој најави дека Унгарија како актуелен претседавач со ЕУ за следната недела ќе закаже нов состанок, зашто меѓувладина конференција треба да се одржи меѓу 16 и 20 декември.

„Им благодарам ако го отворат третиот кластер, им благодарам и ако не го отворат. Важно е да продолжиме да се бориме и да разговараме со сите нив. Ние ќе се потрудиме следната година да бидеме најбрзо растечката економија во Европа“, рече Вучиќ.

Српските медиуми вчера објавија дека не бил постигнат консензус за оваа тема и на третиот состанок на амбасадорите на членките на ЕУ. Како главни причини биле наведени неусогласеноста на Србија со надворешната политика на ЕУ и санкциите за Русија, нејасното геополитичко определување на Србија и проблеми во владеењето на правото и во односите со Косово.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *